„Направи разлика“: Редовна неделна колумна на професорот Оливер Андонов
Направи разлика
Насловот на неделнава колумна нема никаква врска со еден од предизборните слогани на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ во времето на Груевски.
Повикот – пораката, да направите разлика се однесува на тоа дека е потребно како граѓани, но и како партиски членови да се обидеме да направиме компарација и преку тоа и разлика помеѓу Заев и Мицкоски, односно помеѓу владеењето, наративот и практикувањето на власта од страна на Заев, и од друга, или подобро иста страна на Мицкоски. Земете ја било која област на општествено живеење и направете компарација, ќе дојдете до заклучок дека нема никаква разлика помеѓу овие два лика под илјада маски. За пет и повеќе месеци Мицкоски само ги мултиплицираше и направи посложени проблемите на Македонија од времето на Заев и Ковачевски.
И замислете, до толку ја урниса државата, особено владеењето на правото и спроведувањето на законите што по примерот на неговиот идол Вучиќ, но многу повеќе неспретно од него, изврши против правно уривање на приватен објект во Кисела Вода. За волја на вистината, објектот не го урна лично Мицкоски. Секако тој не го возеше багерот, но уривањето го изврши Ивица Георгиевски викан Фреди сопственик на градежната фирма БИСИ, близок пријател и содружник на потпретседателот на владата, министерот за транспорт и врски и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски. Тое Изнотгут за што одамна ви пишував. Или не е на арно да речам. Идолот на Мицкоски, Заев и Ковачевски, српскиот седржител Вучиќ ваква будалаштина направи со Сава маала во Белград кога ноќе ја урна маалата, без пред тоа државата Србија да ги експроприра имотите од приватните сопственици, што подоцна го направи во состојба кога објектите веќе беа урнати, а против законската постапка ја правдаше со чистење на терен полн со змии, стаорци и наркомани во напуштени објекти. Напуштени или објекти кои се користат, во правото нема значење, важно е дека се приватна сопственост, и дека се насилно урнати без претходно да бидат откупени од сопствениците. Веројатно, во нашиот пример на мини Сава маала, во Кисела Вода (за што патем градоначалникот уво го боли што му се урива или гради во општината), Мицкоски испитува јавен пулс за евентуална реакција на пучанството. Како што засега нема никаква реакција на јавноста, очекувам овој инцидент да прерасне во пракса. Впрочем, кога сите ние нема јасно и гласно да реагираме на еклатантното кршење на уставните права и слободи (право на сопственост и неповредливост на дом и други простории – приватен имот), кршење на законите (против правно уривање на туѓ имот, узурпација, загрозување на приватна сопственост, загрозување на лична и јавна сигурност, насилство) и кога нема да има реакции од страна на Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство Скопје, едните да го приведат осомничениот за што има дури и видео материјален доказ, а другите под итно да отворат истрага и одредат заштитни мерки, можеме да очекуваме вакви постапки да ни се случат на секого од нас. Господ да ни е на помош, особено со умот кој го носиме, бидејќи реагираме исклучиво кога лично ќе бидеме загрозени. Да не се изненадиме кога овој однос ќе се преслика и врз институциите на секое ниво како да се приватно-партиска сосптвеност и при тоа ќе биде дека така кажал министерот, директорот, шефот, а за законските одредби и нивно прекршување, ма кого го интересира тоа ако мене лично не ме допира, особено доколку сум добар полтрон кај шефот, можам и јас да го кршам законот без последици. Постоењето на правната држава и нејзиното функционирање е нужно потребно за секого од нас, впрочем со таа цел и сме се здружиле во држава за да може да си ги заштитиме преку неа интересите и во тие рамки и личната сигурност вклучително и сигурноста на нашиот имот, а во исто време и почитувањето на законите и Уставот во работата и функцијата на институциите.
И сега епигоните на Мицкоски за да ја оправдаат против правната и насилна постапка повторно по примерот на Вучиќ ќе се обидат во јавноста да ни направат контратеза спинувана во реторичкото прашање: „А како сопствениците ја стекнале сопственоста над имотот“? Па уште доколку успеат да изнајдат некој сиромав кој ќе тврди како објектот и земјиштето биле негови а сегашните сопственици со измама му го откупиле и слични небулози, драмолетката ќе биде целосно заплеткана. Или можеби да ја пласираат тезата за несогласување на содружниците, па како едниот продал а другиот не дел од имотот, па не била извршена физичка делба и се така до недоглед. На крајот во целата збрка која ќе се направи тенденциозно за да се збрка и замолчи јавноста, ниту МВР ниту обвинителство ќе преземат чекори, а сопствениците ќе бидат ставени под притисок дефинитивно да „го продадат“ имотот на уривачите и се да се заборави. Затоа, доколку на еден ваков вандализам и уривање на правната држава (не на еден објект, бидејќи оваа постапка е симболика на уривање на државата) не дојде до јасна и остра граѓанска реакција и се замине во заборав, можеме да очекуваме во иднина се повеќе вакви случувања на узурпација на приватен или државен имот (како во општина Чаир), се додека и нас лично не не погоди, а потоа да се прашуваме што не снашло и зошто никој не не брани, особено државата по службена должност од која тоа со право и го очекуваме. Но сепак, ние сме државата и треба да и помогнеме со нашата гласност да го спроведува правото и законитоста, едноставно за да направиме разлика.
