На избори се добива мандат, не тапија на татковината, порача Раде Силјан кој го доби Орденот „8 Септември“

t

„На избори се добива мандат – не тапија на татковината. Ниту една партија, власт или генерација не е сопственик на Македонија. Ние сме нејзини привремени чувари меѓу оние што ја сонувале и оние што ќе ја наследат“, порача Раде Силјан во словото по повод примањето на Орденот „8 Септември“, на свеченоста по повод 35-годишнината од независноста на Македонија.

Во обраќањето, Силјан ја постави самостојноста како историски избор, а слободата како трајна јавна обврска. „Самостојноста и независноста имаат датум. Слободата има секојдневје. Совеста е нејзината мера“, рече тој, нагласувајќи дека суверенитетот не е само право да одлучуваме сами, туку и зрелост да владееме со себе.

„Патриотизмот не се мери со гласноста на говорите, туку со тишината во која совеста ја проверува секоја одлука. Се докажува со правда што не се продава, знаење што не се казнува и труд што не се понижува“, порача Силјан.

Силјан нагласи дека Македонија е „заеднички дом на сите свои граѓани – дом во кој никој не мора да се откаже од себе за да биде дома“. Во истото обраќање, тој порача македонскиот јазик да се чува без негирање на другите јазици: „Не бара другите јазици да замолкнат. Бара ние да не замолкнеме во него.“

Посебна порака упати и за односите со соседите и европската иднина на државата: „Со соседите да разговараме без омраза и без самозаборав, а кон Европа да одиме со отворена книга, но без избришани страници. Помирувањето не бара заборав, а рамноправноста не бара самооткажување.“

Најстрогата мерка за успехот на државата, Силјан ја постави во иднината на младите. „Најтешкото прашање, денес не е што другите мислат за нашето минато, туку дали нашите деца гледаат иднина овде. Држава од која заминуваат децата останува без идно време“, рече тој, додавајќи дека на поколенијата што доаѓаат не им должиме само историја со која ќе се гордеат, туку и сегашност од која нема да мораат да заминат и иднина што ќе сакаат да ја живеат тука.

„Орденот се носи на градите. Слободата се носи како одговорност“, заклучи Силјан.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

На избори се добива мандат, не тапија…

„На избори се добива мандат – не…

Силен земјотрес ја погоди Грција

Утрово Грција беше погодена од силен земјотрес…

Синови тепаат татковци – пријавени се три…

МВР информира дека вчера попладне во 12:30…

Израел ѝ го честиташе Денот на независноста…

Израел се приклучи на бројните држави и…

НАТО ѝ го честиташе Денот на независноста…

НАТО упати честитка до Македонија по повод…