Мицкоски во Америка со финансиска конструкција за Чебрен и Галиште
Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за МИА реализирано во САД, каде што престојува во пресрет на Генералното собрание на ОН, изјави дека во разговорите со претставници на ДФЦ (Меѓународна финансиска корпорација за развој на САД), станало збор и за финансирање на проектот „Чебрен“ и „Галиште.
„Наша цел како Влада е да обезбедиме финансирање на проектот Чебрен и Галиште. Од нивна страна има интерес, истиот проект беше презентиран, задолживме канал за комуникација меѓу Владата и ДФЦ, и тоа е добро. Кога станува збор за стратешката и критичната инфраструктура, тука се гасоводите кои што ги градиме, тука се автопатите, Коридорот 8 и Коридорот 10-д и пругата која што ќе биде модернизирана, а е дел од Коридорот 10 и пругата која што ја градиме, а е дел од Коридорот 8“, изјави Мицкоски.
Мицкоски имал средба со Каролајн Вик, која е одговорна за развој и инвестиции низ светот.
„Разговаравме за можно финансирање на Чебрен и Галиште, разговаравме и за друг тип инфраструктурни и енергетски, податочни инвестиции што би ги правела Владата, а исто така и за приватни инвестиции кои што би дошле од Америка во Македонија“, вели Мицкоски,, додавајќи дека оваа финансиска корпорација веќже е присутна во земјава преку финансирање на истражувањето на рудникот за антимон во Крива Паланка, каде што се присутни во делот на ПД грантирање од пет милиони долари, за развој на проектот во Крстов Дол, во местото Луке, паланечко.
Мицкоски вели дека „тоа е само почеток“ и дека врз основа на разговорот што го имал во ДФЦ со Каролајн Вик, интересот е огромен.
Во однос на изградбат ана гасоводот кој треба да ја стави Македонија на енергетската мапа во регионот, Мицкоски вели дека „треба поблиску во јавноста да се објасни што е целта на тој гасовод“. Притоа објаснува дека терминалот за втечнет природен гас, познат како ЛНГ терминал во Грција – Александрополи треба да се поврзе со централна Европа, за да биде конкуренција на Јужниот Поток.
„Капацитетот е некаде околу три милијарди метри кубни, а ако се зголеми притисокот може да дојде и до шест милијарди. Она што го прави специфичен е што гасоводот е двонасочен. Ние досега како држава имавме само еден еднонасочен влез – Жидилово – со капацитет од некаде околу 800 милиони метри кубни, или милијарда и 200 милиони со зголемен притисок. Што значи дека капацитетот на гас кој што би можеле утре да го користиме во Македонија со изградбата на овој гасовод е драматично зголемен, но за да бидеме на рутата на транзит, што е практично и наша цел и амбиција, ние мораме да го завршиме и северниот интерконектор со кој ќе се поврземе со соседна Србија. И тој ќе биде двосмерен, така што кога ќе ги завршиме овие два проекта, што јас очекувам да биде на крајот на 2028 година, геостратешката положба на земјата ќе биде сосема поинаква. Во овој момент ние како држава конзумираме околу половина милијарда метри кубни годишно. Значи ќе имаме 12 пати зголемен капацитет за инвестиции, за гасни централи кои што би произведувале електрична енергија, која што потоа би се користела во некои податочни дата центри, потоа од нив би црпеле можности за вештачка интелигенција. Тоа е еден сериозен и озбилен план за развој на државата и каде би требала да се движи Македонија во иднина“, вели во интервјуто Мицкоски.
Тој додава дека тесно грло се високонапонските мрежи на пренос на електрична енергија и додава дека како земја сме одлично поврзани со нашиот северен и јужен сосед со далноводи на 400 киловотно напонско ниво. Одлично сме поврзани и со нашиот источен сосед, еден 400 киловолтен далновод и два паралелени 110 киловолтни далноводи, и сега го градиме проектот со кој што ќе се поврземе со нашиот западен сосед, повторно со 400 киловолтен далновод.
„Со тоа ќе бидеме буквално енергетска крстосница кога станува збор за преносот на висок напон на електрична енергија. Сите овие проекти се критична инфраструктура. Сите овие проекти ја зголемуваат отпорноста во регионот, безбедноста и се многу значајни за источното крило на НАТО. Ние како држава можеме да ја искористиме нашата сега веќе посилна геостратешка положба и од сето ова да извлечеме корист за граѓаните, и економски побргу да се развиваме. Тоа е суштината и тоа е приоритетот на оваа Влада“, вели Мицкоски.
