НА ДЕНЕШЕН ДЕН: Во Битката кај Гавгамела Александар Македонски му го задал конечниот удар на Дариј и му ја одзел титулата Голем Крал

t

Една од најпознатите битки која ја водел Александар Македонски е Битката кај Гавгамела, која почнала на 1 октомври 331 г.п.н.е. со персискиот крал Дариј, во која македонскиот воин употребил уникатна стратегија.

Со оваа битка, против многукратно побројната персиска војска, Александар Македонски ставил крај на владеењето на Дариј и му ја одзел титулата Голем Крал на Персија.

По Битка кај Гавгамела помеѓу македонската војска предводена од Александар Македонски и персиската војска предводена од Дариј III крал на Ахаjменидска Персија практично започнал падот на неприкосновената персиска империја.

Македонската војска, во чиј состав (според Аријан) имало и грчки сојузници броела 7.250 коњица и 40.000 пешадија, а Персијците биле бројно надмоќни со околу 20.000 коњица, 230.000 пешадија (вклучувајќи и околу 10.000 грчки платеници). Вистинскот број на Персијците не е утврден, но се знае дека биле многукратно побројни.

Името на битката доаѓа од хебрејскиот збор за „камила“, точната локација не може да се утврди, но се смета дека се случила источно од Мосул во северниот дел на денешен Ирак. По битката, Дариј избегал во Арбела (денешен Ербил) на стотина километри источно.

Дариј напаѓал со петпати побројна коњица

Две години по битката кај Ис Александар продолжил со освојување на Медитеранскиот брег и Египет. Потоа продолжил преку Сирија кон срцето на Персиската империја. Александар без отпор ги преминал реките Еуфрат и Тигар. Дариј собрал силна војска повлекувајќи војници од далечните краишта на неговата империја, а планот бил со бројно надмоќна војска да го порази Александар. Според некои историчари војската на Дариј во оваа битка броела преку 100.000 војници.

Персијците биле на бојното поле уште пред самата битка да започне. Дариј ја регрутирал најдобрата коњица од неговите сатрапии и од сојузничкото скитско племе. Дариј исто така ги спремил српните двоколки за кои имал приготвено чист терен пред неговите трупи. Дариј имал и 50 индиски бојни слонови со поддршка на индиски двоколки, иако тие не играле никаква улога во битката. Пред битката, Дариј наредил да се искорне секаква вегетација на бојното поле за да може што подобро да оперира со српните двоколки.

Самиот Дариј стоел во средина заедно со најдобрата пешадија, по персискиот кралски обичај. Тој бил опкружен, десно, од каријска коњица, грчки платеници и персиска коњичка гарда. Меѓу центарот и средината ја поставил неговата пешадиска гарда (јаболконосачи или бесмртници), индиската коњица и неговите мардиски стрелци. На двете крила била коњицата. Кападокијците и Ерменците биле сместени во преден план и го воделе нападот.

Македонците биле поделени на два дела, со десното крило под директна команда на Александар, а левото на Парменион. Александар се борел со своите коњички придружници. Со нив биле Пајонците и лесната коњица на Александар. Платеничката коњица била исто така поделена на две групи, со ветераните на десното крило, а остатокот од нив пред агријанците и македонските стрелци кои се наоѓале непосредно покрај фалангата. Парменион се наоѓал лево со Тесалците, грчки платеници и тракиските коњички единици. Тие биле наменети да го задржуваат непријателот додека Александар го задава решавачкиот удар десно.

Меѓу десната страна и центарот биле критски платеници. Зад нив била група од тесалски коњаници под команда на Филип како и ахајски платеници. Десно од нив бил друг дел од сојузничката грчка коњица. Таму била и фалангата која била позиционирана во двојна линија. Заради тоа што биле бројно надминати 5:1 во коњица, и персиската линија била за 1,5 км подолга од македонската, изгледало неизбежно дека Македонците ќе бидат заобиколени од Персијците. Вториот ред фаланга имал за задача да се справи со оваа ситуација ако тоа се случи. Оваа втора линија се состоела главно од платеници.

