„Не паничете, но не игнорирајте го ризикот“: Даниловски предупредува што ни носат комарците, крлежите и климатските промени
По појавата на нови случаи на заболувања што ги пренесуваат комарци и крлежи, повторно се отвора прашањето дали климатските промени го зголемуваат ризикот за појава на заразни болести во Македонија. Професорот д-р Драган Даниловски во својот најнов осврт објаснува дека ситуацијата бара внимание и надзор, но не и создавање непотребна паника.
Според него, болестите што се пренесуваат преку вектори – како комарци, крлежи и други инсекти – зависат од сложена врска меѓу причинителот, животните, човекот и животната средина.
„Климатските промени не создаваат нови болести. Тие ги менуваат условите во кои постојните болести можат да се појават, да опстанат и да се шират“, посочува Даниловски.
Тој објаснува дека повисоките температури, поблагите зими и подолгите топли сезони можат да влијаат врз активноста и распространетоста на комарците и крлежите, но нагласува дека температурата е само еден од факторите.
„Проценката на ризикот никогаш не смее да се темели само на еден фактор. Важни се и урбанизацијата, промените во користењето на земјиштето, патувањата, миграцијата на животните и човековото однесување“, пишува професорот.
Даниловски посочува дека Западнонилската треска е една од најзначајните болести што ги пренесуваат комарците во Европа, а случаи се регистрираат и во Македонија.
Сепак, тој предупредува дека секој нов случај не значи автоматски епидемија.
„Во најголем број години станува збор за очекувана сезонска појава, чиј интензитет зависи од временските услови, бројноста на комарците и активноста на вирусот во природата“, наведува тој.
Според него, најголемиот дел од заразените лица немаат симптоми, додека тешките форми се ретки и најчесто се јавуваат кај повозрасни лица, пациенти со хронични заболувања и лица со ослабен имунитет.
Осврнувајќи се на Лајмската болест, професорот објаснува дека не секој убод од крлеж значи заразување.
„Не секој убод од крлеж значи и инфекција. Најнапред, крлежот мора да биде инфициран, а во повеќето случаи потребно е да остане прикачен подолго време за да дојде до пренесување на бактеријата“, посочува Даниловски.
Тој советува по престој во природа внимателно да се провери телото, особено кај децата, и крлежите да се отстрануваат што е можно порано.
Професорот нагласува дека современото следење на овие заболувања бара заедничка работа на медицината, ветерината и екологијата.
„Здравјето на луѓето, животните и животната средина е меѓусебно зависно. Само така може навреме да се препознае и намали ризикот од појава и ширење на овие инфекции“, наведува тој.
Во својот текст Даниловски апелира граѓаните да преземаат едноставни мерки за заштита – користење репеленти, носење соодветна облека при престој во природа, отстранување застојана вода околу домовите и следење на препораките од здравствените институции.
„Колку светот станува посложен, толку повеќе ни е потребен епидемиолошкиот начин на размислување – правилно да процениме што навистина претставува ризик, а што не“, заклучува професорот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Неподнослива смрдеа во Скопје – ЦУК и…
Граѓани со часови се жалат за неподносливата…
Пожарот на косовската граница не се смирува,…
Големиот шумски пожар кој денеска избувна на…
(Видео) Руски дрон ја погоди фабриката на…
Руските сили со нови напаѓачки беспилотни летала…
Вучиќ за шпионирањето на студентите: И мене…
Српскиот претседател Александар Вучиќ ги коментираше наводите…
Медведев со нови закани: Германија ја продолжува…
Заменик-претседателот на Рускиот совет за безбедност, Дмитриј…