Митрополит Струмички Наум: Божик не е семеен празник, бадниковата вечера му е потполно туѓа на црковниот живот

t

Секоја година, околу Божикните празници на површина излегуваат одредени недоумици околу нивното правилно чествување. За да нема многу забуни околу оваа проблематика, Митрополитот струмички Наум дава, како што вели – еден ориентир според кој и најнеинформираните верници можат да се управуваат.

Ориентирот, посочива, е причестувањето со Светите Тајни на Телото и Крвта Христови во Светата Литургија на Црквата. Секој празник во Црквата има една и единствена цел – причестување со Светите Тајни Христови. Без остварување на оваа цел може да стане збор за сѐ, само не и за верско и побожно славење на Бог. Нема причест – нема живо христијанство!

Неговиот став, кој што е споделен од фејсбук-страницата на Премин портал го пренесуваме во целост:

На пример: имаме недоумица во однос на подготовката на таканаречената бадникова семејна вечера. Сега, ако знаеме дека главната цел при дочекот на Рождеството Христово ни е причестувањето со Светите Тајни Христови, тогаш од трпезата веднаш отпаѓа рибата и сѐ што е подготвено на масло (зејтин).

За други мрсни работи и да не спомнувам – секој знае дека пред Причест се пости. Така, ако главен ориентир при секој дочек на некој црковен празник ни е причестувањето со Телото и Крвта Христови, тогаш нема да згрешиме при решавањето на вакви недоумици.

Ви говорам за основни работи; инаку, бадниковата вечера му е потполно туѓа на црковниот живот – ќе ви објаснам дополнително, но сега само едно ќе ви кажам: извадете го лепчето со паричката од бадниковата вечера, како магиски и суеверен чин – што во суштина и е, и ќе се изгуби и смислата и погрешната традиција на бадниковата вечера.

Друго прашање е, на пример, дали одредени обичаи при црковните празнувања се пагански остатоци или се туѓи, или се и едното и другото. На пример, собирањето и делењето бадникови гранчиња е само српски народно-црковен обичај, и на ниту една друга помесна Православна Црква или народ; исто како и кршењето на лебот со паричката на бадниковата вечера (леб со паричка се крши на свети Василиј или т.н. Стара Нова Година), како и со славата и славскиот колач (наместо тоа, правилно е именден и петолебие).

Практикувањето туѓи црковни обичаи е пастирско и идентитетско прашање, така што секој сам нека избере што е по националност, како и кому му служи. Мене тоа ама воопшто не ми пречи – кој што ќе избере, но должен сум да кажам, поради тоа што ние и од СПЦ бараме признавање на нашата автокефалност: со практикувањето на исклучиво нивни црковно-народни обичаи, ние – од световни причини, во голема мера ја губиме основата за тоа барање. Што мислите, како на ова гледаат другите православни народи и Цркви, и како тоа некој им го претставува?

Ние, како МПЦ – ОА, должни сме само во местата каде што живеат нашите браќа Срби да им обезбедиме, ако сакаат, празнување според нивните народно-црковни обичаи и јазик. Се надевам дека еден ден, според Христовото Евангелие, сите ќе сфатиме дека национални поделби не постојат и не се потребни во Црквата, а потребен ни е само пастирскиот пристап – да му се обезбеди секому да Го прославува Бог на својот мајчин јазик. Црквата е Една.

Толкувањето дека Божик е семеен празник, како и таквото празнување, исто така, е туѓо неправославно учење. Каква врска има непорочното и бессемено зачнување, и безболното и девствено раѓање со засновањето на овоземното човечко семејство? Ама баш никаква!

Значи, имаме туѓо учење – неправославно, кое се надополнува со неправославна иконографија: каде што Јосиф и Марија стојат заедно наведнати пред колевката на Исус – што асоцира на семејство, за разлика од православната иконографија каде што Пресвета Богородица и Секогашдева Марија заедно со Богомладенецот Христос го заземаат централниот простор на иконата, а праведниот Јосиф, ако некој не знае, не ни може да го забележи на иконата – насликан негде настрана.

Ако на ова го додадеме и нарочното организирање на семејна вечера токму на Бадник – од 365 вечери во годината, заедно со нарушувањето на определениот црковен пост, а со тоа и неможноста за Причест – се комплетира целата слика колку сето тоа е погрешно. Христовото Рождество не е некаков празник на семејството, туку нормално, после црква го празнуваме и во семејството.

Она што сигурно е грев – етички и еколошки, и што треба веднаш да го промениме, е оставањето на многу семејства во Р. Македонија без огрев и храна преку зима, а сме можеле да им помогнеме. Наместо да палиме ритуални огнови и да ја дозагадуваме околината, и наместо да го нарушуваме постот со мрсни јадења и световни музики и песни, подобро е да им помогнеме на сиромашните со огрев и храна, и ќе видиме каква радост тоа дело на милосрдие ќе ни донесе и кој благослов Божји во животот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Блинкен: САД видоа докази за обиди на…

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска објави…

Ужас: Девојче силувано во струмичко, монструмот е…

На 25.04.2024 во Полициската станица Струмица, во…

Итна евакуација на две болници во Киев…

Градската државна на Киев извести дека итно…

Исчезна малолетничка од Петровец, братот се сомнева…

Малолетничка се оддалечила од домот во Петровец,…

Разбојникот кој ограби казино со автоматска пушка…

Разбојникот од Непроштено кој со автомат ограби…