Објавено на:

Никовски: Можно ли е Пендаровски ништо да не разбира или, едноставно…

t

МОЖНО ЛИ Е ПЕНДАРОВСКИ НИШТО ДА НЕ РАЗБИРА ИЛИ, ЕДНОСТАВНО…

Според поучна приказна, адвокатот го советувал својот клиент, инаку убиец, на судот да раскажува што сака ама, во никој случај, да не признава. На денешната прес конференција на претседателот Пендаровски (3/7/2022), по одржаниот Совет за безбедност за “францускиот“ предлог, тој очигледно добил инструкции од истиот адвокат…

Неспорно е – Пендаровски нѐ вртеше сите во круг и не спомна ништо од масата факти коишто се, во предлогот, против фундаменталните интереси на македонскиот народ. Прво, тој го игнорираше најважното и клучното дека, со истиот, бугарското дивјаштво со блокадата, сега ни го префрлаат дома! Отсега самите ќе се блокираме! Зарем е можно на претседателот, којшто работел со двајца свои претходници, да не му е јасна државничката абецеда?

Зарем Пендаровски не може да  претпостави дека ќе биде многу тешко, речиси невозможно, да се отвори Уставот, за да почнат преговорите? Да прифатиш такво нешто покажува тотална некадарност. Се разбира ако не се направат тешки политички и арамбашки злосторства, со купување на пратеници, како и за гласањето за промена на Уставот, по договорот од Нивици. Тоа е невидена итерпејовштина на Софија, Брисел и другите, додека “нашиве“ спијат. Отсега, преговорите ќе зависат од нас, заради нашата глупост и неприфатливи ултиматум и уцена, за претходно внесување на измислените Бугари во Уставот. Тоа ќе биде сериозна безбедносна закана за земјата.

Поделбите сериозно ќе се продлабочат. Како може такво нешто да не му биде јасно на човекот кој е на чело на Советот за безбедност? Или, веќе има план за купување на пратеници, што би било ново резилење на државата? Нашиот МНР, за кого нечии други интереси се поважни од македонските, е во право дека ќе следат и меѓу етнички проблеми. Сите Албанци се за “францускиот“ предлог, којшто гарантира бришење на Македонците. Нивното разнебитување, коешто е во полн ек, е историска придобивка за Албанците, каде и да се тие. Ќе се остварат нивните национални соништа. Кога овој процес ќе заврши, Бујар ќе биде херој во се’ албанската историја.

Второ, и исто така многу важно, Пендаровски не ни кажа дека бугарските шизофрении сега се во надлежност на Унијата, и таа ќе им ги брани, и тоа со наша согласност. Нашите мудреци прифатија будалштините на Софија да добијат мултилатерален третман, со што ја направија истата грешка како и со Грција кога, за волја на вистината, и немавме избор. Ова, сега, е рамно на национално злосторство. Добар дел од политичарите, пак, кои не урнисуваат, и не се Македонци. На чело со Бујар Османи. Сите тие, воопшто не се случајно поставени на своите функции. Неизбраниот гувернер, од замокот на Кале, долгорочно планира.

Со новиот предлог, повторно ја “зајакнавме“ нашата позиција, како и идентитетот по Нивици, со бришење на се’ македонско. Сега, нашите фундаментални интереси ќе ги браниме не само од една средновековна Бугарија, која сега доби улога на наш главен егзекутор во процесот на преговори, туку и од другите 26 членки на Унијата. А тие, не само заради солидарноста, секогаш ќе бидат на нејзина страна. И, ќе имаат зошто: нели, ние се согласивме да преговараме со Унијата за тоа кои сме, кој јазик зборуваме…

Третата, тешка, и исклучително важна измама на Пендаровски е македонскиот јазик. Цело време повторува дека јазикот ни останува чист како македонски. Еве, нека е и така, а воопшто не е. Ако е веќе најдено за нас одлично решение за јазикот, нели е тоа потврда дека тој бил проблематичен и за него интензивно се преговарало од самиот почеток? Зарем не ни се повторуваше дека јазикот не е тема? Значи – бескрупулозно не лажеле. Како и сега.

Четврто, со формулата за јазикот, со која се гордеат нашите неписмени политички аматери – ништо не е дефинитивно решено. Напротив. Во ЕУ е само регистрирано дека македонскиот јазик е проблем, и дека тоа прашање е отсега во нивна надлежност. Со унилатералните декларации, коишто, како изгледа, се веќе депонирани во Брисел, Бугарија ги задржува сите права за негово бришење или релативизирање.

