Објавено на:

Ова е најмладиот сериски убиец на Балканот, наскоро излегува на слобода: Сите се плашат и зборуваат за она што му го порачал на судијата кој го осудил на 27 години затвор

t

Криминологијата вели дека сериските убијци не се раѓаат туку животот ги создава. Станува збор за луѓе што во својот живот или раното детство преживеале некаква траума – физичка, психичка или сексуална, живееле во дисфункционално семејство емоционално оддалечени од родителите, или, пак, имале родители што не биле присутни покрај децата. Најчесто траумата е активаторот што од еден човек создава сериски убиец. Како последица на таа траума, тие ги потиснуваат чувствата и никогаш не научуваат како да се однесуваат кон траумите, никогаш не добиваат други емоции. Токму затоа на овие луѓе им е тешко да чувствуваат емпатија кон другите. Науката вели дека покрај траумите, силна причина за еден човек да стане сериски убиец е раното одвојување од мајката, како еден од клучните елементи во животот на детето. Сериските убијци се осамени луѓе, кои не бараат друштво, а мотив им е вниманието што им го даваат медиумите.

Кога ќе се спомене терминот сериски убиец, првата реакција е дека кај нас, на Балканот, нема такви луѓе. Токму тоа е и заблудата. Изненадува фактот дека токму тука, на Балканот, има голем број случаи на сериски убијци што немилосрдно убивале без трошка милост, страв и сочувство.

НЕМИЛОСРДНОТО 16-ГОДИШНО МОМЧЕ

Хрватска го има најмладиот сериски убиец на Балканскиот Полуостров, можеби и пошироко. Станува збор за Срѓан Млаѓан, кој зад себе има неколку убиства што по карактеристиките го прават сериски убиец.

Едно утро, во 1998 година, петринската полиција добила повик дека пред училиштето во Петрињa е пронајдена мртва 16-годишната Елизабета Шубиќ. Полицијата била во шок, бидејќи оваа девојка била една од омилените во училиштето. Девојката била убиена одзади. Првично истрагата водела кон нејзиното момче, но било утврдено дека тоа не е убиецот, па полицијата ја продолжила потрагата.

Еден месец подоцна, месното население од селото Железара во близината на Сисак беше потресени од убиството на 63-годишен пензионер. На целосно идентичен начин како и 16-годишната девојка, пензионерот бил убиен додека влегувал во својата гаража, одзади. И тука убиецот испукал четири куршуми во неговиот грб.

Вештаците утврдиле дека двата случаја биле поврзани, затоа што биле направени од исто оружје. Истражителите сфатиле дека имаат работа со многу опасна личност.

– Луѓето почнаа да се плашат, да се затвораат во своите домови, да не излегуваат во вечерните часови на јавни места. Самата атмосфера во Петрињa беше хаотична – истакнаа полициските службеници што работеле на случајот.

ЖРТВАТА ЈА ПРАШАЛ: „ДАЛИ ВЕРУВАШ ВО САТАНАТА?“

По повеќе од 150 разговори со наводно осомничени за двете убиства, полицијата не успеала да го најде убиецот сѐ додека Срѓан Млаѓан не реализирал грабеж на банка во Сисак. Осомничен за грабежот бил токму 16-годишниот Млаѓан. Кога полицијата ја започнала истрагата и кога сите докази упатиле кон младото момче, Млаѓан бил уапсен.

За време на претресот на куќата во која живеел со своето семејство, татко му признал дека во текот на војната во која се распадна Југославија, дома донел пушка што исчезнала на крајот на 1997 година и оти не знае каде е. За сето тоа време, Срѓан често ги менувал своите искази пред полицијата. Дури откако татко му признал дека од пушката пронашол чаури на терасата и оти сѐ уште чаурите се таму, сложувалките започнале да се местат.

Со вештачењето на оружјето било констатирано дека 16-годишната девојка била убиена со таа пушка, како и пензионерот. Истрагата утврдила дека Срѓан ги криел пушката и облеката на гробиштата, на кои заминувал откако ќе го извршел убиството.

Со криминалистичка обработка било утврдено дека Срѓан од околната видеотека дури 52 пати го изнајмил филмот „Роден убиец“, во кој во првата сцена девојка седи, а одзади, од непосредна близина, ѝ приоѓа маж, кој безмилосно ѝ пука во главата.

Во разговорите со полицијата се дознава дека тој, пред да ја убие младата Шубиќ, ја запрашал: „Дали веруваш во сатаната?“, по што ладнокрвно ги испукал куршумите во неа.

