Последен поздрав денеска за баритонот Ристе Велков
Во Скопје денеска ќе се одржи погребната церемонија на првенецот на Македонската опера и балет, баритонот Ристе Велков, кој трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа на скопската обиколница кај клучката Мирковци.
Според информациите од Националната опера и балет, телото ќе биде изложено во капелата во 15:00 часот, додека погребот е закажан за 16:00 часот на гробиштата во скопската населба Нерези.
Матичната куќа се прости од Велков со голема тага, истакнувајќи дека тој оставил значаен белег на македонската оперска сцена.
„Со длабока почит и тага ќе се простиме од нашиот колега, уметник и пријател, чиј исклучителен глас и уметничко творештво оставија неизбришлива трага во македонската оперска уметност“, стои во соопштението.
Во трагичната сообраќајна несреќа животот го загубија четири лица. Покрај баритонот Ристе Велков (51), загинале и неговиот син Адам Велков, како и нивните другари Марко Ѓорѓиевски и Петар Миланов, сите на возраст од 20 години.