МАКРОН ГИ ВОДИ МАКЕДОНЦИТЕ ВО ПРОПАСТ

t

Една мудра народна изрека вели – кога некој по втор пат се сопнува на ист камен, треба да ја скрши ногата. Тоа важи и за нашава власт којашто, особено во надворешната политика, го уништува македонизмот и срамно ги повторува грешките. По Грција, истото и се случува и со Бугарија, само во полоша форма. Сепак, додека во првиот случај немавме избор и ништо не зависеше од нас, сега се’ е во наши раце, ама нема кој да ги брани нашите фундаментални интереси.

Дозволуваме и проблемот со Бугарија да добие мултилатерален карактер, токму како што ни се случи и со Грција. Согласни сме бугарските политички гнасотии да станат дел од нашите преговори со Унијата. Така, солидарно зад Софија ќе стојат останатите 26 членки, заедно со САД, коишто се носител на проектот за бришење на Македонците. Тоа само значи дека дефинитивното затворање на “Македонското прашање“ е на дофат и неизбежно.

Објективно, во судирот со Грција, Македонија немаше избор. Сценариото, отворено го спроведуваше Вашингтон, слепо следен од Брисел. Поаѓајќи од сопствените интереси, тие на проблемот веднаш му дадоа мултилатерален карактер, префрлајќи го прво во ЕЕЗ (ЕУ) а потоа и во СБ на ООН, бришејќи ја билатералната димензија. Тоа беше погубно за Македонија. Соочена со реалноста дека: а) државата не беше признаена; б) српската војска се’ уште беше во земјата; в) девизните резерви беа 30-тина милиони долари, недоволни за нафта, потребна за три месеци…, Македонија тогаш не можеше да тропне на маса и да каже – доста беше!

Сега, ситуацијата е целосно различна и нема никаква потреба да се однесуваме срамно и понизно. Очигледно е дека Вашингтон, во договор со Брисел, повторно сака проблемот да го стави во мултилатерален контекст. На тој начин, најлесно рушат се’ пред себе. Свесни се дека, како и во Нивици, вазалната власт во Македонија најбргу така ќе капитулира. И македонските политичари го знаат тоа. Ќе тврдат: немаме избор, ЕУ го бара тоа од нас! Не, Бугарија! Ќе лажат дека сме на прагот на Унијата а најмалку уште 20 години нема да го помирисаме Брисел. Инсистирањето на Бугарија, пак, нивните барања да се внесат во преговарачката рамка, значи дека истите преминуваат во надлежност на Унијата. Софија бара од Брисел дури и гаранции за реализацијата на нивните интереси, што е надвор од умот. Тоа е спротивно на сите основните вредности на Унијата! Ако бугарските грозоморни бедотии, сепак, влезат во рамката за преговори, ќе се олесни бугаризирањето на Македонците, и тоа да стане неизбежно. Од тој момент, ние во Брисел ќе мораме да докажуваме дека сме Македонци, дека зборуваме македонски јазик…, не во Софија. Во секој случај, послаба позиција за нашата земја, не може да се замисли.

Нашата, пак, начелна спремност да се внесат Бугарите во Уставот и тоа како конститутивен народ е непростлива историска грешка, и тешка будалштина. Разбира ли некој дека ние прифаќаме дека Бугарите се основоположници на македонската држава? Дека е тоа ново негирање на АСНОМ? Дека со таков чин ние прифаќаме дека тие биле наши ослободители во Втората светска војна, а не фашистички окупатори? Дека со еден таков бесмислен и ментално девијантен чин ние потврдуваме дека оваа држава е бугарска? Зарем никој не сфаќа дека главните сили на меѓународниот фактор се концентрирани на бришење на Македонците како посебен народ и дека, токму затоа, се бугаризира земјата? Кога нив формално ќе ги снема, а тоа ќе биде многу скоро, оваа држава, барем едниот нејзин дел, тој што не е албански, ќе може да биде само бугарски? И, сето тоа се прави во ситуација кога Софија не признава дека воопшто има Македонци! Затоа, тие го цементираат бугарскиот карактер на Македонија, додека ние се правиме недоветни. Ние ќе ги ставаме во Уставот, откако на пописот се пријавија цели три илјади Бугари! Иако Софија сигурно жестоко агитирала да ги има што повеќе. Сепак, најстрашно е што не бараме реципроцитет за стотици илјади Македонци во Бугарија, кои немаат никакви права! Има дури 14 пресуди на Европскиот суд за човекови права во корист на Македонците, коишто не само што ги игнорира Софија, туку и ние не ги есапиме! Има ли политичар во оваа напатена земја со барем пет грама памет во главата?

