Поглед кон НАТО
Во целиот галиматијас, кој во јавниот дискурс се наметна минатата недела гледано низ призмта на толкувањето што тоа кажа и ни порача Урсула фон дер Лајен, а по принципот „изгубени во преводот“. Потоа со ТОЕФЛ сертификатот на директор(от)чето во АНБ заради кое Мицкоски се ќе даде но него не го дава, изградбата на Коридор 8, колоквијално наречен автопат Гостивар-Кичево (како само тој дел да е Коридор 8). Примена на принципот „Пу, Пу, не важи“ во однос на карактеризирањето на Бехтел и Енка. Како и епската борба на Мицкоски „за наше деке и баке“ (како што реков мали Вучиќ во секој поглед) како еден од клучните сегменти во неговото прво обраќање пред Собранието на седницата посветена на пратенички прашања. По докажувањето на тоа кој е најголем македонец на истата Собраниска седница, дојде моментот на вистината. Се претходно е токму во интерес на замаглување на крајниот момент на вистината, а тоа е „Годишниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија во процесот на пристапување кон ЕУ“.
Првиот поглед на извештајот дава заклучок накратко формулиран како: „Ништо ново“. Вториот дел од првичниот заклучок е: „Извештајот е полош од минатогодишниот“. Следен заклучок, кој е дециден, е: „Не треба да се провоцираат соседите и не спроведуваат договорите со Грција и Бугарија“, што е уште на почетокот експлицитно кажано од страна на ЕК. И додека да ни овозможат како на академска јавност да го имаме извештајот во целост на увид, со превод (сомнителен) или без него (изворно), додека и академската и експертската јавност да се изјаснат по поедини поглавја, во оваа колумна ќе фрлиме еден поглед кон нашето членство во НАТО. Ова пред се затоа што сите во Македонија мислиме дека како земја членка на НАТО воопшто не мора да погледнуваме кон оваа наше членство. Посебно затоа што и покрај нашето членство во НАТО, во Македонија упорно дури и со поддршка на власта се создава анти НАТО расположение.
Погледот кон НАТО за нас има значење во актуелниот миг посебно низ призмата на војната во Украина и проценките за можниот иден судир на Русија со НАТО. Во овој контекст се гледа и нашата улога во поддршката на Украина, нашата подготвеност за јасна и недвосмислена контрибуција во НАТО, подготвеноста за одбрана, особено за цивилната заштита и исполнувањето на основната стратешка цел на Македонија во рамките на одбраната. Заради Ваше запознавање, основната цел на одбраната е зачувување на биолошкиот минимум за опстанок на населението.
Доколку би пишувале во детали за сите овие прашање, никако не би можеле да ги опфатиме во целост во рамките на една колумна. Прашањето се сведува на фактичка констатација на состојбите, реалната подготвеност, но во прв план на нашата политичка волја за партиципирање во рамките на НАТО.
Прашањето за нашата политичка волја и практика за контрибуција во рамките на НАТО како земја членка на овој воено-политички сојуз е основата за соодветни анализи. Имено, токму нашиот јасен, не реторички однос кон партнерството во НАТО е инидикаторот преку кој може да се измери и анализира нашата политичка волја за припадност кон НАТО, а низ таа призма на степенот на изградба и засилување на довербата со партнерите.
Кога станува збор за довербата, реалните залагања за спроведување на одбранбените политики на НАТО и непосредното македонско учество, не зборуваме за тоа со колкави и какви сили би учествувале во рамките на мултинационалните единици на НАТО. Злобниците, односно противниците на нашето членство во НАТО, но и многумина недоволно информирани, како и самопрогласени експерти за воени и одбранбени политики коментираат дека ние даваме „топовско месо“ во единиците на НАТО. Уште повеќе коментарите се насочени кон мистификација на тоа што македонската армија како вооружување и борбена и неборбена опрема, минско експлозивни средства и муниција има отстапено како помош на Украина и како тоа ја разоружува нашата армија. Ова е вториот клучен индикатор преку кој се оценува вистинската намера на нашите политички водства во однос на нашата посветеност кон исполнување на заедничките одбранбени политики во НАТО.
