Мемориска картичка – или за тоа како сакаат да ни го преформатираат здравиот разум

t

Меморијата е основа за нормален мисловен процес и донесување на соодветни и исправни заклучоци за се во животот, а врз основ на тоа и за донесување здраворазумски одлуки за нашите постапки и делување. Меморијата не е електронско-технички предмет – чип кој може да се замени или едноставно надгради. Меморијата е способност за паметење на наученото и складирање на онаа што е научено низ животот, од нас самите или од нашите предци и таа може да се надградува во однос на личниот капацитет, но по природа би требало постојано да се надградува, секако доколку човекот не доживеал некоја тешка повреда на невролошкиот систем или не дај Боже мозочен удар или пак се соочил со тешки психички трауми. Меморијата покрај лична карактеристика на секого од нас поединечно, во општеството го отсликува карактерот и на колективот, на еден народ, на една нација и тоа се нарекува колективна меморија. Покрај тоа, постои и институционална меморија која во облик на лично искуство ја поседуваат вработените во јавната и државната администрација и вршителите на јавни државни функции. Сепак најмногу личната, колективната и институционалната  меморија треба да ја сочуваат медиумите низ нивните архиви, архивите, државниот архив на Македонија и архивите на националните институции, посебно МПЦ-ОА и МАНУ, како и политичките партии.

Е овие последните, за наша колективна жал се тие кои најмногу се обидуваат да ја избришат меморијата и тоа успешно го прават во своите политички кулоари, но потоа откако ќе се доберат до власта тоа бришење го прават и врз институционалната меморија. Така ни се случува, не само што не постои архива во политичките партии, туку и дел од државната архива во зависност од интересите на моменталната власт се брише, уништува или едноставно исчезнува. Некој, а знаеме кој, мисли дека нашите идни генерации не треба да имаат докази за нивното анти национално и анти државно делување, посебно да се избрише меморијата за нивните ајдучко-крадачки злостори врз сопствениот народ.

Особено е интересен пристапот кон бришењето на колективната меморија, и силниот притисок врз бришењето на личната меморија како нераздвоен дел од создавањето на новата по нивна мера колективна меморија. Целта е јасна, да се претвориме во аквариумски риби со две секунди меморија и да истите политикантски олигархиски играчи постојано ни се презентираат како нови лица и се така до бесконечност во еден систем на магиски круг во кои секојпат се ни е ново, а всушност, во наша Македонија веќе триесет години се е исто. Сликата за тоа дека нешто е ново всушност е минималниот технолошки напредок но и тоа не секаде, а меморијата… Што е тоа?

Така на политикантската сцена се обидуваат да ни се претстават некои „нови“ ликови, а всушност или се старите ликови под нови маски или пак се тоа марионети на истите тие стари ликови, и секако неизбежно е делувањето на балканските разузнавачки служби секоја за свои интереси и со свои цели, но на сите ним им одговара македонскиот народ и по можност целата македонска нација, но посебно македонскиот народ да има што повеќе дупки во меморијата, а уште подобро да има меморија од две секунди. Кај некои поединци тоа и им успева.

