Почина легендарната актерка и пејачка Оливера Катарина
Веста за нејзината смрт ја соопшти семејството, а информациите за комеморацијата и погребот ќе бидат објавени дополнително.
Оливера Катарина беше актерка, пејачка и писателка, која во текот на својата повеќедецениска кариера остави длабока трага во југословенската и светската уметност.
Особена популарност стекна со улогата во култниот филм „Собирачи на пердуви“ на режисерот Александар Петровиќ. Филмот беше номиниран за наградата „Оскар“ за најдобар странски филм, а освои и награда на Канскиот филмски фестивал.
Покрај забележителната актерска кариера, Оливера Катарина беше позната и по својот уникатен музички израз. Настапуваше на престижни светски сцени и во познати концертни сали, а со својот глас, убавина и харизма важеше за една од најголемите ѕвезди на поранешна Југославија.
Таа објави и неколку книги, потврдувајќи го својот талент и во книжевноста.
Оливера Катарина е родена на 5 март 1940 година во Белград, како Оливера Петровиќ. Во текот на кариерата настапуваше и под имињата Оливера Вучо и Оливера Катарина.
Во последните години од животот таа отворено зборуваше дека живее повлечено и дека била заборавена од голем дел од некогашните пријатели и колеги.
„Живеам сама меѓу своите четири ѕида, заборавена од повеќето пријатели и колеги. Го зачував достоинството и не сум депресивна. Никого нема да молам за ништо“, изјави музичката дива во едно од своите интервјуа.
Со смртта на Оливера Катарина, уметничката сцена загуби една од своите највпечатливи и најпрепознатливи личности.