Малолетничките кои малтретираа и снимаа упатени во воспитно-поправен дом – пресуда за бруталното насилство во Ѓорче Петров!
На четирите малолетнички против кои се водеше постапка за бруталното насилство врз 13-годишно девојче во скопската општина Ѓорче Петров им е изречена мерка упатување во воспитно-поправен дом.
Според информациите, судија за деца во Основниот кривичен суд Скопје изрекол мерка во траење од една година за првообвинетата малолетничка, додека за останатите три мерката е во траење од по осум месеци.
Одлуката сè уште не е правосилна. Судската одлука е во фаза на писмена изработка и сè уште не е експедирана, односно доставена до странките, потврдуваат од Кривичниот суд.
– За предметот со насилство со малолетници од Ѓорче со оглед да се работи за малолетници деца и постапката е тајна, можам да ви потврдам дека случајот е првостепено завршен и изречена им е мерка – заводско воспитна мерка – упатување во воспитен дом и тоа една година за две деца една година а за две деца 8 месеци, соопштија од Кривичниот суд.
Станува збор за случајот што ја вознемири јавноста откако група деца во два наврати физички малтретирале 13-годишно девојче, ученичка во основно училиште во Ѓорче Петров, додека дел од присутните го снимале насилството со мобилни телефони.
На снимките се гледа како девојчето е опкружено од група врсници, по што следуваат кубење за коса, туркање на земја, клоци и удари по лицето. Дел од присутните деца се смеат, додека други го снимаат малтретирањето.
Особено вознемирувачка беше и фотографијата на која две од девојчињата се фотографираат со жртвата додека таа крвари од носот и устата.
По откривањето на случајот, Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против четири малолетнички, една на возраст од 17 години која во меѓувреме стана и полнолетна, како и против три девојчиња на возраст од 14 години, поради основано сомнение за кривичното дело „насилство“.
Обвинителството тогаш информираше дека малолетничките учествувале во дејствија на насилство во два одвоени настани, а постапката се водела согласно Законот за правда за децата.
Во врска со истиот случај, до Обвинителството беа доставени и шест кривични пријави против родители за „запуштање и малтретирање дете“, поради сомнежи дека ја запоставиле должноста за грижа и воспитување. За исходот од тие пријави засега нема информации во доставените податоци.
Со новата судска одлука, постапката против четирите малолетнички добива првостепен исход, но мерките сè уште не се правосилни и останува можноста за нивно преиспитување во понатамошната постапка.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
15.000 потписи за електронски алки за насилниците…
Петнаесет илјади граѓани за помалку од три…
ДЗС: безбедно отстранети две минофрлачки гранати од…
Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) безбедно…
Одамна заслуживме да бидеме во ЕУ, но…
Досието на Македонија е многу сложено, но…
Мицкоски од Самитот во Црна Гора: Очекувам…
Премиерот Христијан Мицкоски очекува силни пораки за…
Македонија со седум борачи на Светското првенство…
На предстојното сениорско Светско првенство во борење,…