Песна за лузерот: Раководството на ДПМНЕ веќе го изгуби кредибилитетот да се идентификува со ВМРО

t

Песна за лузерот

(или: Птиците умираат пеејќи)

Еден од основните мотиви, за формирањето на фракцијата, беше артикулирање на вистинските ставови и мислења на членството на ДПМНЕ. Доколку се сеќавате, првите несогласувања на јавна сцена започнаа по онаа бесрамно лажење на Изнотгут (Александар Николоски) на Канал 77 за пресудната и влијателна улога на партијата врз дипломатијата на Чешка и Словачка, по што следуваше ладен туш во облик на демант од страна на дипломатските претставници и на двете држави во Македонија. Само ќе напоменам дека пред да се случи нивната дипломатска реакција на јавните лаги на Изнотгут, го предупредив Мицкоски за тоа и за последиците, на што тој не реагираше и бев приморан заради заштита на угледот на партијата да реагирам јавно.

Истоштени од хипокризијата на лузерот Мицкоски и „Дружината братско стебло“, кои за свои лукративни цели ја оковаа партијата и нанесоа огромна штета на државата, се појавивме за да го сочуваме вистинскиот идентитет на ДПМНЕ. Не за џабе не ги споменувам четирите свети букви – ВМРО, синонимот на македонската кауза. Раководството на ДПМНЕ веќе го изгуби кредибилитетот да се идентификува со ВМРО, ова не е мое мислење, ова е факт кој ден низ ден го потврдуваат самите.

Од своето формирање ВМРО е со десна политичка платформа и прозападна ориентација. Во еден историски момент, поради одредени лоши анализи, плод на наметнати од страна политички мислења, ВМРО за момент прави лоша проценка и повлекува уште полоши политички потези. Станува збор за 1924 г. и фамозниот Мајски манифест после кој ВМРО доживува дебакл, катарза проследена со голема братоубиствена војна. Подвоена организацијата никогаш нема да успее да го поврати сјајот и кредибилитетот кој до тој момент го има кај македонскиот народ. За оние кои заборавиле, Мајскиот манифест е плод на една разузнавачка игра на Советскиот сојуз, реализирана благодарение на инфилтрацијата во редовите на ВМРО од страна на СССР со цел поништување на македонското револуционерно движење, кое во тој историски момент им пречи на геополитичките интереси на СССР на Балканот.

Историјата, како учителка на животот, има за цел да не научи да не ги повторуваме грешките од минатото. Во контекст на ова постојат многу умни изреки, во оваа пригода би ја посочил онаа за повторувањето на историјата, прво како трагедија а потоа како фарса. Мислев дека оваа лекција е добро научена од македонскиот народ, а пред се од оние кои милуваат да се нарекуваат политичари – опозиционери.

Имено, никако не очекував дека и денес има личности кои ја следат погубната, по македонскиот народ, политичка философија и се идентификуваат со оние кои го подметнаа Мајскиот манифест. Посебно дека тоа ќе биде раководството на ДПМНЕ. Расфрлувајќи се на сите страни дека нивните заложби се европска Македонија и членство во НАТО, не мислев дека се способни за таква хипокризија. Посебно што одсекогаш идеалот на ВМРО бил Македонија дел од европското семејство. Да ги подсетам, лошите ученици по историја. Дека од 1923 г., од кога е формиран МПО македонскиот народ ужива голема подршка токму од САД. Но, и пред тоа на Версајската конференција кога САД, односно Претседателот Вудро Вилсон, врз основа на неговите 14 точки за правото секој народ да се организира во сопствена држава, бара Македонија да биде самостојна држава. Од тука не зачудува, или можеби некој ќе се зачуди, што Христо Матов во 1905 година бара Македонија да стане дел од САД. Секако и самото создавање на Република Македонија во 1991 г. е благодарение на САД и ЕУ.

Но, очигледно историските факти се слаба страна за раководството на ДПМНЕ. Поради ова и Изнотгуд (Александар Николоски-интервју на радио Лидер), славниот „занесувач на ташаци“ на „Прецедателот“ Мицкоски, јавно и експлицитно ќе застане на страната на окупаторот на Украинската држава. Целосно подржувајќи го неговиот претседател во ставовите виз а ви војната за окупирање на Украина, која некој се обидува да ја представи како Специјална операција, еуфемизам за војна која ги крши сите цивилизациски норми и меѓународното право, проследена со неброени невини жртви. Зошто ли го праќаа Изнотгуд по разни европски школи? Што ли си мислат во „Конрад Аденауер фондацијата“? Каква меѓународна политика и за чии интереси води и промовира Изнотгуд?

Напуштањето на фундаменталните принципи и политики на ВМРО, во дејствувањето на ДПМНЕ е основниот предуслов за создавање на лузерска политика на Председателот Мицкоски, која не носи ништо добро ниту за партијата ниту пак за државата. Кога се подготвуваше Мајскиот манифест, до Петар Чаулев, еден од креаторите на манифестот, Вождот Тодор Александров му упати писмо. Осознавајќи дека Чаулев станал агент на ГРУ (Советската воена служба) и добил за тоа голема парична награда, Александров му вели, поточно го моли во писмото, да ги врати парите и ја одкаже соработката. Доколку нема пари, а нема бидејќи ги потрошил на лагоден живот во Рим, Организацијата ќе собере пари само тој повторно да се врати на патот на Организацијата. Па, во контекст на моменталните штети кои ги прави Мицкоски со својата проруска политика, ќе му порачам; Христијане врати ги парите!!! Доколку немаш доволно Ние, членовите на ВМРО-ДПМНЕ, ќе собереме доброволен прилог!

