Преговорите меѓу Украина и Русија продолжуваат во Абу Даби
Трилатералните преговори меѓу Русија, САД и Украина во Абу Даби денеска продолжуваат, по првата рунда разговори одржана вчера, која траеше околу четири часа и се одвиваше зад затворени врати.
Според најавите, новата рунда треба да започне во девет часот по локално време. Руската делегација, предводена од помошникот на претседателот Владимир Медински, најави дека нејзините членови ќе се обратат пред медиумите по завршувањето на денешните разговори.
Првиот ден од преговорите беше оценет како конструктивен, но засега нема информации за конкретен договор или значителен напредок. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека разговорите биле конструктивни и суштински. Според него, делегациите разговарале за можни хуманитарни мерки, размена на воени заробеници, безбедносните гаранции за Украина и чекорите за намалување на тензиите.
Зеленски нагласи дека приоритет за Киев е ослободувањето на заробениците, но и воспоставувањето долгорочни безбедносни гаранции што ќе спречат повторување на војната.
Американскиот државен секретар Марко Рубио, кој не учествуваше директно на средбата, од Париз оцени дека разговорите биле продуктивни, но предупреди дека останува уште многу работа и дека не треба да се очекува брзо решение.
Американскиот претставник Џаред Кушнер, кој заедно со специјалниот пратеник Стив Виткоф ја предводи американската дипломатска иницијатива, изјави дека Вашингтон ги идентификувал преостанатите разлики меѓу Москва и Киев и има идеи како тие да се надминат.
Кушнер оцени и дека рускиот претседател Владимир Путин е подготвен за мир, но под, како што рече, „соодветни услови“. Тој додаде дека таквата проценка ја темели на разговорите што тој и Виткоф ги имале со рускиот претседател.
Од Кремљ, портпаролот Дмитриј Песков повика да не се изнесуваат предвремени проценки и прогнози додека преговорите се во тек, нагласувајќи дека Москва нема да ги коментира нивните детали.
Станува збор за први директни трилатерални разговори по пауза од девет месеци. И покрај позитивните оценки од американската и украинската страна, позициите на Москва и Киев и натаму се разликуваат во клучните прашања, особено во однос на територијалните барања и идните безбедносни гаранции за Украина.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Преговорите меѓу Украина и Русија продолжуваат во…
Трилатералните преговори меѓу Русија, САД и Украина…
Украина и Русија покажале „мала флексибилност“ за…
Украина и Русија во неформални разговори покажале…
ЕУ ќе воспостави присуство на својата воена…
Советот на Европската Унија одлучи да воспостави…
Мерц се закани со блокада на буџетот…
Германскиот канцелар Фридрих Мерц се заканил дека…
Во Абу Даби почнуваат трилатералните разговори за…
Во Абу Даби денеска почнува нова рунда…