Ново поскапување преку скалесто плаќање на струјата

t

Регулаторната комисија за енергетика подготвува нов систем на плаќање на потрошена електрична енергија според кој оние кои трошат повеќе ќе плаќаат и повисока цена на енергенсот. Новиот систем на скалесто плаќање на електричната енергија ќе биде готов на почетокот на февруари, а ќе се применува од средината на годинава. Првиот човек на регулаторната комисија Марко Бислимовски вели дека на овој начин ќе се обезбеди солидарност така што тој што троши многу ќе плаќа и повисока цена. Што ќе значи тоа во практика засега нема детали, но оваа најава ги вознемири граѓаните, посебно тие кои се греат на електрична енергија. Експертите гледаат логика во најавата, но ја отвораат дилемата за тоа врз основа на кои критериуми ќе се утврди кој треба да плаќа повисока цена за струјата, а кој пониска.

Бислимовски новиот систем го најави на прес-конференцијата на крајот на декември кога го соопшти новото зголемување на цената на струјата за првата половина од годинава.

– На крајот на јануари или на почетокот на февруари РКЕ ќе излезе со нов систем на тарифирање со кој се воведуваат таканаречени Лот тарифи со кои ќе обезбеди за одредена потрошувачка на електрична енергија да се плаќа пониска цена, а како се зголемува потрошувачката, како што тоа е и во други земји, да има нешто повисока цена – појасни Бислимовски.

Од регулаторната комисија засега не откриваат како ќе изгледа новиот систем и дали тој ќе ги погоди домаќинствата кои се топлат на струја, но велат системот ќе обезбеди праведност и солидарност.

– Земени се предвид сите параметри и анализи според кои ќе се направи новиот систем на тарифирање. Интензивно и стручно се работи на системот и набрзо ќе се знаат деталите – велат од Регулаторната комисија.

Плусинфо ја праша и Владата дали размислува за воведување на најавениот систем и што тоа ќе значи за граѓаните и оние кои се греат на струја, но не доби одговор.

Експертите, иако немаат детали за тоа како ќе изгледа скалестиот систем на утврдување и плаќање на струјата за граѓаните, велат дека во најавата има определена логика во однос на солидарноста или откривањето на оние кои плаќаат струја како домаќинствата, а ја користат за производство како индустријата.

– Рано е да се каже што ќе значи ова во практика и кој ќе мора да плаќа повисока цена. Има логика во тоа да се направи некаква максимална граница на трошење на електрична енергија, но треба да се видат кои ќе бидат критериумите според кои ќе се определува кој ќе плаќа повисока цена на струјата кој пониска. Дали тоа ќе биде врз основа на богатството, врз основа на потрошувачката на струја или репер ќе биде Скопје, внатрешноста на државата или регионот. Мерилото според богатството и според потрошувачката на електрична енергија на голем и мал потрошувач не е вистински метод, бидејќи не е згодно да се определи кој е богат, а кој сиромашен во сиромашна земја. Дури е непримерно, ако овој систем влијае оние што го напуштија дрвото како енергенс за греење и се префрлија на струја да влезат во системот на тие што ќе плаќаат повисока цена – вели професорот Константин Димитров.

Извор: Плусинфо

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Ковачевски: Нема откажувања, ги повикувам граѓаните на…

Со исправена глава, поставени на вистински европски…

Лукаревска: Сметам дека ќе бидеме фактор на…

Очекувам дека кај граѓаните ќе надвладее разумот,…

Полска потпиша договор за купување повеќе ракетни…

Најголемата јужнокорејска одбранбена компанија, „Hanwha Aerospace“ го…

Хоти: Никој веќе не му верува на…

Поранешниот премиер Авдула Хоти изјави дека поради…

НАТО: Кина да престане да ѝ помага…

Доколку Кина сака да има добри односи…