Мисајловски: Продолжуваме со уште позасилено темпо да ја развиваме Армијата
Македонската Армија денеска, 18 август, одбележува 34 години од формирање.
На централната церемонија која се одржа во Охрид, министерот за одбрана, Владо Мисајловски истакна дека Македонија е безбедна и стабилна држава, а Армијата е столб на стабилноста и институција на која граѓаните и партнерите можат да се потпрат.
Тој ја искористи можноста да истакне дека модернизацијата на Армијата се реализира согласно планираното, со набавка на современо и софистицирано вооружување, опрема и системи, како и со инвестиции во инфраструктурата и подобрување на условите за работа на припадниците.

– Повеќе од јасно е дека конвенционалното војување е променето и за да се биде подготвен за одговор, потребно е да се направи адаптација во сфаќањето и одбраната, рече Мисајловски.
Тој посочи дека во тек е набавка на различни видови опрема, меѓу кои артилериски системи, средства за противвоздушна одбрана, беспилотни системи, системи за противоклопна борба, опрема за сајбер-заштита, опрема за воздухопловна поддршка и комуникациски системи.
– Процесот на модернизација на Армијата се реализира согласно сите наши планови. Пристигна бројна опрема, истакна министерот, додавајќи дека годинава се очекува и пристигнувањето на првите два нови хеликоптери.
Мисајловски најави и продолжување на инвестициите во инфраструктурата. Во следниот период, како што рече, се предвидени над 12 милиони евра, додека досегашните инвестиции изнесуваат повеќе од 3,1 милиони евра.

– Во следниот период продолжуваме со уште позасилено темпо да ја развиваме Армијата – со повеќе набавки од секој вид опрема, со силни инвестиции за инфраструктурата на Армијата, со повеќе вежби и повеќе обуки, порача Мисајловски.
Тој најави и ставање во функција на Центарот за обука на пилоти, кој, како што рече, десет години бил нефункционален, а особено значење има и развојот на воздухопловната компонента на Армијата и најавеното формирање катедра за воено воздухопловство и противвоздушна одбрана на Воената академија.
Министерот нагласи дека со Генералштабот и сојузниците се работи и на нови стратешки документи кои треба да дадат насока за натамошниот развој на одбранбените капацитети.
Говорејќи за вложувањата во одбраната, Мисајловски посочи дека годинава буџетот за одбрана, заедно со активностите поврзани со одбраната, достигнува над четири проценти од БДП.
– На тој начин ја зацврстуваме нашата безбедност, безбедноста на регионот и на источното крило на НАТО. Во исто време покажуваме дека сме кредибилен и доверлив сојузник во рамките на алијансата, рече тој.
Мисајловски потсети и на учеството на македонските војници во меѓународни мисии и активности во Латвија, Бугарија, Романија, Косово и други мисии, заблагодарувајќи им се за професионализмот и придонесот кон колективната безбедност.
Тој најави и подобрување на статусот на професионалните војници преку нов колективен договор и други решенија насочени кон подобри услови за работа.
На свеченоста присуствуваше државниот врв, министри, поранешни началници и воени лица, амбасадори.

Беа доделени и признанија за припадници и единици на Армијата, меѓу кои и Орденот за воени заслуги за Командата за операции, за особениот придонес за изградбата, развојот, зајакнувањеот на капацитетите и за зголемувањето на борбената готовност на македонската армија како клучен заштитеник на интегритетот и суверенитетот на државата, како и на Центарот за одгледување и дресура на кучиња, за исклучителните резултати во извршувањето на своите специфични задачи и за исполнувањето на мисијата како особено значајна структура на македонската армија.
Во рамки на свеченоста им беа доделени признанија на најдоброрангираните потпоручници во класата, и тоа на најдоброрангираната Марија Недева, второрангираната Наталија Кочовска и треторангирана Антонела Јакимовска.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Мисајловски: Продолжуваме со уште позасилено темпо да…
Македонската Армија денеска, 18 август, одбележува 34…
34 години АРМ: Модерна, современа и целосно…
Армијата денеска одбележува 34 години од формирањето…
Армијата доби 53 нови офицери, Мисајловски: Ќе…
Македонската Армија денеска доби 53 нови офицери…
Началникот на германската армија во посета на…
Висока делегација на Вооружените сили на Германија,…
Мицкоски: Македонската Армија добива признание и поддршка…
Ми останува само да се заблагодарам на…