Нема лекарска грешка во лекувањето на родилката од Струмица, утврди стручната комисија
Комисијата за надзор над стручната работа, формирана од министерот за здравство за лекувањето на родилката од Струмица едногласно заклучила дека невролошката состојба на пациентката не е последица на спиналната анестезија применета при породувањето, ниту на лекарска грешка во која било од здравствените установи во кои била лекувана.
Според наодите на Комисијата, грижата за време на бременоста, упатувањето во Клиничката болница Штип, породувањето со царски рез, анестезијата и следењето по операцијата се спроведени според важечките протоколи и добрата клиничка пракса.
„Спиналната анестезија е дадена во лумбалниот (долниот) дел на ’рбетот, со стандарден лек и доза, додека промената во ’рбетниот мозок е утврдена значително повисоко, во градниот дел. Постоперативниот тек бил уреден, пациентката е отпуштена без невролошки симптоми, а тие се појавиле неколку дена подоцна. Според Комисијата, најверојатна причина е спонтано крварење од ретка малформација на крвните садови во ’рбетниот мозок, која не може да се открие со ангиографија. Причината сè уште не е дефинитивно утврдена.“ стои во соопштение од министерството.
Комисијата препорачува, кога состојбата на пациентката ќе дозволи, да се заврши дијагностиката за конечно утврдување на причината, како и да продолжи рехабилитацијата со редовно невролошко следење.
„Кога една млада мајка по породување се соочува со вакви последици, должни сме на неа, на нејзиното семејство и на јавноста да дадеме јасен и стручен одговор. Затоа формиравме комисија со експерти од земјата и од странство. Нивниот заклучок е едногласен – нема лекарска грешка. Тоа не ја намалува тежината на она низ што минува таа. Министерството ќе продолжи да ѝ обезбедува сета потребна поддршка во лекувањето и рехабилитацијата“, вели министерот за здравство Сашо Клековски.
Во комисијата учествувале пет експерти од различни специјалности, од кои двајца од странство: д-р Игор Самарџиски, гинеколог-акушер, ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство Скопје (претседател); д-р Горан Рондовиќ, анестезиолог, началник на Клиника за анестезиологија на Воено-медицинска академија Белград; д-р Дејан Георгиев, невролог, раководител на оддел за неврологија на Универзитетски клинички центар Љубљана; д-р Миќун Миќуновиќ, неврохирург, ЈЗУ Специјална болница „Св. Еразмо“ Охрид; и д-р Дејан Даскалов, радиолог, ЈЗУ Универзитетски институт за радиологија Скопје.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
29 годишна жена се породила дома со…
На 17.02.2022 во 12.25 часот во Полициската…