Обвинителството бара 30-дневен притвор за поранешен српски министер

t

Вишото јавно обвинителство во Белград предложило судот да му одреди притвор до 30 дена на Р. Б., осомничен дека како поранешен директор на јавното комунално претпријатие „Белградски електрани“ го оштетил претпријатието за вкупно 14,1 милион динари преку неосновано доделени донации на различни здруженија, организации и спортски клубови.

Притворот е побаран поради опасност од бегство и можност осомничениот да влијае врз сведоците.

Како што дознава Танјуг, станува збор за поранешниот српски министер за економија Раде Баста.

По неговото сослушување, обвинителството предложило притвор и за Ж. В., соопштиле од обвинителството за Танјуг.

На останатите осомничени им е укинато полициското задржување. Меѓу нив се директорот за економско-финансиски работи во „Белградски електрани“ Д. И., како и законските застапници на неколку здруженија и спортски клубови од Белград, Сопот и Младеновац.

Се сомничи за злоупотреба на службената положба и перење пари

На Р. Б. му се става на товар продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба, додека Д. И. е осомничена за помагање при извршување на истото дело. Останатите осомничени се товарат за перење пари.

Според сомнежите на обвинителството, Р. Б., во својство на директор на „Белградски електрани“ од 27 ноември 2020 до 6 јуни 2022 година, ја злоупотребил службената положба и овластувањата, донесувајќи десет одлуки за доделување парични донации во вкупен износ од 14,1 милион динари.

Донациите биле доделени на здруженија и привредни субјекти спротивно на правилата за помош на регистрирани здруженија, организации и лица кои не се вработени во претпријатието.

Врз основа на неговите одлуки, биле исплаќани поединечни донации во износи поголеми од 100.000 динари. Исплатите ги реализирала осомничената директорка за економско-финансиски работи Д. И., иако, според обвинителството, знаела дека одлуките и договорите за донации биле донесени спротивно на важечките прописи.

Останатите осомничени, кои биле законски застапници на здруженијата, се сомничат дека испрале вкупно шест милиони динари. Парите биле уплаќани на сметките на здруженијата како донации од „Белградски електрани“, по што тие подигнувале дел од средствата и задржувале провизија, а остатокот му го предавале на осомничениот Ж. В.

На осомничените претходно им било одредено задржување до 48 часа, во кој рок требало да бидат приведени на сослушување во Посебното одделение за сузбивање корупција при Вишото јавно обвинителство во Белград.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Обвинителството бара 30-дневен притвор за поранешен српски…

Вишото јавно обвинителство во Белград предложило судот…

Уапсени шест лица во Србија и Словенија…

Во заедничка акција на обвинителствата и полициите…

Вучиќ: Никогаш нема да ја напуштам Србија,…

Александар Вучиќ денеска изјави дека никогаш нема…

Студентската листа во Србија не планира задолжителен…

Задолжителниот воен рок нема да биде воведен…

Поскапуваат кредитите во Србија – централната банка…

Извршниот одбор на Народната банка на Србија…