Затоа денес може да проследиме една во најмала рака беспредметна дебата без општествен интерес и цел (освен секако да се создаваат уште неколку спротивставени страни во македонското општество, па нека е тоа и за баналности) и без било какво политичко влијание врз актуелниот политички миг, а тоа е фејсбук дебатата помеѓу Георгиевски и Груевски. Без намера да се вклучувам во истата, а уште помалку да бранам нечии лик и дело ќе потсетам дека еднаш напишав (обраќајќи му се на Мицкоски), дека првиот беше Војвода, вториот Претседател. И толку, минато свршено време, политички завршена кариера и на обајцата, би било добро да ја вклучат нивната меморија и да напишат нешто во облик на мемоари и на тој начин остават запис за мемориската картичка на сите нас од ВМРО-ДПМНЕ, на македонската јавност, на колективната меморија, на идните поколенија и на историјата за нивните видувања, постапки и моменти како претседатели на ВМРО-ДПМНЕ, а на тие кои сакаат да читаат да им остават самите да донесуваат заклучоци, толкувања и во иднина не со нив туку со некои други да спорат. Но што правиме со третиот лик кој е на чело на ВМРО-ДПМНЕ, кој се претставува за претседател (неважно кој го донел или кој придонел да дојде по прв пат таму каде што е сега веќе нелегално) и на кого му порачав дека за разлика од првите двајца, Војводата и Претседателот, тој како трет остана само Мицко во колективната меморија на сите нас во Македонија, особено на нас од ВМРО-ДПМНЕ. И оваа по изборите ќе се потврди како израз на една мала фигура во епизодна улога на политикантскиот театар во Македонија. Во овој контекст повеќе ме интересира кој од неговото непосредно опкружување става нова маска со чија помош ќе се обидат да го заменат Мицко со неговата истрошена маска зад која се гледа грдото лице на енергетската мафија и политичката олигархија, а без согласност на нас членовите на партијата. Е јас знам кој е, но не сакам да кажам. Ова што не сакам да кажам има за цел драги мои читатели да ви ја разбуди и врати меморијата, особено нам членовите на ВМРО-ДПМНЕ за да не ја направиме истата грешка и да заборавиме нешто што во моментот се случува пред наши очи. Ете така, со меморија од две секунди, заборавивме која е Гордана Силјановска-Давкова и сега ќе мораме до крај да си ја носиме, всушност ќе мора да си ја носат клиентелистите и подлизурковците на Мицко, ние останатите не мора и убеден сум дека нема, иако еднаш веќе ја носевме безуспешно заради мир во партијата. Но како се вели, само будала два пати од исти камен се удира. Секоја сличност и препознавање со метафората со упорноста на некои мој сопартијци да ми објаснат како не е баш исто и дека Давкова ќе ни донесе додадена вредност (зборови кои љуби да ги употребува Мицко) е намерна и тоа во целост е зависно од нивната лична мемориска картичка која нема autosave и етика да не бидат хипокризични. Тоа е сосема исто и во контекст на божем про-европските ставови на Силјановска и нејзиниот суптилен став кон политиките и институционалната меморија на ЕУ и позицијата на Бугарија, како и чудната критика кон европската крајна десница и пофалби кон нејзините идеолошко-политички блиски колешки од СДС за кои дури и самата би гласала, како и неразбирливото „просветителство“ кон политичари. Тука имаме и безброј прашања кои треба да му се постават на Мицкоски, а кои во овој предизборен период треба да ни ги одговори, но за тоа, потоа.

Од другата страна на паричката, доколку во наша Македонија може да кажеме дека има друга страна е СДС и сите негови асоцијални постапки во операцијата „менувај маски и улоги“ со цел да се избрише колективната меморија најпрво на членовите на СДС. Така одеднаш, Ковачевски се поместува во вториот или третиот или некој си меѓу ред, како да не сака да биде видлив овој период. Одненадеж се појавува Заев во ликот на Филипче. Оној Филипче – Вилипче, докторот де, кому му изгоре болницата во Тетово со страотни последици, а зад чија маска се гледа грдиот лик на Муртинецот и оној на Анѓушев. Патем, тоа е оној истиот Анѓушев менторот, колегата, бизнис партнерот и пријателот на Мицко, ова само за refresh на вашата мемориска картичка. Или некако го снема Спасовски кој веројатно дефинитивно разбра дека треба да оди во политичка пензија, но би било добро да замине во општествена пензија и во исто време да одговара за сторените и не сторените дела и недела. Одненадеж го гледаме Маричиќ, новото лице на СДС кое до 2016 година да се потсетиме беше дел од „Шарените – невладини“ и со мене водеше дуели по македонските телевизии кои медиуми тогаш имаа задача да го поддржуваат при што не ретко морав да играм симултанка на дуелите во кој покрај Маричиќ, Апасиев и други лица под маски се придружуваа и водителите во докажувањето на нивната вистина која мораше да биде вистина за граѓаните за да се избрише мемориската картичка во тој момент и да се форматира во друга меморија.