Пред да ги објасниме и двата индикатори преку кои ќе го претставиме токму погледот кон НАТО, но низ призмата на нашите политички и практични залагања за активно учество, ќе дадам една напомена. Имено, и низ овие два индикатори неопходно е да се знае дека се работи за стратешки пристап на НАТО и тоа низ практично спроведување на утврдените стратешки одбранбени политики кои се темелат на целосни, издржани и на факти втемелени политички, воени, економски, техничко-технолошки анализи за можните воени предизвици и загрозувања на земјите членки на НАТО. Во нашиот случај тоа е посебно направено и во однос на Црноморскиот регион чија стратегиска длабочина е токму Македонија. На тоа се надоврзува и анализата и проценка за загрозеност на Балканот токму низ стратешкото влијание на Црноморскиот регион и неговата стратешка длабочина.
Најпрво, погрешна политичка одлука на владата на Мицкоски (овде нема да се занимавам со прашањето под чие влијание е донесена таа одлука) е одлуката за сопирање на изградбата на Коридор 8 и тоа посебно во однос на железничкото поврзување со Бугарија. За Македонија можеби оваа железничка пруга не е економски исплатлива, но е од исклучително стратешко значење, бидејќи ги поврзува Јонското (Јадранското) и Црното море, односно токму го решава прашањето на стратешко поврзување на Црноморскиот регион (Југо-источното крило) со Јужното крило на НАТО. За оние кои не разбираат што тоа значи во воен аспект со влијание врз политичко-економски аспект ќе им препорачам да прочитаат нешто за битката за Сталинград како историско наравоучение, а за оние кои ги интересира нешто по современо и имаат време да читаат сериозни нешта да ја прочитаат „Стратешка длабочина“ од Давутоглу (не е голема, нешто над седумстотини страници). И тука, со констатацијата дека Коридор 8 можеби не е најисплатлив економски, но е од стратешко значење за НАТО, а со тоа и за Македонија, и е од стратешки интерес за два поврзани региони, ќе го завршам сублимираното и наједноставно објаснување – одговор на прашањето: „Зошто е потребен Коридор 8“? Воедно ова е едноставна порака до владата на Мицкоски дека мора, повторувам, МОРА, веднаш, неодложно да го смени ставот по оваа прашање. Промената на овој став може веќе да се забележи под влијание на ЕУ и првичните технички состаноци помеѓу Скопје и Софија, но очекувам резултатите брзо да ги видиме на терен, а не само како празни состаноци без реална завршница. Можеби ЕУ и НАТО ќе треба да продолжат со убедувањето доколку владата на Мицкоски веднаш јасно и недвосмислено не започне со активности на терен и тоа не формално туку суштински и забрзано.
Втора погрешна одлука или поточно постапка на владата на Мицкоски, а стратешки многу важно за Македонија, повеќе во политички аспект, е упорното одложување на помошта за Украина. Одложувањето на испраќањето на воена помош за Украина претставува наше отстапување од заедничката политика на НАТО кон Украина и нејзина практична поддршка во борбата против агресијата од страна на Кремљ. Сега сите злонамерници, заблудени, излажани и под влијание на пропагандата од дезинформации веднаш ќе ме нападнат и кажат дека ја оставаме Македонија без одбрана, без оружје. Одговорот на оваа нивно м простачко тврдење е на две нивоа.
Прво, Македонија е земја членка на НАТО и доколку се случи напад врз неа по автоматизам ќе се активира членот 5 од Северноатлантскиот договор и тој што ќе изврши агресија врз Македонија ќе биде жестоко казнет. Доколку загрижените, сакаат да коментираат дека ни се заканува опасност од земја членка на НАТО или можеби од некоја соседна земја (не членка на НАТО) или пак од внатрешен пред се етнички вооружен конфликт можеме да дадеме многу јасни објаснувања. Агресија-напад врз Македонија од земја членка на НАТО не може да се случи, бидејќи никој нема да сака да ризикува санкции во рамките на НАТО истапувајќи надвор од сојузничкото однесување на добрососедство и партнерство. Доколку тоа беше реална и остварлива можност сетете се дека токму кога немавме никакво оружје освен вооружувањето на Територијалната одбрана веднаш по осамостојувањето, ниту Грција која тогаш беше единствена земја членка на НАТО во регионот не не нападна иако бевме во постојан вербален конфликт и недоразбирања. Современите и цивилизирани држави политичките конфликти ги решаваат на друг начин со ненасилни средства, па дури и моќта ја покажуваат низ примена на економска или друга мека моќ, секако доколку не се нападнати. Употребата на вооружени сили и класична агресија затскриена зад политички еуфемизми како „специјална воена операција“ се практична политика на некои други режими, не на влади на држави членки на НАТО и ЕУ. Напад врз Македонија од страна на сосед не член на НАТО, па нека е тоа и Косово, би значело брз и тотален крах не само за вооружените сили и политичките лидерства врз таа земја, туку и потполн колапс за граѓаните на таа земја гледано низ призмата на економијата и тоа со долгорочни последици. Внатрешен етно-политички судир во Македонија, кој би бил насилен-вооружен, во вакви геополитички состојби би значело обид за дестабилизација на регионот, односно на југо-источното крило на НАТО преку дестабилизација на една земја членка, поради што како владата така и политичкиот поттикнувач на конфликтот би ја завршиле својата политичка кариера засекогаш со директни не само политички последици.
