ОН усвои нова мапа на светот, со реални големини на државите
Генералното собрание на Обединетите нации усвои резолуција со која се воведува нова мапа на светот што ги прикажува вистинските пропорции на државите и континентите. Иницијативата наречена „Correct the Map“, предложена од земјите на Африканската унија заедно со Бахамите, помина со поддршка од 164 земји-членки, со цел да се надмине неколкувековната визуелна искривеност што ја наметна класичната Меркаторова проекција.
Досегашните стандардни мапи на светот главно се потпираат врз Меркаторовата проекција од 1569 година, дело на европскиот картограф Герардус Меркатор. Таа со векови се користи во поморската навигација затоа што правите линии овозможуваат едноставно следење на курсот. Но, цената за таа прецизност е огромно географско искривување.
Колку што една копнена маса е подалеку од екваторот, толку изгледа поголема. На таквата мапа Гренланд делува поголем од Јужна Америка и рамноправен по големина со Африка. Во реалноста, Африка е дури 14 пати поголема од Гренланд, чија вистинска површина е приближна само на Демократска Република Конго.
Резолуцијата на ОН го дефинира ова поместување како „чин на когнитивна правда и морална репарација“. Во документот се посочува дека маргинализирањето на вистинските димензии на Африка, Латинска Америка и Јужна Азија со генерации наметнува искривена слика за развојниот потенцијал, инфраструктурните потреби и геополитичкото значење на јужните региони.
ОН како нов официјален стандард ја промовира проекцијата Equal Earth, изработена во 2018 година. На оваа мапа секој континент и држава ја задржуваат својата точна пропорционална површина.
Европа и Северна Америка добиваат значително поскромни визуелни рамки, Гренланд е драстично намален, додека Бразил и целиот африкански континент заземаат простор што соодветствува на нивните вистински квадратни километри. Проекцијата овозможува и верзија чиј визуелен центар не мора нужно да биде Гринич во Лондон, туку Океанија, со што се отстрануваат и поплаките на земји како Нов Зеланд, кој редовно завршуваше исечен на самите рабови од глобалните карти.
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро соопшти дека Франција целосно ја напушта Меркаторовата проекција. Според него, САД, Русија и Кина со децении имале непропорционална визуелна доминација на штета на глобалниот југ, а кога искривувањата траат со векови, тие стануваат дел од колективната перцепција.
Резолуцијата доби плебисцитарна поддршка од 164 држави. Единствена земја што гласаше против беа Соединетите Американски Држави. Шест држави одлучија да бидат воздржани: Србија, Украина, Грузија, Молдавија, Естонија и Литванија.
Гласањето следи по неколкумесечна дипломатска офанзива на Африканската унија, која во март годинава ја официјализираше мапата Equal Earth, а преку Того побара истата да стане глобален стандард. Резолуцијата содржи и директен апел до дигиталните гиганти и картографските сервиси, како што е Google Maps, да ги усогласат своите алгоритми и прикази со новата, рамноправна проекција.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ОН усвои нова мапа на светот, со…
Генералното собрание на Обединетите нации усвои резолуција…
Од лекар до актерка: Објави за Ратко…
Објави за Ратко Младиќ оставија најмалку петмина…
Мелони: Италија внимателно ги следи сите безбедносни…
Италијанската премиерка Џорџија Мелони денес изјави дека…
Москва го обвинува Западот за поткопување на…
Запад работат на поткопување на меѓународниот правен…
Ангелов: Куќите во Грачани и Никиштане се…
Авионите на Дирекцијата за заштита и спасување…