„Малореканска Летна Школа – По патеките на Дичо Зограф“ по седми пат во Тресонче
Во селото Тресонче на 30 август ќе биде отворена седмата „Малореканска Летна Школа – По патеките на Дичо Зограф“, посветена на проучувањето и афирмацијата на мијачките зографи, архитектурата и културното наследство.
Годинашното издание е посветено на познатиот зограф Петре Коловски (1931–2025).
Отворањето е закажано за 11:00 часот во Меморијалниот парк „Дичо Зограф“, во рамки на црквата „Св. Ап. Петар и Павле“ во Тресонче. На настанот ќе присуствуваат стручни гости од Македонија и од странство.
По свеченото отворање ќе се одржи и панихида во храмот, во соработка со братството на Бигорскиот манастир.
Настанот има цел да придонесе кон зачувувањето, истражувањето и дополнителната афирмација на богатото наследство на мијачките мајстори и зографи.