Објавено на:

МЛАДИОТ МИЛАТОВИЌ ЌЕ ГО ИСПРАТИ ЃУКАНОВИЌ ВО ПЕНЗИЈА? Од сите страни поддршка за кандидатот на „Европа сега“

t

На Милатовиќ недвосмислена поддршка му искажаа третопласираниот на изборите Андрија Мандиќ и актуелниот премиер и лидер на Граѓанското движење УРА Дритан Абазовиќ. Според аналитичарите тоа е доволно за победа во вториот круг.

Иако актуелниот претседател на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, како кандидат на Демократската партија на социјалистите на вчерашниот прв круг на претседателските избори освои најмногу гласови, мала е веројатноста дека во вториот круг тој ќе ја задржи функцијата, велат познавачите на политичката состојба во Црна Гора.

Според прелиминарните податоци на Државната изборна комисија, на вчерашните избори во Црна Гора, најмногу гласови (35,2) освоил Ѓукановиќ, а во вториот круг оди и Јаков Милатовиќ од Движењето Европа сега, кого го поддржаа 29,2 отсто од гласачите.

Иако Ѓукановиќ постигна подобар резултат во првиот круг, предизборната математика говори во корист на Милатовиќ, кому засега недвосмислена поддршка му искажаа третопласираниот на изборите Андрија Мандиќ и актуелниот премиер на техничката влада и лидерот на Граѓанското движење УРА, Дритан Абазовиќ. Милатовиќ беше поддржан и од Социјалистичката народна партија, која во првиот круг немаше свој кандидат, туку го поддржа Мандиќ.

Поддршката синоќа прв ја соопшти Андрија Мандиќ од Демократскиот фронт, за кого гласаа 19,3 отсто, кој отворено ги повика своите приврзаници да гласаат за кандидатот Милатовиќ и на вториот круг на 2 април.

– Вечерва во име на ДФ му давам целосна поддршка на Милатовиќ и ги повикувам сите граѓани на Црна Гора да го поддржат. Нашите гласачи, секој до последен, да излезат и да гласаат за Милатовиќ, без разлика дали тој ќе ја почитува нашата поддршка – изјави Мандиќ.

И премиерот Дритан Абазовиќ недвосмислено го поддржа Јаков Милатовиќ и рече дека текот на кампањата, денот на изборите и конечното објавување на резултатите од претседателските избори претставуваат голема победа за демократијата во Црна Гора.

„Би сакал да им честитам на сите учесници во изборниот процес за нивната политичка коректност и прилично конструктивен пристап во последните денови, со посебен акцент на Јаков Милатовиќ, кој има нашата искрена и недвосмислена поддршка за непречена победа во вториот круг“ – се вели во соопштението Дритан Абазовиќ.

Демократскиот кандидат на претседателските избори во Црна Гора Алекса Бечиќ, кој доби речиси 11 отсто поддршка, на првата прес-конференција по затворањето на гласачките места конкретно не кажа кого ќе поддржи во вториот круг.

Кандидатката на Социјалдемократската партија (СДП) Драгиња Вуксановиќ Станковиќ поднесе оставка од функцијата претседател во таа партија и истакна дека со тоа ја презела одговорноста за изборниот резултат – доби само 3,2 отсто од гласовите. Таа му ја честиташе победата на Мило Ѓукановиќ, но не одговори конкретно дали ќе го поддржи во вториот круг. Од нејзината партија велат дека по опсежни консултации ќе одлучат дали и кого да поддржат во вториот круг од претседателските избори.

Според аналитичарите, овој развој на настаните му остава мали шанси на Ѓукановиќ да привлече поголем број гласови во вториот круг.

– Ако одиме по проста математика, сите други гласачи се на страната на Милатовиќ. Ова не мора да значи поддршка во вториот круг. Јавната и најсилна поддршка за Милатовиќ дојде од Мандиќ. Сепак, Ѓукановиќ има околу шест проценти повеќе од него, но шансите во вториот круг се во рацете на Милатоциќ. Се чини дека Ѓукановиќ не ја менаџира ситуацијата кога се во прашање претседателски или парламентарни избори. Овој пат сè е во рацете на други – изјави Деспот Ковачевиќ од Факултетот за политички науки за Еуроњуз Србија.

На изјавата дека Албанците вчера не излегоа масовно, Ковачевиќ вели дека нивната мала излезност покажала дека Ѓукановиќ нема многу сила во таа заедница.

Дека пред Ѓукановиќ е тешка борба станува јасно и од огласувањето на ДПС. Генералниот секретар на оваа партија Александар Богдановиќ изјави дека изборниот резултат на претседателскиот кандидат Мило Ѓукановиќ е очекуван и дека сега ќе следат динамични активности и целосна мобилизација на гласачкото тело. Останува да се види дали таа „целосна мобилизација“ може да биде доволна за победа во вториот круг, со оглед на тоа што, хипотетички, за Ѓукановиќ да остане без мандат доволни се само гласачите на Андрија Мандиќ, кој недвосмислено го поддржа Милатовиќ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

 Значително унапредена раната детекција на најчестите малигни…

Министерството за здравство во склоп на националните…

“Тајмс”: Западот мора да поддржи мировни преговори…

Конфликтот во Украина не може да продолжи…

Ковачевски: Ја претворивме енергетската криза во можност

Производството и снабдувањето со електрична и топлинска…

Русија ќе тестира седум интерконтинентални балистички ракети…

Русија планира да тестира лансирање седум интерконтинентални…

Целосно е во прекин сообраќајот по патниот…

Регионалните центри за управување со кризи Берово…