Мицкоски: Бугарија ги користи механизмите на ЕУ за да нè закочи, но мора да дејствуваме мудро

t

Премиерот Христијан Мицкоски, во своето обраќање по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, порача дека Македонија го минува најдолгиот и најтешкиот пат кон Европската Унија, обременет со неправедни удари и билатерални спорови, но нагласи дека напуштањето на преговорите не е решение. Тој упати критики кон Бугарија, обвинувајќи ја дека ги користи механизмите на ЕУ за да го блокира македонскиот евроинтеграциски процес, и порача дека на притисоците и провокациите ќе одговара со мудрост и трпеливост.

„Верувам во европската иднина и во вредноста на Европа во која различните народи се почитуваат меѓусебно. Нашето место таму треба да го градиме со реформи, со знаење, со силни институции и со зачувано национално достоинство. Нашите граѓани заслужуваат перспектива во која ќе можат да веруваат и пат по кој ќе чекорат исправено“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека ја разбира загриженоста и измореноста на граѓаните од долгогодишното чекање за членство во ЕУ, нагласувајќи дека државата се соочува со постојани условувања и пречки.

„Го врвиме не само најтешкиот туку и најдолгиот пат кон ЕУ, обременет со многу откажувања, поместувања и неправедни удари. Големите го прават тоа што сакаат, а малите тоа што мораат. И ова не е флоскула од учебниците, туку извадок од реалната политика денес“, изјави премиерот.

Според него, и покрај скептицизмот поради условите, критериумите и билатералните спорови, Македонија мора да продолжи да дејствува мудро и обединето.

„За малите народи, иднината е во мудроста и единството. Јас на политиката не гледам како на натпревар во мускули, туку повеќе како на партија шах. И големите се победуваат со мудрост“, рече Мицкоски.

„Напуштањето на преговорите значи отфрлање на единствената шанса“

Премиерот се осврна и на повиците за напуштање на преговорите со Европската Унија, оценувајќи дека таквиот чекор би значел откажување од можноста Македонија да стане рамноправна членка.

„Затоа честопати ни велат: ‘Напушти ги преговорите!’ Лесно е да се каже, но така ја отфрламе единствената шанса да влеземе во клубот и да разговараме рамноправно на истата маса“, истакна тој.

Како пример за значењето на членството во ЕУ ја посочи Бугарија, тврдејќи дека пред нејзиното зачленување не ги поставувала прашањата што денес претставуваат пречка за македонските евроинтеграции.

Мицкоски рече дека источниот сосед пред влезот во ЕУ немал забелешки за добрососедските односи, ниту ги отворал прашањата за внесување на Бугарите во македонскиот Устав и за историските личности.

„Нашиот источен сосед сè до нејзиниот влез немаше ниту една забелешка за добрососедските односи. Сè дотогаш не се интересираше за Бугарите, за кои таа тврди дека е многу важно да бидат дел од нашиот Устав, никој не знаеше за барем еден случај на обесправен самодеклариран Бугар во државава, иако денес лелекаат за неколку, ниту пак некој од нив велеше дека Гоце, Јане, Карев, Ѓорче се луѓето коишто денеска според нив се Бугари“, рече Мицкоски.

Според него, состојбата се променила по влезот на Бугарија во Европската Унија.

„И сè така до влезот во Европската Унија, кога влегоа во просторијата каде што не сме ние и од каде што сега ги користат сите механизми да нè закочат“, додаде премиерот.

Тој нагласи дека токму поради ваквите искуства е важно Македонија да стане дел од Унијата, но дека таа цел треба да се остварува со трпеливост, знаење и единство.

„Мојата задача не е да се занимавам со коски од минатото“

Мицкоски одговори и на критиките дека Владата дејствува премногу воздржано во односите со соседите, нагласувајќи дека станува збор за долгорочен пристап.

