Отворени прашања  – редовна неделна колумна на Оливер Андонов

t

Почитувани читатели, изминатите три колумни низ анализа, сарказам и раскази, Ви глаголев токму за отворените прашања кои како македонска нација ги имаме и никако низ учество во процесите, меѓусебен алтруизам и придржување до ноторните факти да ги затвориме.

Очигледно е дека некому (во геополитички рамки) не му одговара затворањето на отворените прашања во Македонија, но во исто време самиот тој поттикнува внатрешни сили кои ја завршуваат работата за негови цели. При тоа, упорно не се затвораат прашањата, туку на секој начин се обидуваат да ги остават отворени и заплеткани, а по можност и веќе затворените да ги отворат повторно и повторно. И таа состојба трае и трае до бескрај во нашата Македонија, поттикната или поточно кажано, подгреана конфликтна состојба од многу аспекти, при која намерно се држат отворени прашања. Прашања кои многу лесно може да се затвораат или сѐ веќе затворени, но сѐ прави привид дека не се затворени. Целта е едноставна, да се доведат во забуна и заблуда македонските граѓани, да се попречат процесите и да си останеме до бескрај да „функционираме“ како полу-држава. Голем е списокот на отворени прашања или оние кои повторно и повторно се интересни за отворање и подгревање, но во оваа колумна ќе се задржам на три, за кои сметам дека во овој миг се клучни за Македонија и сите нас. Воедно оваа колумна ја пишувам без сарказам и пренесено значење и ве молам буквално така да ја разберете.

Првото клучно отворено прашање е борбата против криминалот и корупцијата, а што подразбира и средување на обвинителството и судството, за да може да се води брза, одлучна и бескомпромисна борба против криминализацијата на општеството на највисоко ниво. Одговорноста и вината за сеуште отвореното прашање на оваа тема, без надеж дека нешто ќе се помести набргу е исклучиво врз неспособната власт на СДС и лицето кое се претставува за премиер, Ковачевски. Да имаше малку желба за затворање на оваа прашање, Ковачевски за година и половина колку што е премиер можеше исклучиво да се посвети на оваа прашање и без пардон и со помош од нашите партнери од ЕУ и САД да го затвори еднаш засекогаш. Но, најпрво требаше да почне од сопствениот двор, а тој јадниот нема храброст за тоа и мисли дека исклучиво преку буткање и тоа пред се реторички на европската агенда ќе преживее политички. Кому му е од полза оваа однесување на Ковачевски? На истите оние на кои им е од полза да не бидеме дел од ЕУ, односно да не започнеме преговори, бидејќи тогаш сакале или не ќе мора да го затвориме ова прашање и тоа во најкус рок.

Второто клучно прашање кое е надоврзано на првото е внесувањето на Бугарите во уставот на Македонија како услов од преговарачката рамка за започнување на преговорите. Е тука драги мои Македонци, сограѓани, на сцена е Мицкоски и неговите „тврди“ ставови, кои и не се баш така тврди, но се намерно шовинистички и сега не само кон нашите сограѓани Бугари, туку и кон нашите сограѓани Албанци. Евтините обиди на Мицкоски да се насочи вниманието кон ДУИ како единствен виновник за корупцијата и криминалот во владата на Ковачевски во која Ковачевски е лице кое се претставува за премиер, е само поддршка на СДС и Ковачевски да не се затвори првото отворено прашање, а воедно алиби да не се затвори и второто отворено прашање, односно да не се дојде никако во состојба да започнеме преговори за членство во ЕУ. Здраворазумски се поставува едно прашање на кое Мицкоски треба да даде одговор: „Во чии влади континуирано од 2008 година беше ДУИ и со кои кадри“? Оттука, би било логично Мицкоски да не бара влегување во влада со СДС без ДУИ за да поддржи уставни измени туку да поддржи уставни измени и единствен услов да биде (кога веќе води политика на условување) формирање на техничка влада и одење на избори. Впрочем, има и втора, можеби уште подобра можност за Мицкоски. Тоа е да поддржи уставни измени и прифати во следната години до редовните избори да биде премиер и веднаш на дело да спроведе борба против корупцијата и криминалот и да го реформира судството и обвинителството. Но, Мицкоски не смее да влезе во влада и не смее да дозволи уставни промени. Тоа е наредбата од неговите газди за да не започнат преговорите со ЕУ, при што е главен под залог самиот тој, но ја стави и ВМРО-ДПМНЕ под залог.

Затоа драги мој сопартијци не очекувајте ништо спектакуларно, а особено вие клиентелисти и полтрони собрани околу Мицкоски, не се надевајте дека ќе седнете во министерски фотелји или ќе добиете државни функции, нема ништо од тоа, ама Мицкоски не сака да ви каже дека не смее да влезе во влада. Единствено што не очекуваше дека Ковачевски се ќе му даде и ДУИ ќе прифати да излезе од влада само за да поминат уставните измени поради што се согласи на уставни измени, а сега се препелка како риба на сува додека клиентелистичко-полтронската булумента во нашата партија се обидува да му даде вештачко дишење за да преживее политички.

