Посвоените бараат пристап до своето потекло: „За жал, живееме во лага“

t

Посвоените лица во Македонија треба да добијат право да дознаат кои се нивните биолошки родители и да имаат пристап до документацијата за своето потекло, порача од Охрид Илија Јовановиќ, претседател на здружението „Градиме иднина“, пренесува МИА.

„Ова е горлив проблем, болна тема за посвоените кои трагаат по своите биолошки родители. За жал, живееме во лага“, рече Јовановиќ.

Тој информираше дека на работна средба со надлежното министерство и министерот Ѓоко Велковски било најавено формирање комисија која ќе работи на можни измени на законската регулатива.

Здружението бара измена или укинување на членот 123-а, за кој Јовановиќ тврди дека ги ограничува посвоените лица во пристапот до податоците за нивното биолошко потекло. Бараат и зачувување на изворниот идентитет во документацијата за посвојување.

„Како што им е дадено името од биолошките родители, така и да остане. Не смее целиот идентитет да се брише“, истакна тој.

Според Јовановиќ, многу посвоени лица со години се обидуваат преку социјалните мрежи и други канали да ги пронајдат своите биолошки родители, браќа, сестри и други роднини.

Тој предупреди дека непознавањето на биолошкото потекло може да создаде и сериозни проблеми во иднина.

„Не сакаме да дозволиме браќа и сестри да се разделуваат со посвојувањето, а потоа, не знаејќи дека се во сродство, да стапуваат во брак“, рече Јовановиќ, наведувајќи случај за кој тврди дека сродството било откриено дури по ДНК-анализа.

Јовановиќ ги повика посвоените лица да не се откажуваат од потрагата по своето потекло и најави продолжување на иницијативата за законски измени.

Поддршка за регионална соработка даде и Радиша Павловиќ од Србија, кој посочи дека земјите од поранешна Југославија треба заеднички да создадат механизам преку кој родителите и посвоените деца ќе можат полесно да дојдат до информации за своето потекло.

„Мора да направиме механизам за да можат и родителите и децата да дојдат до својата вистина. Колку и да е таа вистина болна, таа носи огромна болка и за родителите и за нивните деца“, рече Павловиќ.

Сродни организации од Македонија, Србија и Словенија најавија проширување на соработката и со организации од други земји во регионот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Посвоените бараат пристап до своето потекло: „За…

Посвоените лица во Македонија треба да добијат…

ФЗО: Боледувањето не се скратува, матичниот лекар…

Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување…

Мицкоски: Пензискиот систем е стабилен и во…

Имаме стабилен пензиски систем и во таа…

Повторно нападната малолетничка во Аеродром, друга снимала

Во СВР Скопје е пријавено дека малолетничка…

Пријавена втора смрт во болница под карантин…

Медиумски наводи за втор починат пациент во…