И кога сме веќе кај другарот Димко, тој вака со сите сили се бореше да го доведе Заев на власт и колку што може да видам, сега нешто божем се бори против СДС и ВМРО-ДПМНЕ или подобро речено, во недостиг на политичка идеологија десна и лева, Апасиев води лична битка против Мицкоски и Ковачевски кои се исплакнати од секаква политичка идеологија, бидејќи единствена идеологија им е личниот профит. При тоа на македонските граѓани им нуди троцкистичка идеологија во комбинација со национал-социјализам и сталинизам. Нели по моделот на демократски централизам ќе не враќа во некои убави времиња на тоталитарните политички идеологии од дваесеттиот век и тоа по принципот на расипана мемориска картичка низ призмата на розови очила.

Тука мора да го споменеме „новиот“ Максим Димитриевски и тоа што мисли дека знае во ЗНАМ, но и ние знаеме и тоа многу повеќе од него, бидејќи се сеќаваме на неговата улога во СДС во 2017, 2018 и понатаму. Впрочем на последниот јавен дуел кој на медиумите го имав со него и тоа токму на 27-ми Април 2018 година и по прашање на клетниците кои пострадаа на истиот ден 2017 година, го поразив и него лично и неговата – нивната политика, а во тоа време сеуште верувајќи дека Мицкоски има во себе вмровска идеологија и човечка чест. Истиот тој Димитриевски со помош на Мицкоски три години подоцна стана градоначалник на Куманово при што беше жртвуван и тоа најбрутално Тони Михајловски како наш вмровски кандидат. Затоа освежете ја вашата меморија и не се чудете на тоа што Весна Бендевска, да да, онаа Бендевска од СДС во времето на Бранко и Бучко и Шеќеринска и Заев и Ковачевски, гостува на Алфа ТВ и тоа кај Момировски и Милосављевиќ и неможе да заспие, посебно кога зборувајќи за нејзината одлука да му се „придружи“ на Максо (викан Тарзан, зошто ли ја земал маската на Тарзан, или не е маска…), јасно се гледа дека таа судбоносна одлука ја донела со тешко срце, но секако откако Бранко Црвенковски, нејзиниот Папа и се јавил дека е време да ја смени маската. Во меѓувреме и Минчев ја смени маската откако Папата му даде друга, нова, а во договор со Мицкоски сите заедно глумат нови лица под нови маски прикажувајќи се божем се против СДС и при тоа сметаат на слабиот капацитет на мемориската картичка на секого од нас поединечно. Посебно на нас од ВМРО-ДПМНЕ, сметајќи не за будали.

Во овој контекст на слаба мемориска картичка и најмногу на нејзино бришење за да се прифатат овие „нови“ ликови и повторно на власт и по триесет години да остане политичката олигархија криејќи го своето грдо лице зад нови маски на исти лица, со сите сили помагаат и дел од независните и нели непристрасни медиуми.

Мислам дека е доволно кажаното во оваа колумна и се надевам дека барем ние членовите на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидеме во состојба во потполност да си ја вратиме нашата лична и партиска меморија, но апелирам и до сите граѓани на Македонија да си ја вратат својата лична и со тоа и колективна меморија, за да не биде повторно „не знаевме“, бидејќи драги мои, многу добро знаете, само обидете се да се потсетите без автоцензура на вашата мемориска картичка и со постојан refresh.

Колумна на Проф. Д-р. Оливер Андонов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Оливер Спасовски ќе биде координатор на опозициската…

Оливер Спасовски ќе биде координатор на опозициската…

Гласање или специјална операцијa

Ете, гласавме против СДС корумпирано и распаднато…

Бугарски бесрамности и македонски ќор-сокаци: Политичари аматери…

БУГАРСКИ БЕСРАМНОСТИ И МАКЕДОНСКИ ЌОР - СОКАЦИ…

Никовски: Украина носи несогледливи последици за сите…

УКРАИНА НОСИ НЕСОГЛЕДЛИВИ ПОСЛЕДИЦИ ЗА СИТЕ Се…

Трифун Костовски: Институциите не ги штитат граѓаните…

ЕУРОСТАНДАРД БАНКА, ЖРТВА НА ПОЛИТИЧКИОТ СИСТЕМ ВО…