Петровска: Вистински патриотизам е да преземеме чекори кои создаваат иднина за следните генерации

t

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во Скопје се обратилa на панел-дискусија на тема „Промовирање на демократијата, единство и мирот преку културна дипломатија во новата ера на конфликти и насилство“, како дел од Форумот за културна дипломатија.

Во своето обраќање, како што соопштија од МО, министерката Петровска се осврнала на моменталната безбедносна состојба во Европа која е, како што стои во соопштението, нарушена со бруталната руска агресија врз Украина и позицијата и искуството на Северна Македонија во градењето на функционална, стабилна и мултиетничка демократија која практицира европски вредности.

– Предизвиците кои се пред нас, дали тоа е вооружен конфликт, хуманитарни кризи или природни непогоди се комплексни и застрашувачки, а одговорот на овие предизвици е реафирмирањето на нашата заложба да бидеме единствени и да работиме заедно, нагласила министерката.

Петровска додала дека како земја-членка на НАТО, но и водејќи се од сопствените одлуки и заложби, Северна Македонија е посветена на колективната безбедност на Алијансата, како и на поддршката на Украина како европска демократија која има полно право да ја одбрани својата независност и сувереност.

– Алијансата е посилна и пообединета од кога било досега во зацврстувањето на колективната безбедност, како гаранција за сигурноста на НАТО и граѓаните на земјите-членки, подвлекла министерката.

Во контекст на културната дипломатија, министерката Петровска истакнала дека таа ги надминува политичките бариери и дека ни овозможува да се обединиме како човештво. Петровска се осврнала на историјата и научените лекции во 32-годишната независност на нашата држава – осамостојувањето на мирен начин, потпишувањето на Охридскиот и Преспанскиот договор за креирање на мултиетничка демократија и за продолжување на патот кон интеграцијата во НАТО, како и на потребата за превземање на следниот чекор кој ќе го отвори патот кон продолжување на интеграцијата во Европската Унија.

– Сите ние кои сме присутни, во нашето работно искуство и кариера научивме дека решавањето на тешките прашања побаруваат тешки одлуки кои се важен политички чекор кој гледа кон иднината наместо кон минатото, чекор кој нè води кон подобро утре за следните генерации. Тоа за мене е вистински патриотизам, заклучила министерката.

По обраќањето на министерката, панел-дискусијата продолжила со излагања на панелистите меѓу кои и Елмар Брок, поранешен претседавач на Комитетот за надворешни работи во Европскиот парламент, Наталија Гаврилита, поранешна премиерка на Молдавија, Мохамед Ханиф Атмар, поранешен министер за надворешни работи на Авганистан, Хасан Диаб, поранешен премиер на Либан и Фиона О’Луглин, членка на ирскиот Сенат.

Во своето излагање Елмар Брок, соопштија од МО, се осврнал на европската идеја и важноста на политиката за проширување и потребата од зголемување на ефикасноста во донесувањето на одлуки во ЕУ. Поранешната премиерка на Молдавија, Гаврилита, пак говорела за молдавското искуство во однос на руската инвазија на Украина, а поранешниот либански премиер Диаб, се осврнал на важноста на високото образование за развој на толеранција, инклузивност и културен диверзивитет кај следните генерации.

Панел-дискусијата поддржана од Министерството за одбрана се одржува во рамки на Светскиот форум за демократија и мир, како пет-годишен проект на Институтот за културна дипломатија. Дел од овој Форум се поранешни претседатели на држави и премиери од Западниот Балкан и Југоисточна Европа, министер од Авганистан, како и професори од Институтот за културна дипломатија, поранешни пратеници во Европскиот парламент и собранијата на земјите од регионот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Славјанка е новата министерка за одбрана?

Новиот лидер на СДСМ и мандатар за…