Да потсетиме: наметнато ни беше Софија да го даде својот став околу македонскиот јазик и тоа да биде регистрирано во ЕУ. Тоа е познато и гласи – до 1944 година, македонски јазик не постоеше и тој е дијалект на бугарскиот. Според бугарски диктат, подржан од германското претседателство, нашите аматери мораа да ја дадат следната изјава: македонскиот јазик е кодифициран  во 1945 година! За сите коишто нормално размислуваат, се’ е јасно. Не само ipso facto и имплицитно, туку и чисто експлицитно, двете изјави се компатибилни. Тоа значи дека ние се согласуваме дека јазикот бил бугарски до 1944 а во 1945 сме го кодифициран како македонски! Нашата изјава потврдува дека е така. За споредба, ако некој изјави дека ве издржувал до 2021 година а вие кажете дека од 2022 сте започнале сами да се издржувате, на сите им је кристално јасно што се случило. До претходната година сте биле издржувани. Нема тука дилеми.

Сосема поинаку ќе беше ако Македонија, во својата изјава, нагласеше – Македонците, својот мајчин македонски јазик го користат со векови и неговата прва граматика ја напишал Ѓорѓи Пулевски во 1873 година, кога издал и речник на четири јазици, меѓу кои и на македонски. По него, македонскиот јазик го уредувале и кодифицирале и Јован Константинов – Џинот, Јоаким Крчовски, Кирил Пејчиновиќ а најмногу Крсте Петков Мисирков, во првите години на 20 век. По создавањето на АСНОМ-ска Македонија, во 1944 година, направена е поширока кодификација на македонскиот јазик. Толку. Ако нашата изјава беше дадена на овој начин, немаше проблем Бугарите да напишат што сакаат. Ние ќе ги демантиравме. Вака, ние се согласивме со нивните налудничавости. Така ни наметна Берлин а ние понизно и срамно – прифативме. Впрочем, без наша ваква согласност со нивните монструозни аспирации, Софија немаше да го прифати решението. Бараа и добија капитулација. А, ако веќе сме прифатиле дека до 1944 јазикот ни бил бугарски, тоа им отвора широк простор и во иднина да ни го девалвираат.

Зарем, не разбра Пендаровски дека, при последното прифаќање на “францускиот“ предлог, Софија додаде уште четири нови услови од коишто главниот беше дека – целиот предлог во никој случај не може да се земе како нивно било какво признавање на македонскиот јазик? Бугарите нагласија дека го прифаќаат предлогот само под тој услов, нели така? Тоа е сега нивната нова почетена линија за натамошно бришење на македонскиот јазик. Овој пат, со помош на Унијата. Многу просто. Таму е се’ со консензус.

Затоа, Пендаровски, македонскиот јазик не само што не е чист туку е максимално избербатен и е на пат да биде или целосно избришан или, во “најдобар“ случај, да биде според Уставот, што значи дека не е ниту автохтон, ниту изворен. Како на претседател, тоа мораше да Ви биде јасно. Софија си цементира одлична позиција за подоцнежно бугаризирање на македонскиот јазик, а ние се правиме недоветни.

Петто, Пендаровски не уверуваше и дека историјата не била дел од преговарачката рамка ама спомна дека било предвидено историската комисија да се среќава осум до 12 пати годишно! Тоа е смртна пресуда за нас. Ем било оценето дека до сега, комисијата слабо работела. Кој и дал мандат на Франција, поточно на ЕУ, да се меша во билатералните историски работи? Ова е доказ дека се тие на маса. Бугарија не можела да добие ништо повеќе за историјата, која сега ќе ни ја менува и одредува, заедно со Брисел. За утеха, Пендаровски не уверуваше дека двострана била обврската за прочистување на учебниците, арно ама не објасни дека другата страна не сака ни да чуе за тоа. Ние сме на тапет и тие, сега заедно со ЕУ, историски ќе не разобличуваат. Тој мора да го знае тоа. И, зошто го премолчува?

