Општина Карпош крева глас против врсничкото насилство со едукативни работилници во основните училишта

t

Работилниците против врсничко насилство кои компанијата „Макпетрол“ ги организира во рамки на едукативната кампања „Крени глас против врсничкото насилство“ наскоро ќе се одржуваат и во десет основни училишта во скопската општина Карпош. Членот на Управниот одбор и директор во „Макпетрол“, Марија Јосифовска-Спасовска денеска потпиша меморандум за соработка со градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, со што и основците од подрачјето на Карпош, нивните родители и наставниот кадар ќе се едуцираат за проблематиката поврзана со врсничко насилство.

Општествено одговорната кампања на „Макпетрол“ наидува на силен одзив во јавноста, а општинските власти од повеќе градови низ земјава самоиницијативно се вклучуваат во неа со цел што поголем дел од заедницата да се вклучи во едукативните работилници што ги водат психотерапевти со практично искуство со врсничкото насилство. Овие работилници на територијата на општина Карпош ќе се одржуваат во основните училишта „Аврам Писевски“, „Братство“, „Вера Циривири Трена“, „Владо Тасевски“, „Војдан Чернодрински“, „Димо Хаџи Димов“, „Јан Амос Коменски“, „Лазо Трповски“, „Петар Поп Арсов“ и „Христијан Тодоровски Карпош“. Покрај Карпош, работилниците се одржуваат или наскоро ќе почнат и во скопските општини Центар, Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода и Ѓорче Петров, како и во основните училишта во гевгелија. Во план е практичните обуки да се прошират и во уште неколку други општини низ Македонија.

Од „Макпетрол“ истакнуваат дека проблемот со врсничкото насилство, познато како булинг, е широко распространет меѓу младите. Поради тоа, неопходно е да се почне со подигнување на јавната свест за тежината на овој проблем и последиците што врсничкото насилството ги остава врз кревката детска психа.

– Булингот остава трајни последици врз секого, особено врз децата и младите кои допрва се градат како личности. За жал, во најголем број од случаите, тој е прикриен од страна на жртвите, кои се исплашени да зборуваат и да споделат со некого. Затоа се потребни сериозни активности со кои ќе почнеме да се соочуваме и справуваме со проблемот, а особено е важно да работиме на превенција. Целта на кампањата е да ја подигне свеста на целата заедница дека сите будно треба да внимаваме на односите меѓу децата и младите, да им помагаме да развиваат емпатија и емоционална интелигенција, но и да се отворат и без страв и задршка да зборуваат за оваа тема. Подигнување на јавната свест е првиот чекор, но понатаму се потребни уште многу активности со кои заеднички ќе се бориме и справуваме со проблемот со врсничко насилство – вели Марија Јосифовска-Спасовска, член на Управниот одбор и директор во „Макпетрол“.

Едукативните работилници во рамки на кампањата „Крени глас против врсничкото насилство“ засега опфаќаат шест скопски општини: Центар, Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Ѓорче Петров и Карпош. Покрај општините во Град Скопје, интерес за да се вклучат во кампањата покажаа и основните училишта на подрачјето на Гевгелија, а во план е тие да се прошират и во уште неколку други општини низ земјава.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Украден сеф од објект во Карпош!

Украден сеф од продавница во скопски Карпош,…

Ограбена аптека во Карпош

На 20.03.2024 околу 21.05 часот во СВР…

Притвор за тројца мажи кои претепале две…

Основното јавно обвинителство Кочани поведе постапка против…

Советот на Општина Карпош ја усвои завршната…

Во рамки на 45. седница, членовите на…

Левица ги исклучи од членство Бранко Ристов…

Ја информираме јавноста дека Левица го суспендира…