Митрески во посета на украинската Врховна Рада: Поддршката за Украина е поддршка за мир во Европа

t

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Јован Митрески, на покана од претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук, претстојува во еднодневна посета на Украина, на настаните посветени на втората годишнина од почетокот на руската воена агресија од големи размери на територијата на Украина. Во рамките на посетата, тој се обрати на специјалната седница на Врховната рада на Украина.

Во своето обраќање пред украинските пратеници и високите гости, претседателот Митрески ја потврди цврстата, недвосмислена и решителна поддршка и солидарност за Украина, украинските институции и украинскиот народ и нагласи дека граѓаните на Република Македонија се, и остануваат со граѓаните на Украина за сета помош и поддршка што е неопходна.

„Денеска, на 24 февруари, сме овде во Киев за да испратиме силни пораки за мир, разбирање, толеранција и почитување на другиот, но во исто време да испратиме исто толку силна порака дека демократскиот свет е обединет во поддршката на Украина во борбата за правда, одбрана на нејзината територија и одбрана од империјалните апетити на нејзиниот сосед“, истакна Митрески. Тој оцени дека руската агресија врз Украина е предупредување за сите дека мирот, независноста и слободата не треба да се земаат здраво за готово. „Но, сето ова зло, сета оваа неправда, не го уништи духот на Украина, не ја уништи волјата на храбриот украински народ да се спротивстави на оваа агресија и да се бори за територијалниот суверенитет на сопствената држава и за сопствената независна и слободна иднина“, додаде тој.

Митрески изрази цврсто уверување дека, како и досега низ историјата, демократските вредности ќе ја победат агресијата, а соработката ќе се насочи кон разговори за подобар животен стандард, просперитет и развој, културна соработка и размена.

Во продолжение интегрално ви го пренесуваме обраќањето на претседателот на Собранието Митрески:

Почитуван претседателе Стефанчук,

Почитувани пратеници,

Дами и господа,

Моето обраќање денеска од тука, од Врховната рада на Украина, на двегодишнината од еден од најмрачните денови во поствоената историја на Европа за мене претставува особена чест, но во исто време е поврзано со тага, затоа што Украина, како независна земја која сака да оди по својот независен и европски пат, беше цел на сурова агресија од страна на Русија.

Денеска, на 24 февруари, сме овде во Кијив за да испратиме силни пораки за мир, разбирање, толеранција и почитување на другиот, но во исто време да испратиме исто толку силна порака дека демократскиот свет е обединет во поддршката на Украина во борбата за правда, одбрана на нејзината територија и одбрана од империјалните апетити на нејзиниот сосед.

Точно две години Украина, но и сите демократски сили во Европа и во светот, живеат со ужасите што ги предизвика и сѐ уште ги предизвикува Русија со нејзината со ништо непредизвикана целосна агресија не само врз земјата, туку и врз украинскиот народ.

Илјадници Украинци се жртви на оваа грозоморна агресија, милиони Украинци се раселени и внатре во земјата и низ Европа, на децата им е одземено безгрижното детство, уништено е огромно историско и културно наследство, нанесена е огромна штета на економскиот напредок и просперитет на оваа убава земја.

Но, сето ова зло, сета оваа неправда, не го уништи духот на Украина, не ја уништи волјата на храбриот украински народ да се спротивстави на оваа агресија и да се бори за територијалниот суверенитет на сопствената држава и за сопствената независна и слободна иднина.

Мислевме дека по разорните војни и страдањата во 20. век на европскиот континент, кои однесоа милиони и милиони животи, народите и државите, и покрај повремените напнатости, можат да живеат еден покрај друг во одржлив мир.

Но, очигледно дека за да се одржува мирот е потребна голема волја и рационално и разумно однесување на сите актери. Особено на политичарите. А не лажни обвинувања и историски опсесии.

Оваа агресија врз Украина е предупредување за сите нас дека мирот, независноста и слободата не треба никој од нас да ги зема здраво за готово. И токму затоа изминативе две години демократскиот свет се обедини и силно застана зад Украина и украинскиот народ во одбрана на нивниот територијален суверенеитет и интегритет.

Страдањата на Украина ја обедини Европа, го обедини светот, кој на Украина ѝ даде безрезервна поддршка од секаков аспект, воена, логистичка, морална. Сето ова создаде цврст бедем за одбрана на мирот и правата на Украина. Европа, ЕУ, САД и другите демократски земји во светот многу брзо разбраа дека токму во Украина се брани мировниот европски поредок и дека доколку руската агресија во Украина успее тогаш и други земји ќе бидат цел на империјалните амбиции на Москва.