Нема разлика, затоа што се повеќе е видливо дека нашата партија ВМРО-ДПМНЕ и власта функционира по принципот на мафија. Власта – Мицкоски е подготвен да заштити секого кој му е неизмерно лојален (читај потребен за одредена работа, додека му треба), па дури тој и да направил некое кривично дело. Еклатантен пример е фалсификуваниот сертификат на Бојан Христовски, при што Мицкоски и неговите пајташи нозе скршија, железни опинци скинаа, да го оправдаат неоправдливото со разни спинови за замајување на јавноста. И бидна белја како што и можеше да се очекува. Наместо да го сменеше од позицијата со што немаше да покаже политичка или слабост на власта, туку доблест и почитување на законите и работата на институциите, а потоа да ги сменеше ступидните закони со кои се бара познавање на странски јазик на ниво ТОЕФЛ и за хигиеничари и хаус мајстори, тој упорно се обидува во недоглед да го брани Христовски. Ова за Мицкоски нема за цел одбрана на Христовски, бидејќи делото фалсификат е кривично дело бранел или не бранел Мицкоски, тоа е правно регулирано и е прашање за Јавното обвинителство, ова има за цел одбрана на самиот себе и претставува порака до членството на ВМРО-ДПМНЕ за „вредноста“ токму на лојалноста кон Мицкоски, наспроти лојалноста кон каузата на ВМРО и државата Македонија. Сега кога Апасиев темелно и упорно ќе прави истражувања за сите фалсификати на Христовски и јавно од собраниска говорница ќе ти ги плеска в лице, и не само на тебе, туку и на сите нас членови на ВМРО-ДПМНЕ, ти пак ќе ги активираш твоите епигони да тресат глупости и да ја браниш и фалсификуваната факултетска диплома на Христовски, додека од сите страни ќе ти излегуваат крокодили. На овој начин еклатантно се урива државата наспроти партијата. Е па кога ќе отидеш во опозиција Христијане и доколку не дојде после тебе твојот другар Филипче – клон на Заев со кого си договорен и затоа не постои разлика, туку дојде нормална власт и демократски премиер кој почитува држава и владеење на право и почитување на закони, да не ти биде криво што ќе те развлекуваат по судови. Тогаш или ќе бараш поддршка – лојалност од партиските членови кој сега не ги есапиш, да протестираат за твоја заштита, или ќе се обидеш да поткупуваш и политички да се договараш за да бидеш во истата позиција во која е денес Заев, или пак елегантно ќе си заминеш и ти во Унгарија кај пријателот ти Орбан, доколку се уште биде власт. Како и да е, веќе ти кажав дека го трошиш мандатот според теркот на Георгиевски, но многу побрзо. Тоа го потврдува и вандализмот кој можевме да го видиме при прославата на денот на албанското знаме на што при нарушен јавен ред и мир дури и со огнено оружје, нема заштита на личната и јавната безбедност на граѓаните. Исто е како во Германија, нели Панче, Шија ми га Ѓура. А според сите твои постапки кои токму поради тоа што граѓаните не можат да направат разлика помеѓу тебе и Заев, мислам дека нема да завршиш благопријатно по твојата политичка кариера и тоа многу брзо. Посебно затоа што не само што граѓаните не можат да направат разлика помеѓу тебе, Заев и Ковачевски, туку си полош од овие двајца и во твојот дволичен однос кон нашите сојузници во НАТО и ЕУ кои во ваква меѓународна констелација на крајна поларизација ги лажеш и тоа за стратешки важни прашања. Лажеш и кај Вучиќ, односно се обидуваш од јавноста да скриеш дека си договорил се за Коридор 10 и пред тоа во Приштина лажеше за Коридор 8, лажеш за по дома и лажеш во партија. Ма лажеш секаде, што би рекол твојот претходник на позицијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ (кој патем нешто исчезна од јавниот политички дискурс дури и за историски теми на ФБ во последниот месец) „лажеш па сушиш“. Како да се направи разлика помеѓу тебе и Заев кого одамна го нареков Минхаузен, по се изгледа ти ќе бидеш Минхаузен Втори. Многу Мингаузени на вака мал простор и за вака кратко време, ќе му се слоши на македонскиот народ, а и на граѓаните, па сенешто може да биде, дали за локални или порано, ќе видиме.