Шесто, Пендаровски мораше да објасни и зошто е Бугарија максимално задоволна со “францускиот“ предлог? За тоа мора да има причини, коишто тој требаше да ги анализира. Ако е државник, мора да даде целосна слика што се случува и каде е Македонија. Мораше да објасни – зошто Софија инсистира, а Брисел поддржува, прво да се промени нашиот Устав и бара измислените Бугари да бидат државотворни, без да признае дека во државава има (дури!) и Македонци! Зошто тоа да не биде при нашиот прием во ЕУ? Зошто прифативме едно такво бесмислено барање да биде уцена за почеток на нашите преговори, и тоа да го гарантира Унијата? Дали е поуката од тоа дека никогаш нема да влеземе во Унијата, и затоа треба сега да ја апсолвираме оваа бугарска ујдурма? А Македонците во Бугарија, Пендаровски? НЕ МОЖЕ ДА ИМА БУГАРИ ВО НАШИОТ УСТАВ, господин претседател, БЕЗ МАКЕДОНЦИ ВО БУГАРСКИОТ. Тоа се европски вредности, за кои ВИЕ моравте да се изборите. Ако Ве бива и ако сте достојни на функцијата која ја вршите. Ако не…

Самата прес конференција, пак, обилуваше со толку бесмислици, што е дури и жалосно да се регистрираат. Можно ли е на претседател на една држава да не му е јасно дека кога Советот за безбедност, со којшто раководи, дебатира за прашање од фундаментален интерес на народот и државата, МОРА ДА БИДЕ ПРИСУТЕН И ЛИДЕРОТ НА НАЈГОЛЕМАТА ОПОЗИЦИЈА? Не го поканија бидејќи ќе им ја расипеше предавничката едногласност. Вака, ставовите на Советот се нерелевантни.

Објаснувајќи како ќе функционира нашиот систем на омраза, којшто толку и пречи на Софија, Пендаровски рече дека ако некој кај нас спомне дека Гоце е Македонец, и Софија реагира дека е тоа говор на омраза кон нив, случајот ќе го ценела Европската комисија!? Замислете! Можно ли е Пендаровски да не разбира, да не сфаќа… дека ќе бидеме под целосен и постојан мониторинг на Брисел, во функција на бугарските ментални девијации? Дека Брисел ќе има улога на суд против нас? На чија штета тој ќе суди, ценете сами.

Пендаровски нѐ уверуваше дека нема никаква смисла да се бараат гаранции од германскиот канцелар Шолц, од Макрон, од владата во Софија…! Според него, кога тие ќе си заминеле од функциите, гаранциите губеле важност!? Да слушаш, и да не веруваш. Поголем аматеризам, здравје. Можно ли е да не се познаваат основите на светската дипломатија? Уште на почетокот на 1990-тите, Македонија се  обврза за повеќе нелегално наметнати работи кон соседите, коишто и денес ги почитува. Без оглед кој е на власт.  Или, кога Хрватска беше примана во ЕУ, Брисел бараше писмени гаранции од претседателот Јосиповиќ дека нема да ја блокираат Србија, кога ќе и дојде редот за прием. И ги дадоа. Значи, имало и такви работи ама на Пендаровски никој не му кажал. Вака, Македонија си останува село без кучиња.

Сериозни се претпоставките дека премиерот, првичниот “француски“ предлог, најверојатно го одби во договор со Париз и Брисел, за да се добие призвук на одбрана на македонските интереси. Целта беше – манипулација со македонскиот народ. Потоа следеше истиот, ама малу нашминкан. Со оглед на нашата улога во подготовките, пак, предлогот може да биде само македонско – француски и тоа во бугарска режија. Се’ во него е со наша согласност иако е крајно неприфатливо за македонските интереси, од кој било аспект. Прифатен е неспорен процес на постепена бугаризација на македонскиот народ. За тоа се согласиле премиерот, МНР, Османи… Ќе се согласат Владата, Собранието… Срамно прифативме се’ што побара Софија.

Недолично е претседател на една држава да се изживува и пресметува со еден пратеник на највулгарен и најпримитивен начин. Минимално културен човек ќе се воздржи од коментар. Така ќе ја покаже својата величина. Тоа што го рекол пратеникот го покажува него, не претседателот.

                                                                              Ристо Никовски

Јули, 2022

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Дискусија за заедничко дејствување против климатските промени…

Претседателот Стево Пендаровски утре ќе се обрати…

Евроамбасадорот Гир му го презентира Извештајот на…

Евроамбасадорот Дејвид Гир денеска му го презентира…

Пендаровски се сретна со Фон дер Лајен,…

Како што соопшти прес-службата на претседателот, тие…

Пендаровски: Да ги надминеме поделбите и да…

Претседателот Стево Пендаровски упати честитка до граѓаните…

Пендаровски им порача на Обединетите нации да…

Секоја година, во овој период, очите на…