На покана на Гаши, во Скопје доаѓа шефицата на бугарскиот Парламент
До крајот на годинава, во посета на Македонија ќе дојде актуелната претседателка на бугарското Народно собрание, Михаела Доцова. Ова, на денешниот брифинг со новинарите, го најави претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши, кој неодамна имаше билатерална средба со Доцова, во текот на престојот во бугарската метропола, Софија. Гаши се сретна со бугарската колешка на маргините на 13. пленарна сесија на ПС на ПСЈИЕ, која се одржа во Софија.
– Нашата средба помина во многу позитивна атмосфера. Разговараме, главно, за соработката меѓу нашите парламенти, како да ја продлабочиме соработката во процесот на интеграција во ЕУ. Односно, како да најдеме начин да црпиме од бугарските искуства. На крајот од средбата, ја поканив претседателката да дојде во официјална посета на нашата држава. Поканата беше прифатена и можеме да ја очекуваме да дојде до крајот на годинава – изјави денеска Гаши.
На новинарско прашање дали во текот на средбата било отворено прашањето за бугарското барање за промената на македонскиот Устав со цел внесување на бугарското малцинство во него, Гаши одговори негативно.
– Темата за Уставот не беше отворена. Фокусот ни беше на меѓупарламентарната соработка и многу сум задоволен од средбата – одговори претседателот на македонското Собрание.
Гаши додаде дека Доцева изразила задоволство од брзата реакција на македонските власти по инцидентот со палењето на бугарските дипломатски возила во Скопје.
Но, по неодамнешната средба меѓу Гаши и Доцова, бугарските медиуми ја пренесоа изјавата на претседателката на бугарското Собрание, која соопштила дека Македонија мора да го спроведе барањето за уставни промени.
– Северна Македонија мора да го спроведе европскиот консензус од 2022 година за да продолжи по својот европски пат. Ова не е предмет на повторно преговарање. Потребно е да се направат уставни измени – изјавила тогаш Доцова, која изразила и загриженост по палењето на бугарските автомобили во Скопје.
До најавата за посета на претседателката на бугарското Народно собрание доаѓа откако бугарскиот премиер, Румен Радев, рече дека „нема потреба за средба со македонскиот премиер, Христијан Мицкоски“. Тој неодамна ги обвини македонските власти дека „всадуваат говор на омраза, покажуваат нетолеранција и ја користат историјата како алатка во меѓународните односи“.
Во тој период, и претседателката на Македонија, Гордана Сианљовска-Давкова, престојуваше во Софија, учествувајќи на самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа. Таа тогаш оствари и билатерална средба со бугарската потпретседателка, Илијана Јотова. На средбата со Јотова, претседателката Сиљановска-Давкова порача дека наместо нови условувања, потребен е конструктивен дијалог и нагласи дека земјата е заложник на непринципиелни блокади кон ЕУ. Двете страни ги разгледаа можностите за унапредување на комуникацијата и за решавање на отворените прашања меѓу Скопје и Софија.
Софија се оградува од скандалот со објавувањето на дипломатската нота
Оградување од објавувањето на дипломатската нота за патувањето на синот и на сопругата на македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, во Бугарија направи бугарското МНР. Во неговото соопштение се наведува дека дипломатската нота за која реагира македонскиот премиер се однесува за „настани од далечно минато“.
– Министерството за надворешни работи не дистрибуираше дипломатска нота или друга официјална кореспонденција поврзана со посетата на Бугарија на членови на семејството на официјален претставник на друга земја. Информациите што циркулираат во јавноста во последните денови се однесуваат на вербална нота од 6 јануари 2026 година и се однесуваат на настани од далечното минато. Во моментов, оваа информација не може да се сфати како основа за заклучоци дека постои непосредна закана за безбедноста на граѓаните на Бугарија или на друга земја. Министерството за надворешни работи ѝ придава големо значење на заштитата на дипломатската кореспонденција и строго ја почитува – соопшти бугарското МНР.
Реакцијата доаѓа откако вчера беше повикан бугарскиот амбасадор во Македонија во Министерството за надворешни работи на Македонија. Македонската страна побара темелна истрага за тоа како се нашло во јавноста патувањето на семејството на премиерот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
На покана на Гаши, во Скопје доаѓа…
До крајот на годинава, во посета на…
ЕУ ги укина царините за низа американски…
Европската Унија и официјално усвои закон со…
Соседна држава, членка на ЕУ, лобира Македонија…
Од собраниската говорница премиерот Христијан Мицкоски денеска…
Опожарени три возила во Чаир
На 25.06.2026 околу 02:20 часот во СВР…
Родителите на загинатите во „Пулс“ го напуштија…
Родителите на загинатите во пожарот во „Пулс“…