Обвинение за шестмина за оштетување на стара струшка куќа на Владо Малески – меѓу обвинетите е Рамиз Мерко
Основното јавно обвинителство Струга поднесе обвинителен акт против шест лица за кривично дело „Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ од член 264 од Кривичниот законик.
Според обвинението, првообвинетиот, управител на градежна фирма од Велешта и инвеститор и изведувач на градежните работи, имал обврска да подготви идеен проект со точно утврден начин на уривање на објектот што се наоѓал во непосредна близина на заштитената стара струшка куќа на Владо Малески.
Според обвинителството, тој изготвил само основен проект, без да биде утврден начинот на уривање. По уривањето на стариот објект, на парцелата започнал да гради нов објект со подрум, приземје и кат.
При ископот за подрумските простории бил извршен широк ископ со багер, при што бил поткопан заедничкиот преграден ѕид меѓу двата објекти. Тоа довело до дестабилизација и уривање на куќата која била заштитена како културно наследство.
Со обвинението опфатен е и градежен инженер и архитект од Секторот за урбанизам при Општина Струга, кои, според Обвинителството, го изготвиле и одобриле одобрението за градење без да биде приложен идеен проект за уривање на претходниот објект. Со тоа, како што се наведува, му помогнале на првообвинетиот.
Меѓу обвинетите е и тогашниот градоначалник на Општина Струга, кој го донел одобрението со кое, спротивно на решението на Управата за заштита на културното наследство, било дозволено покрај приземје и кат да се изгради и подрум.
За помагање на првообвинетиот е обвинета и архитектка-конзерватор од Заводот за заштита на културното наследство и музеј – Охрид. Таа, според обвинението, дала мислење без забелешки за усогласеноста на проектот со насоките на Управата и ја заверила техничката документација во која било предвидено и изградбата на подрумски простории, иако тоа било спротивно на решението.
На средината на ноември минатата година струшката полиција поднесе кривична пријава против пет лица од Струга, меѓу кои и поранешниот градоначалник Рамиз Мерко и службеници од општината, поради оштетување на спомен куќата на Владо Малески.
Според информациите од ОВР Струга, инцидентот се случил на 15 октомври во 2025 година, кога инвеститорот сруши дел од стара куќа и ги поткопа темелите на музејот, кој од 2017 година е заштитен како културно наследство.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Горат магацини кај Бит-пазар, пожарникарите со сите…
Голем пожар избувна доцна попладнево во близина…
Учество на претседателката Сиљановска-Давкова на 9. Париски…
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова престојува во работна посета…
Иран демантира средба меѓу Резаи и Венс…
Иран ги отфрли извештаите дека секретарот на…
Франција го обвини Иран за сајбернапад врз…
Франција ја обвини иранската Револуционерна гарда за…
Касами ги викна оџата и владиката, ќе…
Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, денеска се…