Опозицијата или власта, кој води хајка против Данела Арсовска?

t

Никогаш не сум верувал дека процесот на лустрација ја постигна својата цел, напротив, отсекогаш сметав дека тој процес треба да биде интерен и да се однесува само на лицата кои се засегнати со овој процес. Јавноста, разбирливо секогаш ќе биде заинтересирана за сеирот на лустрираните лица. Но, од денешен аспект, а во смисла на овој текст, јавната презентација на резултатите од лустрацијата можеби и ќе ја оправда својата функција.

Ова особено го мислам во случајот на Јадранка Костова – единствениот лустриран новинар, за кој комисијата за лустрација докажа дека своевремено била соработник на безбедносните служби на бившата држава. А, можеби и на оваа, но за жал лустрацијата не го опфаќа периодот на независност на Р.Македонија.

Но, текстот не е за процесот на лустрација, туку за непринципиелноста. За лажното морализирање и трговијата со влијание.

Ако се прашувате зошто го почнувам текстот со овој вовед, ќе дознаете на крајот.

Каков имот имаат родителите на Арсовска?

На еден просечно добар новинар не би му требало повеќе од 40-тина минути да провери и да потврди со каков имот располагаат родителите на Аросвска. Впрочем, ова важи за било кој граѓанин на државава. Податоците се јавно достапни и лесно проверливи.

Конкретно, таткото на Арсовска, Ванчо Јовановски располага со куќа во Козле наследство од неговиот татко, во која живее тој и неговата сопруга, мајка на Данела Арсовска. На негово име има и имот – куќа во Пржино, за која краткиот одговор на Арсовска беше дека е исплаќана на кредит.

– Куќата е градена речиси цела деценија, а финансирана е со кредит од банка кој што до неодамна моите родители го исплаќаа, рече Арсовска.

Што се однесува пак на наводните хотели, кои биле сопственост на таткото и братот на скопската градоначалничка, повторно, просечно добар новинар би проверил и би знаел дека објектот во Капиштец, наспроти црквата Св.Јован во кој сега е сместен старечкиот дом „Феникс“ е сопственост на компанијата „Ројал“, која објектот го има купено пред 15 години, преку финансирање со кредит. Истиот објект, е издаден под закуп на фирмата „Феникс“ која стопанисува со истоимениот старечки дом.

Не би сакал да ја деградирам работата на колега новинар, но едноставно „истрагата“ на колешката Мулачка е ноторна лага.

Но што е со спортската сала „Расадник“ во општина Кисела Вода?

По кратка проверка, просечно добар новинар би знаел дека спортската сала Расадник била под закуп на 25 години, со неа со години не стопанисува таткото на Арсовска, а со објектот располага државата.

Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, во краток разговор со Инфомакс ја потврди оваа информација, додавајќи дека во моментов општината работи на склучување на договор за трајно користење на спортската сала со Владата, по што се планира реновирање и модернизирање на спортската сала.

– Во моментов работиме да ја добиеме на трајно користење од државата салата Расадник која нема концесионер, а планираме преку јавно-приватно партнерство потоа да ја реновираме и модернизираме, со што граѓаните на општина Кисела Вода би имале соодветно место за спорт и рекреација., вели Ѓорѓиевски.

Води ли Антикорупциската комисија и УЈП истрага за „имотот на Данела Арсовска“?

Ноторна лага е тврдењето дека ДКСК и УЈП водат некаква истрага за „имотот на Данела Арсовска“, поточно, за имотот на нејзиниот татко.

Според ДКСК, истрага не постои, туку само проверка за тоа дали Арсовска се уште живее во заедница со нејзините родители или не.

Во разговор со претседателката на Државната комисија за спречување корупција, Билјана Ивановска, Инфомакс доби одговор дека во моментов работата на комисијата е во насока да се испита дали Арсовска живее во заедница со нејзините родители, затоа што исто како и за сите останати функционери единствено тогаш постои обврска за пријавување во анкетен лист.

– Повеќе од 20 години не живеам со моите родители, накратко одговори градоначалничката на град Скопје Данела Арсовска.

Ниту УЈП не води никаква истрага.

