Објавено на:

Маск го удвои ветувањето: Секое дете во САД ќе добие по две акции на „СпејсИкс“

t

Илон Маск, најбогатиот човек во светот, објави дека секое дете во Соединетите Американски Држави ќе добие по две акции на „СпејсИкс“ – една од компанијата и една лично од него. Вредноста на подарокот се проценува на околу 18 милијарди долари.

„Секое дете во Америка ќе добие две акции на „СпејсИкс“, една од компанијата и една лично од мене“, напиша Маск на социјалната мрежа Икс (X), чиј сопственик е тој.

Со ова тој го удвои ветувањето што го даде пред нешто повеќе од еден месец.

На 19 октомври, Маск објави на Икс дека следната година на секое дете во Америка ќе му подари по една своја акција на „СпејсИкс“, додавајќи дека тоа е „првиот од многуте“ такви подароци.

Како што пренесува новинската агенција Ројтерс, од „СпејсИкс“ соопштиле дека на секоја сметка од програмата „Трамп акаунтс“ што моментално е активна ќе ѝ доделат по една новоиздадена акција од класа А. Маск, пак, ќе додели ист број акции од сопствениот пакет.

„Трамп акаунтс“ е програма на американската влада преку која децата помлади од 18 години добиваат удел на берзата и можност уште од најрана возраст да создаваат сопствен имот. Белата куќа во октомври соопшти дека се отворени речиси 70 милиони вакви сметки.

Акцијата на „СпејсИкс“ во средата ја заврши трговската сесија по цена од 127,44 долари, па вредноста на ветувањето на Маск се проценува на речиси 18 милијарди долари.

Според податоците од јуни, Маск поседувал околу 6,42 милијарди акции на компанијата, а неговото богатство се проценува на околу 824 милијарди долари

Засега не е познато кога акциите ќе бидат префрлени на сметките на децата. Ниту Маск ниту компанијата не објасниле како ќе се одвива распределбата. „СпејсИкс“ сè уште не одговорил на прашањата на Ројтерс дали донацијата ќе се реализира преку програмата „Трамп акаунтс“ и дали децата ќе мора да ги задржат акциите одреден период пред да можат да ги продадат.

Маск и компанијата „Антропик“ во последните недели понудија сосема различни модели за распределба на богатството создадено во бранoт на развојот на вештачката интелигенција, во услови на сè поголем притисок од јавноста и политиката.

Минатиот месец „Антропик“ одвои пет проценти од своите акции во нов фонд за општо добро, чија вредност се проценува на околу 54 милијарди долари. Маск, од друга страна, ги доделува акциите директно на луѓето, што во октомври го оцени како вистинскиот пристап.

Подарокот на Маск е речиси трипати поголем од донацијата на Мајкл Дел, кој за сметките на американските деца, заедно со сопругата Сузан, наменил 6,25 милијарди долари.

Претседателката на „СпејсИкс“, Гвин Шотвел, и нејзиниот сопруг претходно годинава ветија дека ќе донираат по една своја акција на „СпејсИкс“ за повеќе од два милиона деца на возраст од 11 до 17 години, главно од семејства со пониски приходи.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Маск го удвои ветувањето: Секое дете во…

Илон Маск, најбогатиот човек во светот, објави…

САД подготвуваат нови царини за најмалку 14…

САД се подготвуваат да објават нови царини…

ЕУ планира да вложи до 50 милијарди…

Европската Унија планира да вложи до 50…

Советник на Белата куќа го обвини Нетанјаху…

Високиот советник во Белата куќа, Џош Гринбаум,…

Мицкоски на средба и со Варнс:Се унапредува…

Премиерот Христијан Мицкоски денеска остварил средба со…