Почина италијанскиот дизајнер на накит и бизнисмен Паоло Булгари на 89-годишна возраст
Италијанскиот дизајнер на накит и бизнисмен Паоло Булгари почина на 89-годишна возраст, пренесе АНСА, повикувајќи се на неговото семејство. „Нè напушти најголемиот дизајнер на накит на нашето време“, се наведува во соопштението на семејството.
Семејството се сеќава на „извонредната личност на Паоло Булгари, неговата длабока човечност и талентот на претприемач кој ја сакаше Италија и беше нејзин амбасадор во светот“.
Погребот ќе се одржи во Рим во понеделник, 23 ноември, информира АНСА.
Кој беше Паоло Булгари?
Паоло Булгари е роден на 8 октомври 1937 година во Рим, како трет син на Џорџо Булгари и внук на Сотириос Булгари, основачот на истоимената луксузна куќа.
Уште на 18-годишна возраст се приклучил на семејниот бизнис, работејќи во сите сегменти – од набавка на суровини и работа во златарската работилница, до дизајнирање накит. Дизајнот станал негова најголема страст, а тој го наметнал смелиот италијански стил со богато обоени скапоцени камења, по кој брендот се разликува од традиционалната француска школа.
Во 1984 година, Паоло ја презел функцијата претседател на управниот одбор на компанијата, додека неговиот брат Никола станал потпретседател, а нивниот внук Франческо Трапани го презел оперативното раководење. Под нивно раководство, семејната работилница во Рим прераснала во глобална луксузна империја, проширувајќи го бизнисот со часовници, парфеми, модни додатоци и хотели.
Во текот на децениите, Паоло создавал препознатлив накит за бројни холивудски ѕвезди, меѓу кои Елизабет Тејлор и Никол Кидман.
Во 2011 година, семејството го продало мнозинскиот удел во компанијата на францускиот конгломерат LVMH, во трансакција проценета на 5,2 милијарди долари. По овој успех, богатството на Паоло Булгари достигнало милијарди долари, според рангирањата на „Форбс“.