Подоцна, неговиот татко, шокиран од сознанието дека син му всушност е сериски убиец, давајќи изјава за медиумите, рекол дека вечерта по убиството на младата девојка, син му се однесувал како ништо да не се случило.

– Таа вечер дојде, се напи една чаша млеко и легна да спие. Сега се прашувам како може некој да изврши такво убиство и да легне да спие, а другиот ден да замине на училиште како ништо да не се случило – рече неговиот татко.

Млаѓан не ѝ бил непознат на полицијата. Имал дебело криминално досие за ситни деликвентски дела. Редовно ограбувал трафики, дупнувал гуми на камиони, а со наполнети 14 години ја запалил училишната книжарница. Од Техничкото училиште, пак, фрлил компјутер низ прозорец. Бил јуниорски првак на Хрватска во борење, но патем му се случило нешто што го предизвикало да почне да убива.

УБИЛ ПОЛИЦАЕЦ И КИДНАПИРАЛ ТРИЧЛЕНО СЕМЕЈСТВО

За двете убиства тој бил осуден на 12 години затвор. Поради пристојното однесување, честопати добивал слободни викенди и секогаш се враќал во затворот, сѐ додека не одлучил да избега.

Во февруари 2022 година излегол на слободен викенд во Загреб. Изнајмил стан во Боронгај, набавил пиштол и ограбил банка. Полицијата го лоцирала, но очигледно не го сфатила доволно сериозно, мислејќи дека, сепак, станува збор за младо момче, како што во Хрватска ги категоризираат 21-годишните момчиња, како помлад полнолетник. Искусниот полицаец Миленко Врањковиќ отишол да го приведе. Се сретнале во приземјето на зградата во која Млаѓан го изнајмил станот. Полицаецот му побарал лична карта и го прашал дали живее во зградата, на што Млаѓан му одговорил со испукување три куршуми директно во него. Го убил во приземјето и му го зел службениот пиштол.

Бегајќи од законот, на само неколку улици од зградата каде што го извршил ладнокрвното убиство, тој влегол во семејната куќа на семејството Косовиќ, каде што ги киднапирал Божена и нејзините две деца Николина и Марко. Заложничката криза траела цели пет часа, а Млаѓан, за да не ги убие жената и децата, во најбрз можен рок барал да пристигнат новинарски екипи. На полицијата подоцна ѝ изјавил дека се плашел оти ќе го убијат.

– Уличното осветлување беше доволно силно за да му го видам лицето на човекот што пред мои очи ги врзуваше моите деца. Не можам да замислам како некој може да направи такво нешто – изјави за медиумите Божена Косиќ.

НА СУДИЈАТА МУ ПОРАЧАЛ „ЌЕ СЕ ВИДИМЕ ВО ПЕКОЛОТ“

За тројното убиство, грабежот и киднапирањето тој добива затворска казна од 27 години. За време на судењето, на судијата му порачал: „Ќе се видиме во пеколот“ и успеал да ја нападне својата братучетка што присуствувала на судењето. Полициското обезбедување што било таму едвај успеало да го задржи да не ја убие девојката.

Пред судот рекол дека морал да убива, бидејќи го болел стомакот, а глас во главата го убедувал дека болката ќе престане кога ќе убие. Судот донесе заклучок дека Млаѓан е непресметлив.

На слобода ќе излезе во 2025 година, кога ќе има 44 години. Граѓаните се преплашени од самата помисла дека тој би излегол на слобода.

Неговиот адвокат истакна за хрватските медиуми дека одамна нема стапено во контакт со Млаѓан и со неговите родители.

– Не го посетував во затворот затоа што никогаш не изрази желба за тоа. Ладен човек – изјавил адвокатот.
Според него, неговите родители го посетуваат неколкупати годишно. Тој неодамна се закани дека ако добие цимер во затворската ќелија, ќе го убие. Сепак, тој во моментов ја дели затворската ќелија со уште еден осуденик. Млаѓан наводно во овој период се наоѓал во позитивна фаза, меѓутоа, според експертите, тоа е тешко да се прогнозира и не може со сигурност да се утврди дали станува збор за вистински позитивен напредок.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Пендаровски: Мицкоски прави дефокус од евентуалните средби…

Министерството за внатрешни работи треба да даде…

Тажна вест: Почина една од најпочитуваните професорки…

Денеска во Скопје почина д-р Дана Прелиќ…

Австрија сѐ уште го блокира влезот на…

Австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер…

Борел: Ситуацијата во Газа е катастрофална и…

Ситуацијата во Газа е „катастрофална, апокалиптична“, со…

Борел: Помошта за Украина останува блокирана

Министрите за надворешни работи на Европската унија…