Пандев: Италијанците не може да ја преболат Македонија, Португалија може да го освои СП!
Македонскиот рекордер Горан Пандев (122 меча – 38 гола), кој годинава замина во фудбалска пензија, една година после заминувањето од националната репрезентација, е воодушевен од Португалија после синоќешната моќна победа со 6-1 против Швајцарија и „европските Бразилци“ ги посочи како можни освојувачи на СП во Катар.
Пандев после величенствената дводецениска кариера во која остави силен белег во италијанското Калчо (скоро 500 меча, над 100 гола), ланското лето се пензионираше од македонската репрезентација на Еуро 2020, а годинава стави крај на кариерата. Тој на гостување за регионалната телевизија „Спортклуб“ од Италија посочи дека Италијанците и девет месеци после чудото во Палермо не може да ја преболат Македонија.
„Во Италија се уште зборуваат како Македонија ја исфрли Италија од СП. Не можат тоа да го прифатат. Гледам мечеви на Раи Уно и пред меч, после меч постојано споменуваат како Италија недостига. Италијанците се такви, сакаат да ја гледаат својата репрезентација“, вели Пандев.
Македонија со голот на Александар Трајковски ја исфрли Италија, актуелниот европски првак во мундијалскиот бараж, но потклекна во Порто против Португалија (0-2), која сега го импресионира Пандев и тој посочува дека „европските Бразилци“ со тоа што го покажаа – можат со „златниот пехар“.
„Мене многу ме изненади Португалија во позитивна смисла и мислам дека на крај може да го освојат ова СП. Јас се надевам дека нè чекаат добри мечеви, да има голови, зашто сите навистина се добро тактички и физички подготвени. Фаворити? Кога ќе дојдеш меѓу најдобрите осум – нема фаворити. Сигурно е дека ќе бидат интересни мечеви. Бразил има фонд на играчи, 22-23 врвни, исто и Франција. Но, мене многу позитивнио ме изненади Португалија. Португалија го одигра најдобриот меч на ова Сп, имаат навистина силна репрезентација и ги гледам како едни од првите три фаворити за освојување на титулата“, вели Пандев.
Македонската легенда додава дека Мароко за него не е изненадување, а од друга страна е непријатно изненаден од Луис Енрике, селекторот на Шпанија кој не успеа да смени нешто во играта, за „фуријата“ да избегне елиминација.
„Ова Светско првенство навистина е интересно, навистина се игра во еден чуден период и мислам дека има доста добри мечеви. За мене Мароко и не е некое изненадување, зашто Мароко има квалитетна селекција, тактички многу добра, технички со врвни играчи и заслужено победија. Шпанците играат до нога, ама немаат завршен пас. Нема простор во игра, немат конкретни шанси, а иако влезе Мората ништо не се смени. Изненаден сум од Луис Енрике, зашто не проба ништо да смени, да не може да направи нешто поконкретно. Постојано играат еден ист фудбал. Мака ми е за нив, ама Мароканците заслужено ги победија“, посочи Пандев.
Извор: sport1.mk
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кривична пријава за охриѓанец, си оградил повеќе…
СВР Охрид поднесе кривична пријава против лице…
(Видео) Земјотрес од 7,2 степени го погоди…
Земјотрес со интензитет од 7,2 степени по…
САД воведоа нови санкции против Куба, насочени…
САД денес воведоа нови санкции врз Куба,…
Гори кај Никуштак: Интервенираат „ер тракторите“ на…
Во тек е интервенција на пожарот во…
„Август е проклет месец“: Путин под притисок…
Украина му го отежна животот на Владимир…