Објавено на:

Новиот систем на ЕУ направи хаос на аеродромите: Чекањето стигна до два часа

t

Чекањето на некои од најголемите европски аеродроми ова лето е двојно подолго, откако Европската Унија го воведе новиот електронски систем за контрола на границите. Според податоците што ги објави Financial Times, на аеродромот во Франкфурт максималното време на чекање во јули достигнало 120 минути, наспроти 60 минути во истиот период лани.

Во Минхен, најдолгото чекање пораснало од 31 на 60 минути, додека во Амстердам од 80 на 120 минути.

Што го предизвикува метежот?

Причината е Системот за влез и излез (EES), кој ЕУ го воведе во април. Според новите правила, патниците од Велика Британија и од другите земји надвор од ЕУ, при првото влегување во шенгенскиот простор, мора да бидат регистрирани преку отпечатоци од прсти, фотографирање и внесување лични податоци.

Токму оваа процедура ги забавува граничните контроли, особено во периодот на летните гужви. Туристичкиот и авионскиот сектор уште пред воведувањето предупредуваа дека аеродромите можеби нема да можат доволно брзо да обработуваат голем број патници.

Од аеродромот во Франкфурт потврдиле дека новите гранични проверки веќе предизвикале доцнења на летовите и други нарушувања во сообраќајот. „Со сè подолгото време на чекање гледаме силен пораст на загриженоста кај британските и северноамериканските туристи“, изјавил Оливер Максфилд, основач на аналитичката компанија Qsensor.

Шефот на Ryanair: „Само Европејците би измислиле вакво срање“

Извршниот директор на Ryanair, Мајкл О’Лири, жестоко го критикувал системот и предложил регистрацијата да може да се заврши онлајн.

„Само Европејците би измислиле вакво срање“, изјавил тој минатиот месец пред инвеститорите.

Според О’Лири, Ryanair забележал сериозни гужви на околу 15 аеродроми. EES треба да ја зголеми безбедноста на надворешните граници на ЕУ, да го следи влегувањето и излегувањето на патниците, да открива лица кои го надминуваат дозволениот престој и да помогне во идентификацијата на лица по кои трагаат надлежните служби.

Но неговото воведување досега го следат метежи, технички проблеми и проблеми со опремата.

На некои аеродроми ги исклучуваат проверките

Податоците од Минхен покажуваат дека најголеми проблеми имаат патниците кои минуваат низ рачните гранични контроли. Автоматските ленти главно ги користат граѓаните на ЕУ, кои не подлежат на регистрација во EES.

Поради гужвите, некои аеродроми привремено исклучуваат дел од проверките, меѓу другото и земањето отпечатоци. Овие исклучоци според актуелните правила треба да престанат во септември. Сепак, осум земји членки на ЕУ и Швајцарија побарале нивното продолжување.

Европската комисија моментално разговара со земјите членки за можноста овие исклучоци да останат во сила и по летната сезона.

Брисел: Регистрацијата трае само 70 секунди

Европската комисија, од друга страна, тврди дека просечната регистрација во EES трае околу 70 секунди и дека во повеќето случаи влијанието врз патниците од земји надвор од ЕУ е ограничено. Од Брисел ги нагласуваат и безбедносните придобивки од системот.

Но за авиокомпаниите и патниците, проблемот останува ист: на најпрометните аеродроми во Европа редиците се издолжуваат токму во периодот кога бројот на патници е најголем. Извршниот директор на easyJet, Кентон Џарвис, ги повика аеродромите што не ги користат дозволените исклучоци да покажат „здрав разум“.

„Не дозволувајте луѓето таму да стојат три часа“, порача тој.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Новиот систем на ЕУ направи хаос на…

Чекањето на некои од најголемите европски аеродроми…

Администрацијата на Трамп поништи повеќе од 175.000…

Американскиот Стејт департмент објави дека администрацијата на…

Хорор во Шутка – Куче искасало едногодишно…

Дете на возраст од година ипол било…

Девизните резерви во јули зголемени за 74,4…

Девизните резерви на крајот на јули годинава…

34 години од усвојувањето на првото државно…

Со одлука на Собранието на Република Македонија,…