Огнена стихија низ Европа: Илјадници евакуирани, следува нов топлотен бран
Европа повторно е зафатена од екстремни горештини и разорни шумски пожари. Од Грција и Италија, преку Шпанија и Франција, па сè до Албанија, пожарникарите водат битка со огнената стихија, додека илјадници жители се евакуираат, а властите издаваат највисоки предупредувања за опасност од пожари и екстремно високи температури.
Континентот сè уште ги чувствува последиците од рекордната суша и историски ниските водостои на реките, а метеоролозите предупредуваат дека во наредните денови следува нов, силен топлотен бран.
Во Грција пожарот што избувна во селото Куварас, околу 60 километри југоисточно од Атина, е ставен под контрола по голема интервенција во која учествуваа речиси 200 пожарникари. И покрај тоа, поголемиот дел од централна и јужна Грција, како и повеќето острови во Егејското Море, остануваат под висок ризик од нови пожари.
Во последните недели пожарите во земјата однесоа пет човечки животи, меѓу кои четворица пожарникари и пилот на хеликоптер кој учествувал во гаснењето од воздух. Големи материјални штети се регистрирани и во туристичкото место Порто Гермено, каде што изгореа десетици куќи.
Во Шпанија активни се три големи шумски пожари на југот на земјата. Поради силниот ветер и тешко пристапниот терен, околу 800 жители беа принудени да ги напуштат своите домови.
Најкритична е состојбата во провинцијата Уелва во Андалузија, каде што повеќе од 600 пожарникари, поддржани од 26 летала, се обидуваат да го локализираат пожарот. Евакуирана е и општината Ел Мадроњо со околу 300 жители. Пожари беснеат и во Кастељон и Сеговија, а сите три се класифицирани како пожари од втор степен на сериозност.
Италија се соочува со исклучително висок ризик од пожари поради новиот топлотен бран што го носи антициклон од северна Африка. Во 19 градови е прогласено црвено предупредување поради опасно високите температури.
Според податоците на еколошката организација „Легамбиенте“, од почетокот на годината во Италија изгореле повеќе од 80.000 хектари површина. Најпогодени се Сицилија, Калабрија и Пуља, но пожари се активни и во северниот дел на земјата, особено во регионот Ломбардија.
Во Франција дури 42 департмани се под висок ризик од шумски пожари. По големите пожари во Жиронд и Вар, вниманието сега е насочено кон департманот Дром, каде што огнената стихија продолжува да се шири.
Во Албанија, пак, голем пожар беснее на планината Круја. Во гаснењето се вклучени пожарникари, армиски единици и хеликоптери, а жителите од неколку села се евакуирани. Полицијата приведе маж осомничен дека по невнимание го предизвикал пожарот.
Покрај пожарите, Европа се подготвува и за нов период на екстремно високи температури. Велика Британија и Франција веќе издадоа предупредувања за температури кои ќе достигнат околу 35 степени Целзиусови.
Во следните денови невообичаено топло време се очекува и во Швајцарија, Австрија и Унгарија. Експертите предупредуваат дека комбинацијата од долготрајна суша, високи температури и исушена вегетација создава идеални услови за брзо ширење на шумските пожари и нивно потешко локализирање.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Огнена стихија низ Европа: Илјадници евакуирани, следува…
Европа повторно е зафатена од екстремни горештини…
Нови тензии: Северна Кореја истрела балистичка ракета…
Северна Кореја повторно ја зголеми тензијата на…
Интервентната полиција во акција: Скопјанец приведен со…
Вчера околу 12:40 часот, во селото Батинци,…
„Јас сум нивниот банкар“: Трамп ги открива…
Американскиот претседател Доналд Трамп ги претстави своите…
Бројот на загинати во земјотресот во Колумбија…
Бројот на загинатите во силниот земјотрес што…