По пет дена на респиратор, трудницата Нермин го победила Ковид-19: Тимот на „Систина“ се изборил за животот на мајката и бебето

t

Одморот на 36-годишната Нермин Али која дошла во Македонија од Шведска, каде што живее целиот свој живот, се претворил во кошмар откако 12 членови на нејзиното семејство се заразиле со ковид.

Нермин Али има 36 години, а борбата со ковид -19 ја водела како за двајца. Морала да ја победи и за себе и за детето што го носела во себе. И била храбра и за двајцата. Нејзината приказна има среќен исход. Таа сега има здраво бебе и се чувствува добро, а за тоа е заслужен тимот во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ на чело со д-р Патриција Каламарас кои се бореле заедно со неа.

Тие во овој случај освен за пациентката, се бореле и за плодот и тоа дополнително ја отежнувало ситуацијата, затоа што требало да се внимава и на терапијата и на целиот третман.

Нермин целиот свој живот живее во Шведска, а бидејќи нејзиното семејство е по потекло од Македонија, дошле тука на одмор. Но нејзиниот одмор се претворил во борба за живот.

Според д-р Патриција Каламарас, пишува на страната на „Аџибадем Систина“, кај Нермин, односно, кај 12 членови од истата фамилија се потврдил делта-сојот на коронавирусот. Само неколку дена по потврдата, ситуацијата на Нермин почнала да се влошува. Дополнителна тежина на случајот му давала нејзината бременост. Во тоа време Нермин била во 25. недела од бременоста.

„Во првите неколку дена ја ставивме на кислородна поддршка со релативно уредни параметри за потоа да почне со нагло влошување и пад на сатурацијата. Затоа одлучив и ја приклучивме на неинвазивна вентилација, за потоа состојбата да прогресира и бараше пациентката да се вклучи на механичка вентилација. Впрочем, кога немаше друг начин како да ѝ се помогне, механичката вентилација беше единствен избор. Тоа е исклучителна ризична состојба, ние не се боревме само да го спасиме нејзиниот живот туку се боревме да го спасиме и бебето. Овие пациенти се најтешки, најкомплицирани за да ги третирате“, вели д-р Каламарас.

Се внимавало на сите детали од лекувањето бидејќи во вакви случаи не смее да се користи агресивна терапија. Важно било терапијата да ѝ делува на пациентката, но во исто време да не му се наштети на плодот.

„Навистина е полесно кога пациентот не е во таква состојба, па може да се дадат и различни терапии. Во вакви случаи третманот е потежок и поодговорен. Ја баравме антибиотската терапија која е безбедна и за пациентката и за плодот“, вели д-р Каламарас.

Таа вели дека и покрај многуте болни, ваквите ситуации ја трогнуваат дополнително.

„Се бориме и ние и се молиме да се бори и пациентот, да издржи. Стресот е поголем кога се знае дека се бориме со непријател како што е вирусот ковид-19, кој е непредвидлив и сè уште не е дефиниран целосно. Она што за нас беше важно е тој мултидисциплинарен пристап. Цело време соработувавме со колегите од гинеколошкиот оддел. Секој ден имавме консултации и со колегите од анестезиологија водени од д-р Никола Шиков, кои беа составен дел од третманот кај пациентката“, вели д-р Каламарас.

Нермин била хоспитализирана во „Аџибадем Систина“ две недели, а од нив пет дена била и на механичка вентилација, односно на респиратор. Малкумина успеваат да го пребродат овој предизвик, но Нермин е светол пример. Откако успешно била тргната од механичка вентилација и добро напредувала, можела да биде пренесена и во Шведска.

Таа таму се породила и има здраво дете.

„Ни прати слики од бебето и јас сум навистина пресреќна. Тоа е енергијата што ја црпиме за да направиме сè. Ние спасивме два живота одеднаш. Тоа е посебно чувство. Секако и пациентката соработуваше многу. Го прифати целиот притисок и знаеше дека треба да се бори“, раскажува д-р Каламарас.

Нермин вели дека нема зборови со кои може да ја опише среќата. Сега е добра, а добро е и бебето. Се сеќава дека ѝ било тешко кога била во болница затоа што морала да мисли и за неа и за него. Но, имала сигурна потпора и знаела дека дошла на вистинското место.

„Јас бев бремена во 25. недела, многу ми беше жал што не можев да се справам со оваа ситуација бидејќи се чувствував многу лошо. Но, докторите ми помогнаа, особено д-р Каламарас Патриција. Ми помагаше многу. До крајниот момент беше со мене. Цело време дури се борев. Затоа од сè срце ѝ благодарам. Сега сум одлично“, вели Нермин.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Македонките се мажат најмлади во регионот, на…

Жените во Македонија најмлади стапуваат во брак…

ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ГЛАСА И СО…

Пратениците денеска го изгласаа Изборниот законик, со…

Исчезна 14-годишната Ринеса: Ако имате било каква…

Новинарот Фуркан Салиу, објави дека е исчезнато…

Европскиот план за развој на Западен Балкан…

САД ја поддржуваат ЕУ во намерата да…

Пендаровски-Османи: Заеднички напори за стабилност во регионот

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Приштина, во…