Во однос на изградбата на дата центри Мицкоски го повтопрува ставот дека тоа е процес кој е неповратен и посочува дека во САД имал разговори и на оваа тема.
„Прашањето е како да го канализираме овој процес и да извлечеме максимум од него. Го спомнавте Крис Павловски и Рамбл – тие сега направија аквизиција, купија компанија во Германија и сега се компанија од околу пет милијарди долари. Тоа е една сериозна групација која сериозно се развива. Да, разговараме со него. Меѓу другото имаме уште пет други компании со кои што разговараме. Сите кои не се разбираат во високата технологија зборуваат за бучава, за водено ладење. Ние сега имаме и воздушно ладење, и фреонско ладење, така што жалам што се уште кај нас постојат и такви политички сили и елементи кои што се обидуваат да не вратат повторно во некои времиња на 19, почеток на 20 век, мислејќи дека на тој начин по пат на емоција ќе привлечат внимание, но мислам дека се политички губитници и ќе бидат поразени бидејќи македонските граѓани сакаат да ја видат државата како оди напред. Оваа Влада има јасен план кој што може да го објасни на една страница“, вели тој. додавајќи дека главната цел на оваа Влада е економски развој кој што ќе се темели на три столба – инфраструктура – патна и железничка, енергетска инфраструктура, производни капацитети и преносни системи и трето – висока технологија меѓу која се и податочните, дата центри, но и диверсификација на преработувачката индустрија бидејќи најголем дел од нашите инвеститори кои се дојдени од странство во периодот 2008 – 2012 година се во автомобилската индустрија.
Мицкоски вели дека нам ни треба високо технолошка индустрија, со голема додадена вредност, со која што ќе го зголемиме бруто домашниот производ, и ќе го зголемува стандардот на граѓаните.
„Овој процес нема да биде за еден мандат. Ова е процес кој што треба да трае 2-3-4 мандати. Не велам дека оваа Влада ќе биде толку долго, ниту пак јас пледирам да бидам претседател толку долго во Владата. Но во суштина ова треба да биде национална стратегија, како треба да се развива државата“, вели Мицкоски, при што на прашањето дали Владата би можела да гарантира дека овие центри за кои се разговара би биле од нов вид, со затворен круг на разладување кои не трошат многу вода, вели „Апсолутно“.
Во однос на договорот за трговија со САД, за кој во изминатите месеци посочуваше дека е пред потпишување, сега вели дека „ние рамката ја дефиниравме“.
„Условите се поставени, останува уште формално потпишување меѓу нашето МНР и нивниот трговски претставник и нивната Влада. Рамката е договорена, условите веќе функционираат. Ние имаме навистина најдобри услови во регионот“, вели Мицкоски без да прецизира дали можеби такво потпишување ќе се случи за време на неговиот престој во САД.
На прашањето за намалување на воената помош од САД и забелешките на опозицијата на оваа тема тој вели дека нашата земја е една од најголемите корисници на воена помош од Соединетите Американски Држави.
„Оваа одлука има друг мотив, за кој што јас нормално сега не би зборувал. Но, нашата соработка во рамките воената индустрија и помошта што ја добиваме од САД останува и ќе се продлабочува“, вели Мицкоски.
Запрашан за асоцијативното членство во ЕУ за Канада, какво што претходно го покренаа Вучиќ и Рама, како и дека некои зборуваат и за Шкотска, Велс, Мицкоски вели дека не сака навлегува во таков тип на дискусија.
„Тоа е се само како брејнсторминг, размена на идеи. За нешто да влезе, да профункционира, тоа подразбира промена на договорот што го има самата ЕУ. Светот дефинитивно се менува, и тоа се менува со една голема брзина. Се репозиционираат интересите и јас ценам дека во еден еден таков мултиполарен свет ние, повторно ќе кажам како релативно малубројна земја, не многу значајна, имајќи ја предвид големината како територија – но како локација значајна, посебно во овој дел на светот, треба да ја најдеме нашата шанса. И мислам дека ја пронаѓаме. Контурите се исцртуваат“, вели Мицкоски во интервју за МИА.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Мицкоски во Америка со финансиска конструкција за…
Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за МИА…
Цената на горивата расте, а со неа…
Високите цени на нафтата почнуваат да се…
Трамп за стравувањата од руски напад: „Полска…
Американскиот претседател Доналд Трамп се обиде да…
(Видео) Пентагон објави нови документи за НЛО
Пентагон денеска ја објави шестата серија документи…
Путин предупредува: Некои европски лидери отворено се…
Рускиот претседател Владимир Путин излезе со ново…