Затоа сите земји од овој демократски блок се организираа да ѝ достават воена помош на Украина, во оружје и муниција, за да може да се одбрани од руската агресија. Како и економска помош за да се амортизираат негативните економски ефекти од војната.

Во исто време, демократскиот свет ја изолираше Русија, осудувајќи го нејзиното лидерство како единствено виновно за агресијата. Беа воведени повеќе пакети санкции, врз политичари, бизнисмени, економски ентитети и различни функционери. Нови пакети санкции допрва следуваат.

Почитувани присутни,

Ја користам оваа можност, да ја пренесам пораката дека граѓаните на Република Македонија се со вас, и остануваат со вас за сета помош и поддршка што е неопходна во рамките на нашите можности.

Би сакал да ја пренесам нашата цврста, недвосмислена и решителна поддршка и солидарност за Украина, украинските институции и украинскиот народ.

Нашата држава е свесна колку е тежок патот за создавање на сопствена држава со целосен територијален суверенитет и интегритет, и токму затоа знаеме колку е важно да добиете поддршка во создавање на силен отпор и непоколебливост пред агресорот за да ја зачувате сопствената држава.

Овде од оваа говорница не може, а да не ги истакнам и да ги поздравам вашите напори, како пратеници на Врховната рада на Украина, кои во овие тешки времиња останувате на браникот на одбраната на демократијата и продолжувате да ги застапуваат интересите на вашите граѓани.

Украина во мене лично има искрен и докажан долгогодишен пријател и поддржувач. И во иднина може да сметате на мојата поддршка, како во врска со натамошно унапредување на успешната билатералната соработка меѓу Собранието на Република Македонија и Врховната рада на Украина, така и на мултилатерален план, во рамките на меѓународните парламентарни собранија.

Македонското Собрание и Врховната рада имаат долгогодишна и плодна соработка, а јас како претседател на пратеничката група за соработка со Врховната рада, сум особено горд што таа соработка се интензивираше во последните два мандати, кога јас ја водев групата за соработка.

Токму затоа, на самиот почеток на агресијата, на 3 март 2022 година во македонското Собрание ја усвоивме „Декларацијата за осуда на воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“. Покрај тоа, се приклучивме кон сите резолуции и иницијативи со кои се побара од Русија да престане со употреба на сила во Украина и да ја повлече својата војска. Се приклучивме и кон сите рестриктивни мерки и санкции на Европската унија кон Руската Федерација.

Собранието на Република Македонија е активен учесник во Парламентарната димензија на Меѓународната Кримска платформа, а согласно заклучоците од Првиот парламентарен самит, бевме првиот парламент кој формираше Парламентарна група за Кримската платформа.

Драги пријатели,

Ова се навистина тешки времиња за Украина, но и за целиот демократски свет. Од тие причини поддршката за Украина е поддршка за зачувување на мирот во Европа, но и во светот. Бидејќи ако заедно не се спротивставиме и ако не ја победиме оваа агресија, агресијата ќе нѐ стигне сите нас, независно дали тоа ќе биде на конвенционален или на неконвенционален начин.

Заканата е сериозна и заканата е кон сите нас. Затоа е неопходно сите демократски сили да останеме заедно, како што сме од првиот ден на агресијата за да може не само Украина, туку и цела Европа, да живее во просперитет и мир и да мисли на благосостојбата на нејзините граѓани. Тоа ќе биде највредното нешто што може да им го оставиме на следните генерации. Животот во мир и натпревар во знаење, економија, уметност.

Цврсто сум уверен дека, како и досега низ историјата, овие вредности ќе ја победат агресијата и дека наскоро сите заедно овие мрачни мигови ќе ги оставиме зад нас и дека нашата соработка ќе ја продлабочиме и ќе разговараме за вредностите кои за граѓаните на Украина, но и за сите нас ќе значат подобар животен стандард, просперитет и развој, културна соработка и размена.

Ви благодарам.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Претседателката Сиљановска Давкова ќе ги прими поглаварите…

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ќе ги…

Блинкен: Русија ќе мора да ѝ плати…

Највисокиот американски дипломат го извести украинскиот претседател…

(Видео) Блинкен и Кулеба отидоа на пица…

За време на ненадејната посета на Киев,…

Шокантни информации на Стејт департментот: Тешките загуби…

Портпарол на Стејт департментот синоќа коментираше за…

Зеленски разреши близок соработник

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, го разреши…