Објавено на:

ПОЧНУВА ТРКАТА ЗА РАБОТНИЦИ ВО ОТВОРЕНИОТ БАЛКАН: Македонија може сериозно да ќари само од проектот „Отворен Бангладеш“

t

Од 1 јули и официјално се отвора пазарот на труд меѓу Македонија, Албанија и Србија, како дел од процесот Отворен Балкан. Тоа, според економисти и бизнисмени, ќе ја зголеми конкуренцијата меѓу компаниите и можноста да добијат работна рака што им недостига, а на работниците ќе им овозможи поголем избор на компании во кои би работеле, подобри услови за работа и повисоки плати.

Синдикатот, кој тврди дека нема доволно информации за тоа што ќе се случува, стравува од драстична ерозија на работничките права во трите земји и од пораст на незаконско однесување на работодавачите.

Економистот Маријанчо Николов смета дека слободното движење на работната сила треба да овозможи повисок раст на економиите на овие земји и поголема конкуренција на компаниите и работниците во регионот што ќе доведе и до поголема конкурентност кон другите земји.

– Очекувано е да се добие поголема конкуренција меѓу компаниите, која ќе овозможи подобрување на условите за работа, живеење и повисоки плати на работниците, а сето тоа ќе му овозможи на регионот подобар раст. Работниците треба да очекуваат да добијат повеќе можности да избираат каде ќе работат, подобри услови за работа и повисоки плати. Тоа значи дека имаме реална можност да овозможиме работници, ако ги подобриме и другите услови за живеење и платите. Но, најголема улога во реализацијата на овој процес ќе ја имаат државите, кои ќе треба да изградат контролни механизми кои нема да дозволат злоупотреби на законите и прикривање на работата на црно – вели Николов.

Според него, најголема конкуренција ќе се отвори кај компаниите кои вработуваат високостручен кадар, а најмногу проблеми ќе имаат трудоинтензивните компании кои не можат да очекуваат прилив на работници без повисоки плати.

– Гледано според она што го имаме кај платите, во земјава имаме најниска просечна плата, ниски плати во трудоинтензивните дејности и релативно високи плати во одделни дејности каде што работната сила е подготвена лесно да оди по подобри услови. Токму тука ќе биде и најголемата конкуренција, а компаниите да ги придобијат овие кадри ќе треба да понудат не само повисоки плати, туку и многу попримамливи услови за работа, образование на децата, за здравствена заштита и слично. Кај трудоинтензивните гранки, пак, состојбата е поразлична. Платите во овие гранки во земјава се пониски од просечната, а тоа ќе биде проблем за компаниите при обезбедување на работници од регионот ако не се свесни дека треба нешто да променат за да бидат атрактивни за работниците. За овие дејности државата ќе треба да размисли како да обезбеди доаѓање на работници од други земји, но само ако на нашиот пазар на труд веќе се исцрпени сите можности – вели Николов.

Бизнисмените не очекуваат големи промени со отворање на пазарот на трудот меѓу земјава Албанија и Србија, но велат ќе се намали работењето на црно во овие земји, а граѓаните ќе имаат повеќе можности за вработување.

– Нема голема разлика во однос на стандардот, за да има голема конкуренција за работниците во трите земји за да се очекува голем прилив или одлив на работници од 1 јули. Нашите работници ретко заминуваат да работат во Србија, а кај нас најмногу има работници од Албанија кои работат во земјоделството и тоа главно на црно. Придобивка од ова либерализирање на пазарот на труд очекувам да има кај намалувањето на работата на црно, бидејќи нема да има пречки за вработување на потребните работници од други земји и работодавачите нема да прибегнуваат да ги кршат законите – вели Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи.

Тој не очекува текстилната индустрија да има прилив на работници по либерализацијата на пазарот на труд во Западен Балкан.

– Како што реков, трите земји имаат сличен стандард и немаат разлики во атрактивноста кај работниците. Нема ниту големи можности за зголемување на платите со оглед на ниската продуктивност во дејноста и затоа не верувам дека работници би сакале да одат во другите две земји за да заработат слична плата или истото да ја напуштат земјава од слични причини. Затоа ние како гранка се подготвуваме за увоз на работници од земји со понизок стандард, кои ќе дојдат да работат за платите кои ги има во земјава – вели тој.

Синдикатите од трите земји не се подготвени за процесот кој ќе почне од 1 јули. Досега немале заеднички средби за да ги согледаат проблемите, но се плашат дека со отворањето на пазарот на труд би можел да придонесе да го продлабочи процесот на урнисување на правата на работниците, бидејќи работниците кои треба да дојдат од други земји нема да бидат организирани, а тоа им дава шанса на работодавачите да манипулираат со нивните права.

– Синдикатите немаат доволно информации за тоа како ќе се реализира овој проект меѓу трите земји од Балканот. Со оглед дека веќе е почнат процес на намалување на законските права на работниците во нашата земја, не сме сигурни колку ќе успеваме како синдикати да ги заштитиме работниците кои ќе доаѓаат од другите земји од злоупотребите од страна на газдите. Во овие случаи работниците самите ги договараат условите за работи и платите и затоа сметаме дека синдикатите ќе бидат немоќни да ги заштитат. Затоа сметаме дека е потребна поголема контрола од државата на целиот процес за да не им се наштети на работниците – вели Игор Герасов од ССМ.

Тој додава дека уште поголем проблем ќе има кога ќе почне увозот на работници од другите земји како Бангладеш.

– Тогаш треба да очекуваме натамошен пад на стандардот на работниците, бидејќи последните законски решенија во земјава одат во прилог на сето тоа – вели Герасов.

Според статистиките на трите земји еве какви се просечните плати. Во земјава во март е пресметана просечна плата од 34.925 денари (566 евра) , во Србија просекот е 85.485 динари (728 евра), а во Албанија просечната плата изнесува 189.659 леки (1.714 евра).

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Адвокат по грешка развел погрешна двојка

Мала компјутерска грешка во адвокатска фирма специјализирана…

Убиен работник од Украина во Славонски Брод

Во центарот на Славонски Брод во попладневните…

ЗАВРШИ ГЛАСАЊЕТО ВО ЗАТВОРИТЕ, НА БОЛНИТЕ И…

Вкупно 14-те гласачки места во казнено поправни…

(Фото) Апасиев се огласи со оптимистички пораки…

Апасиев се огласи на социјалните мрежи со…

11 лица незаконски работеле на Токсикологија

5 медицински сестри, 3 болничари, 1 лаборант…