Нема здравствена нега за украинските бегалци во Македонија: Да се пријават во соодветните институции за остварување на нивните права

t

Војната во Украина од 24 февруари ја предизвика најтешката бегалска криза во Европа од крајот на Втората светска војна, бидејќи оттогаш повеќе од шест милиони луѓе ја напуштиле Украина, се вели во мајскиот извештај на Обединетите нации за миграцијата. Податоците на Евростат покажуваат дека Полска во март им доделила статус на привремена заштита на 675.085 УкраинциЧешка на 244.650 и Словачка на 58.750. Се наведува дека во Полска, две третини или повеќе од Украинците на кои им бил доделен статус на привремена заштита биле жени и девојчиња, додека децата на возраст под 18 години сочинуваат повеќе од половина од нив. Во нашата земја, според МВР, во периодот од 24.2.2022 година до 26.5.2022, влегле 7.705 лица од Украина, а 6.620 лица ја напуштиле.

– Од нив 1.301 се под 16 години, а 109 лице се над 70 годишна возраст. Во периодот од 24.02.2022 до 30.05.2022 на 201 лице му е доделен привремен престој поради хуманитарни причини – изјавија од Министерството за внатрешни работи за „Слободен печат“.

Од полицијата велат дека согласно Законот за меѓународна и привремена заштита едно лице може да поднесе барање за азил, а органот одлучува дали лицето исполнува услови за Статус на бегалец или Статус на супсидијарна заштита.

– Oд 24.02.2022 година до денеска поднесено е само едно барање на четири лица за признавање право на азил, и тоа на мајка со три малолетни деца, но набрзо од нивна страна барањето е повлечено, со што се откажаа од постапката за признавање право на азил. Tоа значи дека во Северна Македонија досега нема случај на признавање на право на азил на лице од Украина, а со самото тоа ни лице со Статус на бегалец од граѓаните на Украина кои оствариле влез во земјава – велат од полицијата.

Според македонските закони, граѓаните од Украина можат без визи да престојуваат до 90 дена, а украинските граѓани кои се затекнале во Македонија пред почетокот на војната и не можат да се вратат во нивната земја, на нивно барање, од страна на подрачните служби за странци и реадмисија им е одобрен привремен престој по хуманитарни основи, согласно Законот за странци.

Олександар Урбанович од Здружението на Украинците во Македонија вели дека според последните податоци во државава има околу 1.100 Украинци.

– Некои од нив се во постапка за добивање на азил. Има проблем со сместувањето на бегалците од Украина, а исто така има проблем со здравствената нега за нив, како и со можноста тие да најдат работа во Македонија, бидејќи постапката за добивање на азил може да потрае, а за тој период им се потребни финансии за да живеат – вели Урбанович.

За целите на оваа постапка, од државјаните на Украина се бара основна документација неопходна за регулирање на овој вид престој: пасош или друг документ со кој ќе може да се докаже државјанство/потекло од Украина и адресата на која ќе престојуваат (истото се поткрепува со изјава заверена на нотар од сопственикот на станот дека се согласува странецот да престојува во неговиот стан во периодот за кој ќе му биде одобрен привремениот престој или со договор за хотелско сместување). Пред десетина дена министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска се сретна со Здружението на Украинци во Македонија. На средбата се разговараше за статусот на бегалците од Украина кои доаѓаат во Македонија, кои се нивните права и можности при престојот тука.

– Прво е потребно луѓето да се здобијат со статус. Со нивна одлука тие можат да се стекнат со статус на привремена заштита или да поднесат барање за азил – рече Тренчевска.

Таа посочи дека Министерството за труд и социјална политика е дел од координативниот штаб во справување со предизвиците со кои се соочуваме во однос на бегалците од Украина.

– Целта како министерство ни е да ги овозможиме основните човекови права како што се образование, здравствена заштита и право на вработување. Секој бегалец може засебно да се пријави во релевантните институции и да ги помине потребните постапки за да се стекне со правата кои законски им следуваат – изјави Тренчевска.

Од досегашната пракса, добивањето азил, односно меѓународна заштита во Македонија, не е лесна работа. Така, во изминатите десет години биле поднесени над 6.000 барања за азил во земјава, најголем број во 2014 и 2015 година. Од нив позитивно решени се десетина, односно статус на признаен бегалец добиле 15 лица, а азил заради субсидијарна заштита добиле 14 лица.

Владата на последната седница го задолжи Министерството за финансии да обезбеди 120 милиони денари за организирање и обезбедување на хотелско сместување и дополнителни услуги за украински граѓани кои како бегалци од воените жаришта би пристигнале во нашата земја. Владата задолжи неколку надлежни министерства како и генералниот секретаријат да ги продолжат активностите поврзани со утврдување на капацитетите за сместување и да ги подготват сите активности за организирано прифаќање и згрижување на лицата кои ќе пристигнат во земјата како резултат на бегалската криза заради војната во Украина.

Извор: Слободен печат

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Македонките се мажат најмлади во регионот, на…

Жените во Македонија најмлади стапуваат во брак…

ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ГЛАСА И СО…

Пратениците денеска го изгласаа Изборниот законик, со…

Исчезна 14-годишната Ринеса: Ако имате било каква…

Новинарот Фуркан Салиу, објави дека е исчезнато…

Европскиот план за развој на Западен Балкан…

САД ја поддржуваат ЕУ во намерата да…

Пендаровски-Османи: Заеднички напори за стабилност во регионот

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Приштина, во…