Околу 20 портали и профили под истрага на МВР и АНБ за ширење говор на омраза по сомневањата за координирани објави за спорот Македонија-Бугарија

t

Околу 20 комуникациски канали, меѓу кои веб-портали, како и страници и профили на Фејсбук и Инстаграм, се предмет на истрага што ја спроведуваат Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност, дознава „Скопје1“ од повеќе извори.

Според информациите до кои дојде редакцијата, истрагата се однесува на сомневања дека овие канали биле користени за организирано ширење говор на омраза и поттикнување тензии преку содржини поврзани со односите меѓу Македонија и Бугарија.

Според истите извори, истражните органи веќе обезбедиле дел од доказниот материјал, но активностите сè уште се во тек.

Во фокусот на истрагата, според сознанијата на „Скопје1“, се повеќе содржини објавувани во изминатиот период – од флаери и пораки поврзани со внесувањето на Бугарите во Уставот, до провокативни објави и материјали кои, според сомневањата, имале цел да поттикнат меѓусебни навреди, омраза и радикализација на јавната дебата меѓу македонски и бугарски граѓани.

Изворите на „Скопје1“ тврдат дека предмет на интерес на истрагата е и начинот на финансирање на дел од овие активности. Засега не откриваат детали, бидејќи постапката е во тек, но посочуваат дека се проверуваат и евентуални врски со организации и здруженија.

Во последниот период, прашањата поврзани со македонско-бугарските односи повторно предизвикаа силни реакции во јавноста, како и изјави од европратеници и политичари, додека на социјалните мрежи зачестија содржини со навредлива и провокативна реторика.

Од Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност засега нема официјални информации за предметот. Повеќе детали, според сознанијата на „Скопје1“, се очекуваат по завршување на дел од истражните дејствија и евентуалното процесуирање на случајот.

Извор: Скопје1.мк

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Околу 20 портали и профили под истрага…

Околу 20 комуникациски канали, меѓу кои веб-портали,…

МВР со превентивни активности за спречување на…

Во Штип, Делчево, како и на подрачјето…

Македонец бил удрен од автомобил во Холандија,…

На патот Масвлакте, Ротердам, 31-годишен маж од…

Мицкоски очекува зголемување на цените на горивата:…

Очекувам да имаме зголемување од околу 2…

МВР: Лишени од слобода 18 возачи за…

Во текот на изминатото деноноќие на целата…