Од 2003 до 2026 година: Верижните несреќи што го одбележаа автопатот „Тракија“
Двете верижни сообраќајни несреќи на автопатот „Тракија“ во Бугарија, во кои денеска загинаа 12 лица, а повеќе од 50 беа повредени, повторно го отворија прашањето за безбедноста на една од најважните сообраќајници во земјата. Прегледот на Бугарската телеграфска агенција (БТА) покажува дека во изминатите повеќе од две децении на овој автопат се случиле низа тешки верижни судири, дел од нив со смртни последици.
Денешните несреќи се случија во густа магла, кај патниот јазол „Зимница“, во регионот на Јамбол. Во судирите, кои се случиле во двете насоки на автопатот, учествувале вкупно 86 возила.
Една од најтешките претходни трагедии се случила на 22 декември 2018 година, кога пет лица загинале во верижен судир во регионот на Пазарџик. Во несреќата учествувале три комбиња и два автомобила, а како најверојатни причини биле посочени густата магла и заледениот коловоз.
Слични временски услови довеле до две масовни сообраќајни несреќи на 5 јули 2017 година, во близина на Ихтиман. Тогаш, во двете насоки на автопатот, се судриле вкупно 40 возила, меѓу кои автомобили, комбиња, камион и автобус.
Повредени биле 24 лица, а за нивно извлекување и транспорт биле ангажирани 14 амбулантни возила. Дел од возилата биле целосно уништени, но во тие несреќи немало загинати. Покрај густата магла, видливоста дополнително ја намалувал и чад од депонија во близина.
Уште на 26 јануари 2003 година, две лица загинале во верижен судир на заледен дел од автопатот, на околу 20 километри од Софија. Во несреќата учествувале пет автомобили, а маж и жена го загубиле животот откако паднале во провалија под вијадукт.
Според тогашните информации, се претпоставувало дека двајцата излегле од автомобилот по судирот и се обиделе да се спасат од возилата што доаѓале, но го прескокнале заштитниот парапет и паднале во провалијата.
На 29 март 2025 година, маж и жена загинале во уште една верижна несреќа, овојпат на 58. километар во насока кон Пловдив. Во судирот учествувале автомобил БМВ, комби „Форд транзит“ и товарно возило.
Во меѓувреме, на автопатот биле регистрирани и повеќе несреќи со повредени лица. Во јули 2023 година четири лица биле повредени во судир на камион и три автомобили, а во август истата година уште едно лице било повредено во верижен судир во близина на делница на која се изведувале градежни работи.
LANDOV Трифуновски за бегството во Барселона: Возевме такси и помагавме во теретана за да преживееме
Во јуни 2024 година четири лица биле повредени во судир на пет возила, додека во јули истата година две жени поминале со полесни повреди во несреќа во која учествувале четири автомобили.
Последниот наведен инцидент пред денешната трагедија се случил на 12 септември 2026 година, кога четири автомобили учествувале во верижен судир на 57. километар во насока кон Бургас, без тешко повредени.
Според прегледот на БТА, меѓу причините што се повторуваат во овие несреќи се густата магла, заледените делници, неприлагодената брзина и недржењето безбедно растојание меѓу возилата.
Денешната трагедија, со 12 загинати и 86 возила вклучени во двете несреќи, е најтешката по бројот на жртви меѓу инцидентите наведени во прегледот на БТА за периодот од 2003 до 2026 година.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Од 2003 до 2026 година: Верижните несреќи…
Двете верижни сообраќајни несреќи на автопатот „Тракија“…
Сиљановска Давкова изрази сочувство до Јотова за…
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова изрази сочувство до…
Трамп ја испраќа Кристи Мекормик за амбасадорка…
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ја номинираше…
Екс студент остави писмени закани до деканот…
СВР Тетово поднесе кривична пријава против И.А.(38)…
Кочанскиот обвинител бара јавно извинување од Ива…
Обвинителот од Основното јавно обвинителство Кочани, Игорчо…