Нови заболени од западнонилска треска во Македонија, потврдени се седум случаи — сите имаат тешки симптоми на централниот нервен систем
Бројот на заразени луѓе со западнонилска треска во Македонија се искачи на осум, од кои седум се потврдени случаи, а еден е веројатен, потврдија денеска од Институтот за јавно здравје за „Слободен печат“.
Според директорката д-р Марија Андоновска, во јули биле потврдени пет нови случаи, а најновиот случај бил регистриран во четвртокот.
Од осумте регистрирани случаи, седум се потврдени, а еден се води како веројатен.
Шест пациенти се од Скопје и од Велес и поголемиот број од нив се заразиле во земјава, а за еден од нив постои можност да се заразил за време на патување во Грција.
Сите пациенти развиле потешки симптоми на централниот нервен систем и биле хоспитализирани. Андоновска тврди дека од заболените, тројца се пуштени на домашно лекување.
Според најновиот извештај од ИЈЗ, седум од осумте заболени се мажи, а една е жена. Најголем дел од пациентите се постари од 60 години, додека двајца се на возраст од 50 до 59 години.
Западнонилската треска е вирусно заболување кое се пренесува преку убод од заразен комарец.
Најголем дел од инфицираните немаат симптоми или имаат лесна клиничка слика, додека кај мал број пациенти, особено кај повозрасни луѓе и луѓе со ослабен имунитет, може да се развијат потешки невролошки компликации.
Првичните симптоми најчесто се јавуваат од 3 до 14 дена по заразувањето. Закрепнувањето може да трае со недели и месеци, а засега не постои вакцина против вирусот.
Во Македонија досега имало пет смртни случаи од западнонилска треска, регистрирани во периодот од 2011 година до крајот на 2025 година.
Тигрестиот комарец (Aedes albopictus) е еден од најинвазивните видови комарци и потекнува од Југоисточна Азија, но во изминатите децении се прошири и кај нас.
Здравствените власти велат дека комарецот веќе се одомаќинил кај нас, благодарение на повисоките температури и на климатските промени.
Од Универзитетската клиника за инфективни болести претходно упатија апел до граѓаните да ги почитуваат мерките за лична заштита од убоди од комарци: користење репеленти, носење облека со долги ракави и ногавици при престој на отворено, поставување заштитни мрежи на прозорците и отстранување на застојаната вода во околината, каде што комарците се размножуваат.
Тие препорачаа граѓаните да бидат претпазливи, особено во летниот период кога активноста на комарците е најголема.
Граѓаните кои по убод од комарец ќе развијат висока температура, силна главоболка, вкочанетост на вратот, нарушена свест или други невролошки симптоми треба веднаш да побараат медицинска помош.
Вирусот е регистиран и во неколку земји во регионот, а најголем број случаи досега биле пријавени во Грција.
Според последните извештаи од грчката национална организација за јавно здравје (ЕОДИ), досега се заразиле 21 пациент, а 20 од нив биле со тешки симптоми.
Слична епидемиолошка состојба била забележана и во Италија, Романија и во Шпанија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Нови заболени од западнонилска треска во Македонија,…
Бројот на заразени луѓе со западнонилска треска…
Иран со нови закани кон Бугарија: „Мора…
Иран повторно ѝ се закани на Бугарија…
(Видео) Со натписи УЧК вандализиран Српскиот културен…
Министерот за локална самоуправа и лидер на…
Поскапува и парното
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и…
Бугарски портали шират пропаганда во Македонија, полицијата…
Повеќе интернет-портали и фејсбук-страници на македонски јазик…