Мали бебиња, голем потенцијал: МЗ и Гинекологија со одлични резултати во неонаталната грижа, доенечката смртност во земјава под европскиот просек!
На Светскиот ден на предвреме родените деца, кој годинава за првпат се одбележува на 15 ноември, министерот за здравство Сашо Клековски, заедно со директорката на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, проф. д-р Ирена Алексиоска Папестиев, и раководителката на одделот за интензивна нега и терапија, д-р Елизабета Петковска, го претставија значајниот напредок во неонаталната здравствена заштита во земјата.
Според податоците од УНИЦЕФ, доенечката смртност во 2024 година изнесувала 2,26 на 1.000 живородени деца, што е значително подобро од просекот на Европската унија кој изнесува 3,5. Исто така, во март 2026 година, СЗО, УНИЦЕФ и УНФПА овие постигнувања ги оценеа како најголемо подобрување во преживувањето на децата забележано во светот.
„Имаше јасна цел, програма зад таа цел и поддршка што траеше подолго од еден мандат. Кога тие три работи ќе се најдат заедно, македонското здравство испорачува резултат од светски ранг. Тоа не е успех на едно одделение — тоа е модел што може да се пренесе“, изјави министерот Клековски.
И покрај одличните резултати во преживувањето, надлежните укажуваат дека процентот на предвремени раѓања во земјава сè уште се движи околу 9 до 10 отсто, што е над европскиот просек. Поради тоа, фокусот во наредниот период се поместува кон превенцијата, навременото откривање на ризичните бремености и грижата за здравјето на жената.
На Клиниката за гинекологија и акушерство во периодот од 1 јануари до 31 октомври 2026 година се родени 3.216 живи новороденчиња, од кои 610 (односно 19 отсто) се родени предвреме. Високиот процент се должи на фактот што Клиниката претставува национален терцијарен центар во кој се упатуваат комплицираните и ризични бремености од целата држава.
Директорката Алексиоска Папестиев истакна дека клучни приоритети за периодот што следи остануваат превенцијата, континуираниот мониторинг на растот и развојот по отпуштањето од болница преку достапни специјалистички прегледи, како и силна психолошка и информативна поддршка за родителите.
Успесите се резултат на системска работа, модернизација на условите (набавени се 13 нови инкубатори, 3 беби вормери и специјализиран ултразвучен апарат), како и примена на современи методи како што се „кенгурирањето“ и функционирањето на специјализираниот лактариум.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Мали бебиња, голем потенцијал: МЗ и Гинекологија…
На Светскиот ден на предвреме родените деца,…
„Никој не ме повика, самиот спречив конфликти…
Поранешниот претседател на Србија Александар Вучиќ, ги…
Жена тешко повредена, сопругот ја претепал во…
ОВР Кочани поднесе кривична пријава против Б.О.(43)…
Семејството на Сара до СДСМ: Откажете го…
Форумот на жени на СДСМ ги повика…
(Видео) Филипче: Власта свесно го запира европскиот…
Претседателот на СДСМ и претседател на Националниот…