Дали сега Ви е јасно што е фундаментот на лузерството на Мицкоски – среброљубието. Очигледно Буфот на Минерва знае да задоцни, не секогаш се појавува со првиот мрак.

Како што напомнав, Фракцијата ги артикулира вистинските вредности на членството. Една од тие секако е борба за подобра иднина преку спротивставување на криминалот, корупцијата и непотизмот. Оградувајќи се со приземни искажувања, како секој ГОЛЕМ МАЖ задскривајќи се зад „сукњата“ на жена си, Мицкоски се става во заштита на неговиот заменик Муцунски и очигледниот непотизам. Впрочем, како што ги штити и сите криминалии на неговите најблиски соработници, секако тоа го прави преку поддршка на Власта, токму онаа она криминалната, корумпирана власт на СДС. Не, тоа не е мислење на членството на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа членство јасно кажа дека е против непотизмот па нека е и на подпретседателот на партијата. Односно, бара да волшебствата на софтверот на Генералниот секретар на Владата, Рашковски, миленикот на Заев, бидат поништени. Со самото тоа што за овој случај се води судска постапка јасно е дека „производот“ на софтверот на Рашковски е нелегален и противзаконски, ништовен. Дали знае Мицкоски колку членови на партијата, која наводно ја води тој, беа одбиени наспроти одличните резултати на приемниот. Но, со помош на „умниот софтвер за непотизам“ на Рашковски, кој можеше да детектира кој е член на ВМРО-ДПМНЕ и поради политичката ориентација беа одбиен, како и тоа кој чие дете е или сопруга. Ова е една од основните причина за „Мисијата: Егзодус“ на нашите деца во европските земји, непотизмот и невладеење на правото, здушно со СДС креирани од Мицкоски. Како ќе им излезеш на очи на овие „твои“ следбеници, како ќе побараш да гласаат за тебе, што ќе ги лажеш за судските реформи, борбата со корупцијата и непотизмот? Невозможно е да ги покриеш твоите катастрофални политички грешки со медиумска пудра и оргазмични воздишки. Ех Христијане, Христијане несреќо наша!

Патем соработката на Мицкоски со Власта најочебијно се гледа низ театарот за инаугурација на новата влада. Позадината е многу интересна! Нашите политиканти следејќи го примерот на Бугарија, од избори во избори преку избори само и само да не се направи влада, впрочем од таму го научија и „бугарскиот воз“, за да се создаде вештачка криза и не функционирање на институциите, а на конто одредени интереси околу задолжувањата како и преговори за влез во ЕУ. Добар бенефит носат обврзниците за нашите политичко-олигархиски структури, дополнително, да не се сетат …, закочување на евроинтегративните процеси поради невозможноста да се направат уставни измени. Провидна политичка игра на режисерот од страна. Многу очигледна е надворешната рака која ја составува сложувалката, немојте да ми зборувате за некои теории на заговор, едноставно такво местење на деловите од сложувалката не е возможно без надворешна режисерска рака.

Откако пропаднаа обидите да се создаде конфликт помеѓу Бугарија и Македонија за ефемерни историски несогласувања, како и помеѓу Македонија и Грција за „Res judicata“ (завршена работа) околу автокефалијата на МПЦ-ОА, сега се пристапува кон План Б.

Но и во оваа политичка игра, за туѓи интереси на штета на македонската нација, Мицкоски го стави ДПМНЕ во функција на „монета за подкусурување“ преку која ќе се прекрши се. Политичкиот аналфабета со рудиментален политички поглед, никако да ги разбере правилата на политичката шах партија од која ќе излезе како инвалид, без и малку шанса да биде фактор на политичката сцена. Самиот „влечејќи“ потези се доведе во „пат“ позиција, со што дозволи Груби политички да уринира врз него. Жалосна фигура е Мицкоски и неговата братија, но уште пожалосни сме ние членовите на ВМРО-ДПМНЕ кои сето тоа го гледаме немоќно.

Дедо Герасиме, одамна те нема. Знаеш внучко кога во почетокот на 17-от век другарував со Галилео, додека беше во домашен притвор. Што? Ти си мислеше домашниот притвор го измислија „комуњарите“ за да се светат на „вмровците“. Разговаравме и многу споревме околу неговата теорија за гравитацијата. Изгубив во тие филозовски расправии и неговата теорија стана една од најголемите аксиоми на науката. Но јас сепак си останувам на моето, односно брзината на паѓањето кај политичарите е правопропорционална со тежината на нивната глупост, овде празна глава не помага да се одржиш на површината.

На денот на Св.преподобен Мартинијан (Велики Поклади – Прочка)

Вонреден професор д-р Оливер Андонов

П.С. На сите Вас кои ќе пристапите кон Големиот – Велигденски пост, Ви посакувам со смирение, лесен и од Бога благословен пост. Ве молам да ми простите за се што сум Ви згрешил, а што сигурно било без злоба и намера.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ВМРО-ДПМНЕ прво се извинија па сега откриваат…

Во два наврата претходно за време на…

СДСМ: ДПМНЕ одби клучни амандмани за земјоделците

Првиот амандман, кој имаше за цел да…

Двојни аршини: Кога должи фирма на министер…

Долг на фирма не е кривично дело,…

„И лавот му рече на орелот мјау“:…

Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ)…

(Видео) Николова: Мицкоски без грам совест и…

Предложениот ребаланс на буџетот не ветува дека…