Како и да е нашите сојузници и пријатели, сѐ ќе сторат за да поминат уставните измени и како што уште минатата година му напишав на Мицкоски, единствено тој е и ќе биде виновен за разочарувањето на членството и граѓаните во ВМРО-ДПМНЕ и уривањето на партијата поради погрешни, а сега веќе и шовинистички и анти ЕУ политики (слушнете го неговиот последен говор во Прилеп).

Така, ние всушност си имаме работа со двајца политички мртовци (Ковачевски и Мицкоски) кои всушност исполнуваат иста задача: „Македонија да не започне преговори со ЕУ и нашето членство во Унијата да стане извесно и со тоа ќе зависи од други услови, пред се од нашата работа“.

Во ваква состојба неминовно треба да бидеме свесни дека нашите стратешки партнери ЕУ и САД ќе ја имаат иницијативата да не направат уредена држава членка на ЕУ.
Третото отворено прашање е МПЦ-ОА и тоа навидум нема директна поврзаност со нашето членство во ЕУ, но има исклучителна улога во одржувањето на немирот, конфликтноста и неизвесноста, но пред се апатијата кај Македонците создадена низ континуирани национални порази, за што секако повторно „виновни се ЕУ и САД“, нели.

Токму процесот за автокефалност на МПЦ-ОА кој заврши конечно и формално ќе се финализира на седницата на Синодот на МПЦ-ОА на 20-ти Јуни, антимакедонските структури затскривајќи се зад нивните наводно про НАТО и про ЕУ, а анти Руски ставови, во континуитет се обидуваат да го остават отворен. Нема потреба повторно да објаснуваме дека втор Томос за автокефалност од Константинополскиот Патријрх не ни треба и дека се околу автокефалниот статус на нашата Света МПЦ-ОА е канонски. Потребно е да ги кажеме отворено условите кои ни се поставуваат од Фанар за воопшто да не впишат во нивниот Диптих на автокефални помесни Православни Цркви, а при тоа, тоа да го направат со целото име на МПЦ-ОА или барем како Охридска Архиепископија-Јустинијана Прима, при што ова второто нема да биде општоважечка формулација на наше именување за сите Помесни Православни Цркви, туку само за Константинополската Патријаршија и нема да предизвика промена на Уставот на МПЦ-ОА. И да не се надеваме дека воопшто тоа доброволно и љубовно ќе го направат во духот на Православието за што со полна уста фалби фанариотските лобисти во Македонија и во МПЦ-ОА зборуваат. Не, Фанар нема љубов кон нас (барем официјален Фанар) и тоа се гледа преку условите кои ни ги поставуваат. Празни се писанијата на дедо-Наум како што самиот се нарекува Митрополитот на Струмичката Епархија Наум кога пишува дека не сме добиле никакви уцени од Фанар. Може да се преврти на глава Марјан Николовски од Сител – портал религија со нарачано пишување глупави тези и напади врз Митрополитот Преспанско-Пелагониски Петар и некои други владици, дури и претставувајќи ги како про Руси, а ни збор не кажувајќи за нивното сослужување со
Антиохиските Митрополити или Архиепископот на Чешка и Словачка.

И зошто е тоа така? Затоа што од интерес на Грција е да се држи отворено, односно да се ре-отвара (ова ме потсетува на славното ре-преговарање) прашањето за автокефалност на МПЦ-ОА па дури и да се наметнува гледање низ призмата на про Руско однесување кон сите оние кои не прифаќаат уцени од Фанар, а сѐ со единствена цел да се избрише името МАКЕДОНСКА од нашата МПЦ-ОА. Е тоа е чиста политика, а не братска Православна љубов во Христа Бога.
Оттука, отворено и јавно ќе кажам дека Митрополитот Наум лаже кога вели дека Фанар не нѐ уценува, а самиот добро знае уште од минатата година што се бара од нас и тоа првенствено:

