Пет акции ја „вртат“ Берзата – носат 84 отсто од прометот на Официјалниот пазар
Во услови на послаб промет кај дел од најликвидните акции, Комерцијална банка и во првата половина од годинава убедливо ја задржа позицијата на најтргувана акција на Македонската берза. Меѓу петте најактивни хартии од вредност има промена – Македонски Телеком се искачи на третото место, потиснувајќи ја Стопанска банка Скопје, која во истиот период лани беше меѓу водечките пет.
Со акциите на Комерцијална банка во првите шест месеци од годинава е остварен промет од 839,4 милиони денари (13,6 милиони евра). Низ 3.128 трансакции истргувани се 30.377 акции по просечна цена од 27.633,13 денари. Иако прометот е за околу една четвртина помал во однос на истиот период лани (1,1 милијарда денари), Банката останува убедливо најликвидното друштво на официјалниот пазар.
На втората позиција повторно е Алкалоид, но со значително послаб резултат. Со 15.645 акции се реализирани 1.724 трансакции, а вкупниот промет изнесува 392,7 милиони денари (6,4 милиони евра). Просечната цена на акцијата достигнала 25.101,49 денари. Во споредба со првата половина од 2025 година, кога прометот надмина 952 милиони денари, кај Алкалоид е забележано најголемо намалување на трговската активност меѓу водечките акции.
Промена на листата внесе Македонски Телеком. Со 390.824 акции и 775 трансакции, акцијата оствари промет од 193,2 милиони денари (3,1 милион евра), при просечна цена од 494,46 денари. Лани Телеком не беше меѓу петте најтргувани акции, што упатува на засилен инвеститорски интерес за оваа компанија.
Четвртата позиција ја зазема Макпетрол, со промет од 166,3 милиони денари (2,7 милиони евра). Во текот на полугодието се реализирани 474 трансакции, а истргувани се 1.496 акции по просечна цена од 111.200,53 денари. Во однос на минатата година, компанијата се помести едно место подолу.
Листата на петте најтргувани акции ја затвора НЛБ Банка, со промет од 165,7 милиони денари (2,7 милиони евра). Истргувани се 2.932 акции во 649 трансакции биле, а просечната цена за првото шестмесечје е 56.515,43 денари.
Само овие пет акции генерирале промет од речиси 1,76 милијарди денари, што претставува 84 отсто од вкупниот промет на Официјалниот пазар, кој во првата годинешна половина изнесува речиси 2,1 милијарда денари. Тргувањето на Македонската берза се базира на ограничена понуда, пред сè на банките, но и на акциите издадени од најголемите домашни корпоративни компании.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ВОЛСТРИТ ЏУРНАЛ: NVIDIA СЕ ПОДГОТВУВА ДА ГО…
Управниот одбор на американскиот технолошки гигант NVIDIA…
Мерц подготвен за разговор со Путин? Договорот…
Разговори меѓу германскиот канцелар Фридрих Мерц и…
АЛ-МАДА: САД ПОДГОТВЕНИ ДА ПРИФАТАТ ЧЕТИРИ ОД…
Соединетите Американски Држави наводно се подготвени да…
Охриѓанец исчезнал од семејниот дом, полицијата трага…
На 10.11.2026 година, во 17:00 часот, во…
Иран отвори прв воен камп за обука…
Иран го отвори својот прв воен камп…