Почетокот на битката

За време на битката Александар Македонски употребил уникатна стратегија која само неколкумина во светската историја можеле да ја повторат. Неговиот план бил да повлече што повеќе персиска коњица на крилата. Овој план имал за цел да направи отвор во непријателската линија каде подоцна би се задал решавачки удар кај Дариј во центарот.

Македонците нападнале со крилата свиткани наназад под агол од 45 степени за да ја намамат периската коњица да нападне. Истовремено полека крилата се придвижувале кон десно. Александар го приморал Дариј да нападне, иако Дариј не сакал да нападне прв поучен од тоа што се случило во слична ситуација кај Ис. На крајот Дариј бил приморан да нападне.

Тој наредил напад на двоколките кои биле пресретнати од Агријанците. Но, македонската војска имала извежбана тактика за соочување со овие смртоносни направи. Првите линии се поттргнале, отворајќи процеп. Коњите не сакале да втрчаат во копјата на првите редови и се фатиле во т.н. „стапица“, каде што биле запрени со копјата од задните редови. Потоа возачите биле лесно убиени, а двоколките биле бескорисни.

Решавачкиот удар

Како што Персијците оделе се понапред и понапред во македонските крила, Александар полека ја исфилтрирал неговата гарда позади. Персијците го направиле истото, додека не се отворила празнина помеѓу левата страна на Бес и центарот на Дариј кога Александар ги пратил своите последни коњички резерви против нив. Александар се подготвил за решавачкиот напад против Персијците. Под негово водство, тој ги групирал своите единици во форма на клин, а самиот Александар на врвот од него. Позади него биле единици од неговата гарда и од фалангата, кои успеал да ги извлече од битка.

Овој голем клин се судрил директно со ослабениот персиски центар, масакрирајќи ја кралската гарда на Дариј и грчките платеници. Бес од левата страна бил отсечен од Дариј и плашејќи се дека и тој би бил нападнат од овој клин почнал да се повлекува. Самиот Дариј бил во опасност да биде отсечен, и тука има неколку различни верзии на она што потоа се случило. Според речиси сите верзии, Дариј почнал да бега и остатокот од неговата војска исто така. Но, единствениот зачуван документ од тоа време вели дека војската сама почнала да бега.

Александар сега можел да го гони и да го фати Дариј. Меѓутоа, примил очајни пораки од Парменион (настан кој подоцна ќе биде употребен од Калистен и други за да го дискредитираат Парменион) од левата страна. Александар бил соочен со изборот да го брка Дариј со тоа што би ја изгубил војската, или да се врати кај левото крило за да му помогне на Парменион и да си ја зачува војската. На крај решил да му помогне на Парменион и да го гони Дариј подоцна.

По битката, Парменион го обиколил персискиот багажен караван, додека Александар и неговите телохранители го гонеле Дариј со надеж дека ќе го фатат. Како и кај Ис, така и во оваа битка пленот од грабежот бил огромен.

Дариј успеал да избега од битката со мала група војници. Бактриската коњица и Бес, успеале да го стигнат. Некои преживеани од кралската гарда и 2.000 грчки платеници исто така им се придружиле.

Александар потоа се прогласил за Голем Крал (титулата на Дариј).

Извор: Денешен

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Затвореник претепан во штипскиот затвор, институциите без…

Затвореници претепале друг затвореник во штипскиот затвор,…

Сериозно предупредување: Франција ги повика своите граѓани…

Француското Министерство за надворешни работи денеска ги…

Кривична пријава за „несовесно работење во службата”…

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и…

Пекинг го повика Вашингтон да одигра „конструктивна…

Шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји во…

Вучиќ: Нема санкции против Русија, никој не…

Српскиот претседател Александар Вучиќ, истакна дека не…