„И затоа, кога многумина ќе кажат: ‘Играте млако’, треба да знаат дека дејствуваме трпеливо и со мудрост. Мојата задача како премиер не е да се занимавам со коски кои припаѓаат на минатото, туку со обезбедување иднина која им припаѓа на нашите деца. Да учиме од грешките од минатото. И затоа седнавме на маса за дијалог, од која тие долго бегаа и велеа дека тоа е невозможно“, рече Мицкоски.

Премиерот порача дека нема да подлегне на провокации и притисоци, ниту на, како што ги нарече, игрите на различни служби.

„Нема да паднам во замките на разните служби и на провокациите прикажани преку итроманските игри. На неразумните чекори одговарам со разум, на провокациите со принципи, на притисоците со отпорност и верба во она што сме и што претставуваме“, изјави тој.

Според него, во политиката не треба секогаш веднаш да се реагира, туку е потребна долгорочна стратегија.

„Не треба секогаш на прва да се реагира и јас не трчам трка на 100 метри, туку маратон, и на тој маратон ќе победиме како многупати досега“, порача премиерот.

Тој додаде дека не се кае што води, како што ја нарече, промакедонска политика и дека нема цена што би го натерала да отстапи од тој правец.

„Нашето историско паметење не подлежи на ничие одобрување“

Во продолжение на говорот, Мицкоски упати порака и до оние за кои смета дека се обидуваат преку политички блокади да влијаат врз македонската историја.

„А оние кои се шнајдери на историјата, што мислат дека со вето можат да ни ја прекројат историјата, им порачувам: нашето паметење не подлежи на нивно одобрување. Ниту еден притисок не може да го избрише Гоце Делчев од срцето на македонскиот народ“, рече премиерот.

Тој додаде дека Гоце Делчев е вткаен во македонската борба, слобода и постоење.

„Европа станува немирен вулкан“

Осврнувајќи се на пошироката политичка и безбедносна состојба, Мицкоски оцени дека нестабилноста веќе не е карактеристична само за Балканот.

„Веќе Балканот не е единственото буре барут. Впрочем, Европа станува немирен вулкан. Сè помалку се слуша разумот, а секојдневно ги гледаме и протестите и насилството од разни облици присутни во Европа и кај нашите соседи“, изјави тој.

Премиерот предупреди дека не може да се исклучи можноста од обиди за пренесување на регионалните тензии и во Македонија.

„А на Балканот службите никогаш не престануваат да работат. И нема да ме зачуди доколку има и такви кои ќе се обидат да нè вмешаат во нивните проблеми или да префрлат дел од нивниот амбиент во нашето секојдневие“, рече Мицкоски.

Тој упати обвинувања и кон дел од опозицијата, тврдејќи дека одредени нејзини претставници би можеле да учествуваат во такви активности поради финансиски или политички интереси.

„А што се однесува до домашни актери за таква игра, тоа е многу лесно. Има неколку од опозицијата, што за пари и лажни ветувања за фотелја чуда умеат да прават“, изјави премиерот.

Мицкоски повика граѓаните да бидат внимателни и да не подлегнуваат на провокации, вештачки наметнати прашања и преувеличени етнички теми, оценувајќи дека од таквите кризи корист извлекуваат политички профитери.

„И затоа нема да дозволам никакви нечесни игри ниту авантури. И ако некој мисли дека може да си игра со државата, нека не го потценува народот“, порача тој.

Премиерот призна дека претстојат тешкотии и одлуки што ќе предизвикаат сериозни расправи, но нагласи дека институциите мора да покажат подготвеност за дијалог и коригирање на грешките.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мицкоски: Бугарија ги користи механизмите на ЕУ…

Премиерот Христијан Мицкоски, во своето обраќање по…

ОЈО ги истражува измамите на граѓани со…

Основното јавно обвинителство Велес, постапувајќи во оформен…

Мерц од Црна Гора: Западен Балкан не…

Берлинскиот процес ја докажа својата вредност со…

Пукање во црква во Јордан, најмалку седум…

Најмалку седум лица загинаа, а десет се…

Роналдо стана првиот фудбалер мултимилијардер

Кристијано Роналдо продолжува да ги поместува границите…