Објавено на:

Поразот на Мекгрегор и огромната заработка: 30 милиони долари за 69 секунди

t

Долгоочекуваното враќање на Конор Мекгрегор во октагонот по петгодишна пауза заврши на најлошиот можен начин. Во главната борба на настанот „UFC 329“, Ирецот го повреди коленото по само 69 секунди, што Макс Холовеј го искористи за брза победа со прекин. И покрај тешкиот пораз, Мекгрегор замина од Лас Вегас со огромна заработка.

Со самото влегување во кафезот, на Мекгрегор му беа загарантирани 15 милиони долари, без оглед на исходот од борбата. Кога на таа сума ќе се додадат процентите од продажбата на преносите (PPV), приходите од билети, спонзорските договори и маркетиншките активности, се проценува дека неговата вкупна заработка од овој настан ќе надмине 30 милиони долари. Со ова тој уште еднаш го потврди статусот на најисплатлива ѕвезда во историјата на ММА.

Мекгрегор во текот на кариерата само од борби, бонуси и проценти од продадени преноси заработи повеќе од 250 милиони долари. Вклучувајќи ги и неговите деловни потфати, како што е продажбата на брендот за виски Proper No. Twelve, неговото вкупно богатство се проценува на повеќе од 500 милиони долари.

Настапот на Мекгрегор, иако краткотраен, повторно покажа дека неговото име привлекува огромен интерес кај публиката, а UFC собори рекорд по заработка од билети. Од друга страна, Холовеј за победата доби загарантирани пет милиони долари и веднаш по борбата порача дека ваквиот исход бара нивна трета меѓусебна пресметка.

Останува отворено прашањето дали Мекгрегор, кој има 38 години, воопшто ќе се врати во октагонот. Новата тешка повреда, истекот на договорот со UFC и огромното богатство се причините поради кои многумина сметаат дека тој повеќе нема потреба да ризикува со здравјето.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