Второ, каква е користа да се чуваат борбени средства, вооружување, муниција и борбена опрема која нема ефикасност во однос на современото водење вооружена борба, а во исто време бара огромни средства за одржување на минимална борбена готовност на единиците вооружени со вакви застарени борбени системи. Патем, ваквите единици не се во состојба да одговорат на потребите на заедничките мултинационални единици на НАТО во кои учествуваме, а од друга страна украинците имаат ремонтни центри во кои можат брзо да ги приспособат за борбена употреба и да ги употребат во одбраната на својата земја од агресорот Русија. Који модел на употреба на овие средства, посебно борбените средства ќе го употребат ќе зависи исклучиво и само од нивната тактичка процена и стекнато искуство на терен, наше е да им ги дадеме-подариме. А за „познавачите – експерти“ на војната, борбените системи и вооружената борба имам едно конкретно прашање: „Кое борбено возило е повеќе корисно од сите аспекти (огнена моќ, маневарски способности, балистичка заштита, тактичко-технички особини и одржување), Страјкерот или БТР-от?“
Токму затоа, од практични причини нема потреба да чуваме застарени борбени системи со истечени ресурси и скапи за ремонтирање и понатамошно одржување кои нема да ги употребуваме, како и муниција и минско-експлозивни средства кои се при крај на рокот на употреба и треба или да се уништат или да се ремонтираат што и во двата случаи се скапи процеси, и поевтино чини набавка на нова муниција и минско-експлозивни средства. Уште повеќе, употребата на некои видови на минско-експлозивни средства е забранета. Во секој случај потребно е да посветиме внимание кон техничко-технолошки развој на нови современи борбени и неборбени средства – системи како и на нови видови муниција за сите калибри на вооружување кои се употребуваат во македонските вооружени сили.
Последно, не помалку важно е тоа што ние како држава се уште должиме на Украина за помошта во текот на 2001 година, ако ништо друго заради тоа што токму Украина не Русија ни помогна во момент кога немавме никакви борбени системи посебно борбени воздухоплови.
Оттука нашиот – на владата пред се етички однос кон Украина е само уште една обврзувачка точка, покрај почитување на заедничките политики на НАТО кон Украина и поддршката на нејзината одбрана од агресијата која ја врши Русија.
Затоа, многу е важно, впрочем стратегиски неопходно за Македонија да го задржиме погледот кон НАТО и заедничките сојузнички одбранбени политики и практики, без да измислуваме разни изговори и фрламе око на друга страна кон некои други божем сојузници.
Погледот кон НАТО во рамките на владеачката коалиција очигледно единствено јасно, отворено про-НАТО, без флоскули и измами, со стратешко разбирање на одбранбените политики, го има и јавно промовира само „Внатрепартиската фракција за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ“.
Оливер Андонов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Црни сценарија од Будимпешта: Влез на Украина…
Пристапувањето на Украина во НАТО би значело…
Руте ја најави годишната нуклеарна вежба на…
НАТО ќе ја започне својата годишна нуклеарна…
НАТО распоредува 49 нови бригади во Европа
НАТО планира да ги зголеми своите сили…
Фицо продолжува по старо… Немало да дозволи…
Во неделата, словачкиот премиер Роберто Фицо вети…
Мисајловски: Продолжуваме да инвестираме во одбранбените капацитети…
Денеска заедно со претседателот на Владата, Христијан…