Мицотакис по нападот во Солун: „Тероризмот нема место во Грција“
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис порача дека сите кои стојат зад смртоносниот напад во Солун ќе бидат откриени и ќе одговараат пред правдата. Неговата реакција следува по смртта на 72-годишната Вагија Нестора, која почина од тешките изгореници здобиени во намерно подметнат пожар врз објект поврзан со функционери на владејачката партија Нова демократија.
Нестора, мајка на партиската кандидатка Афродити Нестора, била хоспитализирана во болницата „Ипократио“ во Солун, каде што лекарите се бореле за нејзиниот живот. Според болничките власти, таа имала изгореници на околу 80 проценти од телото, а подоцна починала поради откажување на повеќе органи.
Изразувајќи сочувство до семејството, Мицотакис нагласи дека државата нема да дозволи ваквите напади да останат неказнети.
„Оваа трагедија уште еднаш ја покажува суровоста на слепото насилство. Нема место за вакви злосторства во демократско општество. Ќе ги пронајдеме одговорните и ќе ги изведеме пред лицето на правдата. Тероризмот мора да остане изолиран и поразен“, истакна грчкиот премиер.
Според информациите од истрагата, нападот врз домот на семејството Нестора бил дел од серија од три координирани напади извршени во истата ноќ во Солун. Освен починатата жена, повредени биле уште четири лица, меѓу кои и нејзината ќерка Афродити Нестора, како и нејзиниот сопруг.
Во исто време биле нападнати и домовите на уште двајца партиски функционери со импровизирани запаливи и експлозивни направи.
Истрагата ја презеде грчката антитерористичка служба, а првичните информации укажуваат дека напаѓачите најверојатно користеле мотоцикл и за кратко време извеле три одвоени напади.
Властите не ја исклучуваат можноста мотивот да е политички. Грција и претходно се соочувала со политички мотивирани напади, најчесто поврзани со екстремистички групи, иако најголемиот дел од нив беа разбиени во изминатите две децении.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Грчки остров ќе им дава по 3.000…
Општина Нисирос ќе им исплаќа еднократна помош…
Гркинка на 54 години роди девојче од…
Гркинка сред шестото десетлетие од својот живот…
Километарски колони на „Евзони“ за влез во…
Километарски колони возила со часови чекаат за…
Мицотакис за Македонија: „Нема суштински напредок во…
Мицотакис за Македонија испрати директна порака во…
(Видео) Ужас на аеромитинг во Грција: Се…
Тешка авионска несреќа се случи во сабота,…