-Управата за јавни приходи согласно член 76, 77 и 78 од Законот за данок на личен доход (“Службен весник на РМ, бр. 241/18 и Службен весник на РСМ бр. 275/19, 290/20 и 85/21„), за физичките лица кои не се носители на јавна функција, спроведува посебна даночна постапка за утврдување на данокот на личен доход на непријавени и неоданочени приходи. Доколку во истата се утврди дека лицето поседува имот или располага со средства поголеми од оданочените, кои потекнуваат од доход на кои не е утврден данок и чие потекло не може да се докаже, УЈП донесува решение за утврдување на данокот на тој доход. Основа за пресметување на данокот претставува разликата помеѓу вредноста на имотот и докажаната висина на средствата за негово стекнување. Данокот на непријавениот доход се пресметува по стапка од 70%, велат од УЈП.

Потоа се повторува истиот одговор кој го доби и Фокус дека од 2019-та година дел од надлежностите на УЈП сега ги адресира Државната комисија за спречување корупција.

-Управата за јавни приходи спроведуваше постапки за испитување на имотот и имотната состојба на избран или именуван функционер, како и друго службено лице и одговорно лице во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице што располага со државен капитал, се до донесување на новиот Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси (“Службен весник на РМ“ бр.12/19 од 19,01,2019 година) која што надлежност премина на Државна комисија за спречување на корупцијата, велат од УЈП.

За на крајот за поставените прашања не упатија да се обратиме во Државната комисија за спречување корупција.

-Согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси (“Службен весник на РМ“ бр.12/19 од 19.01.2019 година) дефинирани се условите и начинот на пријавување на имотната состојба на избран и именуван функционер како и имотот на членовите на неговото семејство со кои живее во заедничко домаќинство. За наведеното, потребно е да се обратите до ДКСК како надлежен орган за испитување на имотот и имотната состојба на избран или именуван функционер. Доколку станува збор за лице кое не е избран или именуван функционер како беше погоре напоменато, Управата за јавни приходи може да спроведува посебна даночна постапка согласно Закон за данок на личен доход (“Службен весник на РМ, бр. 241/18 и Службен весник на РСМ бр. 275/19, 290/20 и 85/21„), додаваат од УЈП.

Хајка против Данела Арсовска, и зошто ја споменав Јадранка Костова?

Релевантноста на еден медиум во суштина потекнува од интегритетот на неговиот уредник. Јадранка Костова – одговорна за одобрување на текстот на Ирена Мулачка во „Фокус“ – колку за потсетување беше уредник и на телевизијата „1ТВ“, телевизија која Бојан Јовановски – Боки 13 ја користеше како средство за рекетирање на бизнисмени и политичари. Токму Јадранка Костова, инаку лустрирана како соработник на безбедносните служби, беше домаќин на Бојан Јовановски во интервју во кое обвиненијата за рекетирање беа реалтивизирани и отфрлени, само неколку дена пред обвинението за „Рекет“ – случај кој заврши со затворски казни за екс-шефот на Костова.

Ако ја користиме логиката на „Фокус“, тогаш, можеме ли да тврдиме дека токму Костова повторно одработува рекет во корист на некој друг?

На пример, ако знаеме дека Данела Арсовска нема издадено дозвола за сечење на 100 дрвја во шумскиот појас на Водно, на плац во сопственост на компанија  која пак планира на овој плац да изгради хотел и пристапна улица која дополнително ќе го наруши зеленилото во овој дел на општина Центар, тогаш можеме ли да заклучиме дека се работи за притисок и хајка врз скопската градоначалничка со цел да попушти по ова прашање?

Има ли оваа компанија врски во власта, но и во опозицијата кои ги користи за влијание врз медиумите?

Платени ли се овие текстови токму од фондот на оваа градежна компанија?

А.Митовски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Скопјанец доби кривична пријава: Пронајдени куршуми во…

ОСОСК поднесе кривична пријава против Ф.С. (34)…

Прегазен струмичанец во Скопје, со тешки повреди…

Четириесет и седумгодишен струмичанец е тешко повреден…

Во Скопје се апсеа дилери, уапсени и…

Во текот на вчерашниот ден во Скопје…

За скопските општини денеска е неработен ден…

За скопските општини денеска е неработен ден…