Народот вели дека и жабата, кога видела дека коњот се потковува, и таа ја кренала ногата. Истото тоа го прави и нашата неука власт. И таа бара гаранции од Брисел. Тоа го повторуваат претседателот и премиерот. Зарем е можно да не им е јасно, или нема кој да им објасни, дека се работи за рамка и тоа преговарачка? Во неа ниту е, ниту може да биде прецизирано што се’ ќе биде покренато против Македонија во 35 поглавја, коишто еден ден ќе следат. И, второ, во неа не може да има наши барања. Тогаш, за што да бараме гаранции? Дека ќе се реализираат бугарските хистерии, кои неизбежно геометриски ќе се шират во текот на преговорите? За нас е клучно во рамката да не бидат на никаков начин спомнати двата за нас катастрофални договори со Бугарија и Грција. Порано или подоцна, ние ќе мораме или да ги откажеме или, барем, релативизираме. Тие се основата за разнебитувањето на Македонците. Ако тоа го дозволиме, директно ќе се согласиме со дефинитивно затворање на “Македонското прашање“, односно на сопствено самоуништување. Впрочем, ако навистина сакаме да се бориме за нашите фундаментални интереси, треба веднаш да го откажеме договорот со Бугарија и да започнеме преговори за нов, реципрочен договор, во кој свое важно мести ќе имаат и Македонците во Пирин. Без нив, не смее да има никаков договор со Софија.

Тука не завршуваат нашите бескрајни безумности во однос на Бугарија и преговорите со ЕУ. Откако е познато дека францускиот предлог е целосно во корист на Софија, што не треба да изненадува, и дека со него бугарските налудничави бесмислици стануваат дел од политиката на Унијата кон Македонија, нашите “политичари“ не уверуваат дека треба да почекаме тој да ни биде официјално доставен, та потоа ние да го кажеме своето мислење!? Прво требало да се договореле членките на Унијата, потоа да се согласела Бугарија и потоа ќе дошол нашиот ред?! Просто да не веруваш! После смрт, живот. Прво треба да ја чекаме пресудата, без да се обидеме да се земат во обѕир нашите факти и аргументи! Сепак, се чини дека овие изјави се чисти манипулации со јавноста. Има силни индикатори дека Франција има наша согласност за предлогот и дека само уште Бугарија треба да аминува. Тешко е да се замисли дека Макрон би ризикувал да ја мобилизира Унијата, за Македонија да биде против!? Не е толку наивен.

На 8 јуни 2022, “Слободен печат“ (“Емануел Макрон ја почна посредничката мисија“) објави дека Макрон телефонски разговарал со Р. Радев и Д. Ковачевски и дека разговорот бил во функција на изнаоѓање на договор меѓу двете земји. Елисејската палата соопштила дека – “Макрон изрази целосна поддршка за договор меѓу двете земји, како и ПОЧИТУВАЊЕ НА ОСНОВНИТЕ ПРАВА НА ГРАЃАНИТЕ ШТО ИЗЈАВУВААТ ДЕКА ПРИПАЃААТ НА ДРУГИ ЗАЕДНИЦИ ИЛИ МАЛЦИНСТВА“! Веројатно се работи за превид на француската дипломатија. Тие секако мислеле на измислените Бугари во Македонија, ама ни дадоа историска шанса да инсистираме на Македонците во Бугарија, како клучен проблем и наш најсилен аргумент против Софија. Така би постапил секој одговорен политичар и дипломат. Впрочем, така се гради позиција во секој спор, ама за тоа треба и нешто да разбираш, и не да бидеш политичка tabula raza.

