Осум граѓански организации бараат Владата да го разреши директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците

t

Осум граѓански организации бараат од Владата итно да ја преиспита одговорноста и да го разреши директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ.

Барањето следува по објава споделена од Китановиќ на социјалните мрежи, во која, со пораките „За крст часни и слободу златну“ и „Генерали небеске војске“, биле прикажани личности поврзани со четничкото движење, меѓу кои и Дража Михајловиќ и Ратко Младиќ, кој е правосилно осуден за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства.

Од организациите велат дека објавата не може да се смета само за приватен став, бидејќи станува збор за директор на јавна институција чија надлежност е остварување, унапредување и заштита на правата на припадниците на помалубројните заедници.

„Од директорот на Агенцијата се очекува да придонесува кон меѓуетничката доверба, еднаквоста и заедничкото живеење. Величањето личности и идеологии поврзани со прогон, асимилација, воени злосторства и геноцид е неспоиво со мандатот и одговорноста на функцијата“, се наведува во барањето.

Граѓанските организации предупредуваат и на можната загриженост кај вработените во Агенцијата кои припаѓаат на заедниците што ги опфаќа нејзината работа. Тие прашуваат дали вработените можат да се чувствуваат безбедно и достоинствено во работна средина предводена од директор кој јавно споделува вакви содржини.

Од Владата се бара да ја испита политичката, етичката и институционалната одговорност на Китановиќ, да донесе одлука за негово разрешување, да преземе мерки за заштита на вработените и јавно да се огради од величањето на осудени воени злосторници и идеологии што поттикнуваат национална и верска омраза.

Барањето е доставено и до Јавното обвинителство, од кое се бара по службена должност да ја испита содржината и контекстот на објавата и да утврди дали постојат елементи на кривично дело согласно член 407-а од Кривичниот законик.

Организациите нагласуваат дека проценката за евентуална кривична одговорност е исклучиво во надлежност на органите на прогонот и судот.

Иницијативата е доставена и до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и до националниот координатор за меѓуетничка и меѓуресорска соработка, Салко Куч.

„Ова не е прашање на дневна политика, етничка припадност или приватно убедување. Ова е прашање на цивилизациски вредности, владеење на правото, почитување на жртвите и одговорност на носителите на јавни функции“, порачуваат потписниците.

Барањето го потпишаа НВО „Шадрван“, НВО „Диван“, Институтот за истражување и анализа на политики „Ромалитико“, НВО „Диванхана“, НВО „Легис“, НВО „Смарт код“, Бошњачкиот национален совет и Бошњачката културна заедница.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Кочанскиот обвинител бара јавно извинување од Ива…

Обвинителот од Основното јавно обвинителство Кочани, Игорчо…

Мицкоски се сретна со новата британска амбасадорка…

Премиерот Христијан Мицкоски денеска остварил средба со…

„Безбеден град“ и во Струмица, Битола и…

Министерството за внатрешни работи планира да ги…

Повеќе од 600 затвореници во Велика Британија…

Британската влада денеска ослободи уште 650 затвореници…

(Видео) Еден полицаец загина, а друг е…

Еден полицаец загина, а друг е тешко…