Ништо од возот: Европската Комисија нема капацитет за паралено да интегрира повеќе нови членки
Проширувањето на Европската Унија се забрзува, но надлежниот оддел на Европската комисија останува без доволно капацитет за истовремено да води преговори со повеќе земји кандидати.
Европската комисија се соочува со недостиг на капацитет за управување со неколку пристапни процеси истовремено, а најтешкиот период можеби допрва доаѓа.
Генералниот директорат на Европската комисија за проширување и Источно соседство (DG ENEST) се соочува со сè поголем проблем со капацитетите, според тројца извори запознаени со ситуацијата.
Иронично, притисокот е последица на забрзаната политика на проширување на Унијата: во последните шест месеци биле затворени повеќе преговарачки поглавја отколку во претходната деценија.
Црна Гора, која се смета за „лидер“ во процесот на проширување, моментално го подготвува својот пристапен договор и има цел да стане 28-та членка на ЕУ до 2028 година.
Албанија е веднаш зад неа и се надева дека на почетокот на следната година ќе започне со работа на сопствениот пристапен договор.
Имено, финализирањето на пристапниот процес со Подгорица, преку формирање посебна работна група, бара значително пренасочување на ресурсите, особено на службеници кои работат на земјите од Западен Балкан кои во последно време не постигнале напредок.
„Не се само земјите кандидати тие што се борат да го следат огромниот обем на работа што се бара“, изјавил за „Euronews“ еден функционер, под услов да остане анонимен. „Комисијата го загуби институционалното знаење и капацитетот што ги имаше за време на последниот бран на проширување.“
Работите дополнително се комплицираат поради тоа што DG ENEST, како и многу други оддели на Комисијата, во голема мера се потпира на привремени договори и има мал број постојано вработени службеници. Тоа значи висока флуктуација на кадарот и недостиг на искуство во завршувањето на пристапните преговори, имајќи предвид дека последната земја што ѝ се приклучи на Унијата беше Хрватска во 2013 година.
Во меѓувреме, Исланд неочекувано се враќа во процесот и за 29 август закажа референдум на кој граѓаните ќе одлучуваат дали земјата повторно ќе го активира својот пристапен пат. Доколку Рејкјавик одлучи да продолжи, Комисијата ќе мора да формира уште една работна група за пристапниот договор и значително да ги зголеми ресурсите посветени на островската земја.
Други точки на притисок се Украина и Молдавија, кои во изминатите недели отворија две преговарачки поглавја. Политички, постои притисок преостанатите четири кластери да бидат отворени до крајот на годината, иако Унгарија се залага за постепен пристап од домашнополитички причини.
Според актуелната методологија за проширување, ниту една земја досега не ги отворила сите преговарачки кластери истовремено. Албанија напредуваше исклучително брзо, но и во нејзиниот случај на Тирана ѝ беше потребно повеќе од една година формално да ги отвори сите кластери.
Иако Комисијата продолжи со работата додека пристапната кандидатура на Киев беше ставена во мирување од Унгарија на Виктор Орбан — процес познат како „frontloading“, односно однапред започнување на техничката работа — политичката амбиција за истовремено напредување во неколку кластери сега би можела да се соочи со реалноста од двете страни.
Во Брисел функционерите признаваат дека напредувањето со толку многу земји истовремено неизбежно ќе бара повторно поставување на приоритетите и пренасочување на внатрешните ресурси.
И Киев и Кишињев исто така се приближуваат до своите граници на капацитет. Ниту Украина ниту Молдавија досега не морале да управуваат со преговори и правна интеграција од ваков размер и сложеност.
Европската комисија не е единствената институција на ЕУ која се соочува со проблеми во процесот на проширување. И Советот на ЕУ и земјите членки се обидуваат да ги зајакнат сопствените внатрешни капацитети.
Откако проширувањето го постави како еден од темелите на својата надворешна политика, Брисел во следните месеци се соочува со сериозен тест. Европската Унија ќе мора да покаже дека има соодветна распределба на ресурси за да ја поддржи својата политичка посветеност кон проширувањето.
Европската комисија не одговорила на барањето на „Euronews“ за коментар.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Ништо од возот: Европската Комисија нема капацитет…
Проширувањето на Европската Унија се забрзува, но…
Најбрзорастечките економии во Европа во вториот квартал…
Економијата на еврозоната оствари подобри од очекуваните…
Мицкоски: Сѐ ќе направиме што зависи од…
Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан…
Мерц најавува: Црна Гора во ЕУ до…
Германскиот канцелар Фридрих Мерц (ЦДУ) повика на…
Со два милиони евра грант од ЕУ…
Царинската управа започнува со имплементација на еден…