И кога сме кај слошувањето на народот, некако не гледам дека им се слошува, ама потслушнувам, на оние клетниците од 27ми Април на кои им ветуваше дека веднаш ќе ги ослободиш од неправедното заточение. Дури и оној Ќосето глумеше делегат на божемната Конвенција за избор на Силјановска за кандидат за претседател на Републиката, денес нешто не го слушам а не пак гледам а нели го викаат Ќосето. Слушам Јане Ченто барал помош во финансии за да му преживее семејството, греота, би му советувал да побара директно од Мицкоски, па има Христијан да им подаде и така ги лажеше и ги искористи во создавањето на сопствената патриотска слика за да победи на изборите и да стане премиер. Редно е сега да си ги врати долговите, не дека во спротивно Ќосето ќе му пресуди како Ќосе, туку колку да се отсрами пред историјата, ако има срам и перде, како што нема.
И повторно за НАТО и Шеќеринска. Едно едноставно прашање на кое знам дека никогаш Шеќеринска нема да ми одговори: „Која ти беше поентата да направиш таква бизарност и на твојот коктел во Хилтон хотел по повод изборот за Заменик Генерален Секретар на НАТО да го поканиш директорот на АНБ Бојан Христовски и тоа во вакви криминалн-фалсификаторски околности за него и за сите нас, и во присуство на дипломатските и воено-дипломатските претставници на земјите членки на НАТО во Македонија“? Доколку со вакви „гафови“ мислиш да функционираш во рамките на НАТО, а со цел да балансираш заради свој интереси создаваш збунки и слични состојби, не сум сигурен дека ќе го истуркаш мандатот во НАТО до крај, а најмалку дека тој ќе биде во интерес на Македонија. Секако тука е и прашањето за твојата Малинка Ристевска Јорданова актуелен член на Советот за безбедност кај Силјановска. Многу ме интересира (пуста љубопитност), дали со Силјановска прозборевте збор два за нејзиното про-анти ЕУ и НАТО однесување, бидејќи ви служеше и на двете. Што би се рекло, за Малинка не важи библиската вистина дека не може да се служи на двајца господари и на Бога и на Мамона. А дали се двајца господари, ќе да е еден исти и зошто твоја? Па кај тебе во Секторот за Европски прашања ти беше советник за правни прашања од европските интеграции, а потоа и директор во Институтот за европски политики поддржан од владата во која ти беше вицепремиер за европски прашања, при што Малинка глумеше про ЕУ и про НАТО фактор со европски и наши пари. Денес е јавен, остар анти ЕУ и анти НАТО промотор или поблаго речено ЕУ скептик за кого е дојдено времето „да крене рачна“, и повторно со наши пари, а можеби и со НАТО пари со твоја помош. Колку ли уште такви скриени ЕУ кочничари ќе видиме е прашање за милион долари? Веројатно политичко-финансиските еквилибристики кај нашите политиканти се пожелни и за двете политикантски структури ВМРО-СДС. Може во некое идно време и ќе се здружат во едно, зависи од политичките планови на Црвенковски кои засега ги спроведува преку ЗНАМ, а се за да не се мачат граѓаните да прават разлика.
Како врв на немањето разлика е и однесувањето на ВЛЕН, кој сакаат да се покажат поголеми Албанци во трката со ДУИ, бидејќи на ништо друго не играат во своето политикантство освен на етничките прашања за да не им се поставуваат прашања за криминалот кој никако не застанува.
Нема разлика, се е исто, наместо Заев и Ковачевски дојде Мицкоски, а по него планираат да ни го инсталираат Филипче и тоа веќе еднаш ви го напишав, секако доколку не се свестиме како граѓани на Македонија. И наместо Ахмети дојде Меџити, но ништо не се смени. Во меѓувреме, драги мои сопартијци од ВМРО-ДПМНЕ, драг мој македонски народе, драги сограѓани, молчете си кога пред ваши очи ќе се урива правната држава додека не допре до вас, а потоа…, е потоа Господ напомош. И секако, несомнено, ЕУ, НАТО и САД ќе бидат виновни. Во тоа е разликата нели, или се е исто, па и тоа?
Оливер Андонов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Оливер Спасовски ќе биде координатор на опозициската…
Оливер Спасовски ќе биде координатор на опозициската…
Гласање или специјална операцијa
Ете, гласавме против СДС корумпирано и распаднато…
Бугарски бесрамности и македонски ќор-сокаци: Политичари аматери…
БУГАРСКИ БЕСРАМНОСТИ И МАКЕДОНСКИ ЌОР - СОКАЦИ…
Никовски: Украина носи несогледливи последици за сите…
УКРАИНА НОСИ НЕСОГЛЕДЛИВИ ПОСЛЕДИЦИ ЗА СИТЕ Се…
Трифун Костовски: Институциите не ги штитат граѓаните…
ЕУРОСТАНДАРД БАНКА, ЖРТВА НА ПОЛИТИЧКИОТ СИСТЕМ ВО…