1.Да нема Македонска ниту било каква изведенка од името Македонија во името на нашата МПЦ-ОА.
2.Единствено име да биде Охридска Црква, како црковен и национален идентитет (впрочем за Грците досега бевме скопјани, а отсега да бидеме охриѓани).
3.Да ги предадеме на Фанар нашите епархии и црковни општини во дијаспората.
Не е добро Митрополитот Тимотеј да не биде доследен на искажаните негови возвишени зборови на јутјуб каналот „нов АСНОМ“ дека не се откажуваме од името Македонско, а предлага негови клирици да бидат произведени во архимандрити и прото-презвитери на „Вселенскиот трон“ од страна на Константинополската Патријаршија, со тоа дозволувајќи мешање на Цариград во јурисдикцијата на МПЦ-ОА, посебно затоа што тоа е во спротивност со Уставот на МПЦ-ОА.
Затоа драги мои сонародници нема никаква потреба да чекаме Томос од Фанар и да се понижуваме пред нивните уцени и лаги. Синодот на МПЦ-ОА треба веќе на 20ти Јуни да донесе одлука за одговор кон Фанар, на неговите уцени, и истите да ги одбие без да се впушта во некакви си преговори. Ова е сега во рацете на Архиепископот Стефан со што ќе има можност да покаже цврсто однесување кон барањата на Фанар, ќе се покаже цврст став за сопствената Црква на која е претстојател и за сопствениот народ Македонски кои на секоја литургија се моли за него „Цел, чесен здрав, долгоденствен, правилно да управува со словото на Божјата вистина“. Впрочем, овој возглас од Светата Литургија, особено „ЧЕСЕН и ПРАВИЛНО“ е многу важно и се однесува на сите митрополити на Синодот на МПЦ-ОА. Уште во 2020 година во мојата колумна Ecclesia patinas ви напишав дека сите Вие како членови на САС на МПЦ-ОА, никаде на друго место освен во МПЦ-ОА нема да можете да бидете владици и тоа Македонци. Затоа јавно Ве повикувам како митрополити на МПЦ-ОА да ја заштитите нашата света Црква и Православниот македонски народ, впрочем тоа Ви е обврска за која добар одговор ќе треба да дадете на страшниот Христов суд.

Ова прашање кое политички се злоупотребува и предизвикува големи штети врз Македонија, а особено смут кај Македонците мора итно да се затвори со јасен одговор кон Фанар и неговите продолжени раце во Македонија. По така јасен одговор зад кој ќе стои целиот Синод на МПЦ-ОА, сите дезинформации и манипулации на порталот религија и неговиот уредник, како и на Антанискиот Партениј и дедо-Наум ќе станат нерелевантни засекогаш. Со тоа во иднина секој нивен индивидуален настап кон уривањето на автокефалијата на МПЦ-ОА, ќе даде Господ да биде по примерот и судбината на актерите на првото укинување на Архиепископијата во 1762 година, Станче беј, Бујар Лигдо и Пејо Челеби, со народната клетва пренесена од Григор Прличев: „И сега во куќи нихни, ткае пајак пајачина и на пусти стрехи нихни хукат хутове“.

Сепак за да се надмине оваа состојба долгорочно, неопходно е МПЦ-ОА да профункционира како вистинска Автокефална Помесна Православна Црква, а тоа значи да направи реорганизација на својата структура и ефикасно да работи и биде присутна во секојдневниот живот во Македонија. Под секојдневен живот не се подразбираат требите и основните свети тајни (крштевки, венчавки, опела, панагии, тресагии, помени), тука се подразбира општествено-одговорна и социјално корисна работа на МПЦ-ОА. За да се дојде до тоа, најпрво треба да се направи арондација на епархиите и зголеми бројот на епархиски епископи, а потоа да се организираат одделите при Архиепископијата како: Оддел за меѓународни односи со други Цркви, Оддел за односи со јавност, Оддел за просвета и култура, Оддел за издаваштво, Оддел за социјална работа итн. Тоа не треба да бидат оддели со по еден човек како што е сега, туку навистина оддели со вработени луѓе (свештеници и мирјани) кои се стручни во овие области, при што самите оддели ќе покажат голема црковна и општествена динамика. Сепак, оваа тема за реорганизација на МПЦ-ОА е поширока и нема да се задржуваме во оваа колумна на неа.

Како што кажав, важно е да се затвори оваа прашање засекогаш, а тоа за почеток е можно само и исклучиво со јасен и цврст став на Синодот на МПЦ-ОА кон уцените од страна на Фанар.
Затворањето на отворените прашања, едно по едно или во пакети е исклучиво и само од полза на македонската нација и државата Македонија и отвара можност за исправка на досегашните грешки, навреди и понижувања кои ги претрпевме од разно-разни власти и политиканти за кои невнимателно гласавме. Еден клучен сегмент од исправањето на грешките и нивните последици е и работењето за враќање на името на државата како „Држава Македонија“ и осовременувањето на македонска нација. Токму затворањето на третото (Црковното) прашање е директно поврзано со ова да ја наречам крајна цел и интерес верувам на сите нас во Македонија како дел од македонската нација.

На денот на Светиот свештеномаченик Доротеј Тирски

Редовен професор д-р Оливер Андонов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

На велигденската трпеза треба да ги има…

На Велигден православните верници се поздравуваат со:…

НАЈСТРОГ ПОСТ: На Велики петок не треба…

Велики петок се празнува со свети литургии…

Какво ќе биде времето викендов?

Денес, особено во источните делови на повеќе…

Кина лансира сонда која ќе собира примероци…

Кина ќе ја лансира лунарната сонда Чанге-6…

Вучиќ: По гласањето за Резолуцијата за Сребреница…

Генералното собрание на ОН најверојатно ќе гласа…