Дека имало некаков договор на Макрон со Ковачевски, индиректно ни потврди и Али Ахмети. Рече дека спорот со Бугарија ќе се реши до крајот на месецов! Тој можел да го цитира само МНР, Османи, најодговорниот за проблемот, вклучувајќи и за нашите веќе дадени срамни отстапки.

Во “Слободен печат“ (“Францускиот предлог ‘не врви’ ни во Бугарија ни во Македонија“, од 18/6/2022), се пренесува дека Ковачевски, на “Преспа форумот“, по кој знае кој пат повторил – “Нашите позиции се јасни, нема разговори за македонскиот јазик и за идентитетот на македонскиот народ од кој било аспект“! Премиерот заборава дека МНР Османи, во повеќе прилики, нѐ информираше за формулациите околу кои се преговара за јазикот, што значи дека тој е на маса. Решението било двете земји да дадат свои одвоени видувања, коишто би влегле во преговарачката рамка. Поголема глупост не може да се замисли. Прво, тоа значи дека јазикот меѓународно ни се проблематизира со наша согласност. Второ, Бугарите сигурно ќе изјават дека македонскиот јазик не постоел до 1944 година и бил дијалект на бугарскиот, што трајно ќе остане како неспорен, историски факт, со кој ние сме се сложиле, макар имплицитно. Трето, било договорено дека ние ќе изјавиме дека нашиот јазик е кодифициран во 1945 година!? И полуписмен човек ќе заклучи дека ако јазикот ни бил бугарски до 1944, што ние не смееме да демантираме во изјавата, тој може да биде само негов дијалект, кога сме го “претвориле“ во македонски. Тоа никој не може да го разбере поинаку, и значи срамно откажување од нашиот јазик. Побргу или подоцна, тоа секако ќе ни се удри од глава. Во текот на преговорите, токму врз таа основа, македонскиот јазик во најмала рака повторно ќе биде деградиран во – “според Уставот“.

Во Унијата, и низ светот, Софија дистрибуираше и “објаснувачки меморандум“, во кој прецизно кажа дека ние сме Бугари до 1944 година и потоа измислена нација. И тој, или негови делови, веројатно ќе влезат во рамката или, ако ништо друго, останува како официјален бугарски документ кој секако ќе има своја улога во преговорите, бидејќи ние не го оспоривме. Тоа значи дека и идентитетот ни е на маса. Ако премиерот, пак, се сложува дека ние сме денес Македонци ама до 1944 сме биле “Бугари“, тоа е веќе друга работа. И неговиот претходник мудро не уверуваше дека се работи за историски прашања коишто, нели, не се битни! Важно е денес ние да сме биле Македонци. Нема врска дали нашите родители и дедовци биле Бугари. Впрочем, тие не се меѓу живите. Нека им е лесна земјата. На оној свет никој нема да ги прашува што биле по националност. Освен што ќе се превртуваат во гробовите, тие нема да имаат можност да ги оспоруваат бугарските, сега и европски мизерии.

Свети Петар ги распоредувал ново дојденците и прашал некого – ти, од каде? Од Македонија, одговорил. Во пеколот, одлучил Свети Петар. Аман, бе, била реакцијата, од таму доаѓам!

Пишува:Ристо Никовски Јуни, 2022

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Документи+Видео) Ова се доказите за соработката помеѓу…

Maкедонската јавнос е во шок по деталите…

Добри вести од соседството, пронајдена e Сара!…

Пронајдена е Сара П.(17) од Борча која…

Koнечно искрен политичар: Не верувајте на сѐ…

Не верувајте во сѐ што ви кажуваме.…

Не за џабе ја нарекуваат Белата Палата:…

Истакнат член на партијата и близок човек…

(Видео) ПЕРО АНТИЌ „МУ ГО ЧУВА ГРБОТ“…

Поранешниот прославен македонски кошаркар и актуелен претседател…