ПИСА 2025: Македонија под меѓународниот просек — децата читаат помалку и знаат помалку
Резултатите од меѓународното тестирање ПИСА 2025, коишто беа објавени денеска (08.09), покажуваат дека Македонија и натаму останува значително под просекот на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) по математика, читање и природни науки. Најновата анализа открива пад на резултатите по математика во споредба со 2022 година, додека резултатите по читање и наука остануваат речиси непроменети.
Извештајот укажува на продолжена стагнација на образовниот систем, при што учениците постигнуваат резултати под меѓународниот просек.
Во тестирањето учествувале 6.977 ученици од 124 училишта, што претставува репрезентативен примерок од околу 90 проценти од популацијата на 15-годишници во земјата.
Читањето останува најголем предизвик
Анализата на ПИСА 2025 покажува дека најслабите резултати се забележани во читањето со разбирање, односно способноста на учениците да анализираат информации, да носат заклучоци и критички да размислуваат за содржините што ги читаат.
Во областа на науката, С. Македонија постигна среден резултат од 378 поени, што е под просекот на ОЕЦД кој изнесува 482 поени. Што се однесува до читањето, средниот резултат на учениците изнесува 357 поени, а во однос на компјутерско решавање проблеми, учениците од Македонија постигнаа резултат од 389 поени.
Особено загрижува фактот што само 26 проценти од учениците достигнуваат основно ниво на функционална писменост, наспроти 69 проценти во земјите на ОЕЦД. Практично, голем дел од учениците имаат тешкотии да разликуваат факт од мислење, да анализираат повеќе извори и да донесуваат аргументирани заклучоци.
Резултатите по математика се пониски од 2022 година
Највидливото влошување во споредба со резултатите од 2022 година е забележано во математиката. Учениците од Северна Македонија постигнале среден резултат е 380 поени, додека просекот на ОЕЦД е 463 поени.
Само 32 проценти од учениците го достигнале основното ниво на математичка писменост, во споредба со 65 проценти во земјите на ОЕЦД. Уште поалармантен е податокот дека само околу 1 процент од учениците достигнале највисоки нивоа на знаење во математиката, кои подразбираат способност за решавање сложени проблеми и математичко моделирање.
Резултатите се слични со оние од 2022 година, што укажува дека и покрај бројните реформи, не е постигнат суштински напредок.
Дигитални вештини и вештачка интелигенција: нов предизвик за учениците
За првпат ПИСА воведе посебна анализа на учењето во дигиталниот свет и на дигиталните вештини на учениците. Извештајот открива парадокс. Учениците поминуваат значително време пред дигитални уреди, но нивното ниво на дигитална писменост останува ниско.
Голем дел од учениците користат алатки со вештачка интелигенција, како ChatGPT, најчесто за подготовка на домашни задачи, сумирање содржини и пребарување информации. Сепак, анализата покажува дека употребата на овие технологии ретко придонесува за развој на критичко размислување или алгоритамско решавање проблеми.
Просечниот резултат на учениците од Северна Македонија во решавањето компјутерски проблеми е под просекот на ОЕЦД.
Дигиталното одвлекување на вниманието станува сериозен проблем
Еден од најзагрижувачките наоди во ПИСА 2025 е влијанието на мобилните телефони и дигиталните уреди врз учењето.
Околу 35 проценти од учениците изјавиле дека вниманието редовно им го одвлекуваат телефоните и другите дигитални уреди за време на наставата. Дополнително, 33 проценти од учениците пријавиле дека се попречени од користењето уреди од страна на нивните соученици.
Според анализата, оваа дигитална дистракција е поврзана со пад од околу 22 поени во резултатите по наука, што претставува еквивалент на речиси една изгубена учебна година.
Расте јазот меѓу најуспешните и најслабите ученици
ПИСА 2025 покажува дека во периодот од 2022 до 2025 година се продлабочил јазот помеѓу најдобрите и најслабите ученици во Северна Македонија.
Социјално и економски попривилегираните ученици постигнуваат значително подобри резултати од учениците кои доаѓаат од понеповолна средина. Сепак, извештајот нотира и позитивен податок. Околу 18 проценти од учениците од ранливи категории покажале висока академска успешност, што е над просекот на ОЕЦД.
Споредба со Балканот: Северна Македонија заостанува зад соседите
Во споредба со земјите од Балканот, Северна Македонија останува меѓу државите со најслаби резултати. Албанија има слични резултати, додека Словенија, Хрватска и Србија бележат значително подобри перформанси и се поблиску до европскиот просек.
Во природните науки, учениците од Северна Македонија освоиле 378 поени, што е подобро само од Косово (357), но значително под резултатите на Словенија (484), Хрватска (482), Албанија и Црна Гора (по 435 поени) и Србија (429).
Слична е состојбата и во читањето со разбирање. Учениците од Северна Македонија освоиле 357 поени, што ги става пред само Косово (341), додека зад себе имаат значително повисоки резултати Словенија (445), Хрватска (453), Црна Гора (418), Србија (415) и Албанија (408).
Најголемо заостанување е забележано во математиката. Северна Македонија освоила 380 поени, што е подобро само од Косово (351). Пред неа се Црна Гора (411), Србија (417), Албанија (433), Хрватска (455) и Словенија (460).
Како и во претходните циклуси, врвот на светската листа го предводат Сингапур и водечките источноазиски образовни системи. Меѓу најуспешните се и Јапонија, Јужна Кореја, Тајван, Естонија и неколку кинески образовни региони. Ирска се издвојува како најдобро рангирана земја од Европската Унија по читање, додека Австралија и САД бележат подобри резултати од просекот во повеќе категории.
Извор: DW / Автор: Даниела Трпчевска-Зафировска
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ПИСА 2025: Македонија под меѓународниот просек —…
Резултатите од меѓународното тестирање ПИСА 2025, коишто…
Шаќири не е задоволен од ПИСА резултатите
Резултататите од истражувањето на меѓународната студија ПИСА…